Опкружен со своето семејство, сопругата и двете деца во својот дом во Калифорнија, британскиот принц Хари денеска ќе го прослави својот 40. роденден. Неколку дена пред роденденот изјави дека неговата мисија во следната декада е да прави добро во светот. Тој додаде дека, иако бил загрижен да наврши 30 години, сега со нетрпение го чека својот 40-ти роденден.
Војводата изјави за Би-би-си: „Бев вознемирен за 30, возбуден сум за 40. Без оглед на возраста, мојата мисија е да продолжам да се појавувам и да правам добро во светот“.
Го одбележуваме роденденот на принцот Хари со автобиографијата „Резерва“. Книгата на македонски јазик е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Мемоарите на војводата од Сасекс за кратко време по објавувањето на почетокот на оваа година станаа еден од најбараните наслови.
Според Гинисовата книга на рекорди, „Резерва“, на денот на нејзиното излегување во печат, станала најбрзо продаваната книга од областа на нефикцијата на сите времиња. Книгата е бестселер на „Њујорк тајмс“ и доби генерално позитивни оценки од книжевните критичари. Тие ја пофалија отвореноста на Хари.
Во книгата, принцот Хари открива детали од неговото детство и длабокиот ефект од смртта на неговата мајка Дијана, принцезата од Велс, како и неговите проблематични тинејџерски години и последователното распоредување во Авганистан со британската армија. Пишува за односот со неговиот брат, принцот Вилијам, и неговиот татко, кралот Чарлс Трети, и бракот на татко му со Камила Паркер Боулс, како и за неговото додворување и бракот со американската актерка Меган Маркл, сè до повлекување на двојката од нивните кралски улоги.
Во неа, по првпат, Хари ја раскажува неговата приказна со сурова и непоколеблива искреност. Оваа исклучителна книга ни дава увид во откровенијата, самоиспитувањето и тешко стекнатата мудрост за вечната моќ на љубовта над тагата.
Една од највпечатливите фотографии на 20 век е таа со две момчиња, два принца, кои чекорат зад ковчегот на нивната мајка додека светот гледа со тага – и со ужас. Додека траеше погребот на принцезата Дијана, милијарди луѓе се прашуваа што мислат и што чувствуваат принцот Вилијам и принцот Хари – и како ќе се одвива нивниот живот од тој момент понатаму.
За Хари, ова е конечно таа приказна.
Книгата „Резерва“ е достапна во сите поголеми книжарници во нашата земја и онлајн преку www.literatura.mk.