На денешен ден (10 јули) во 1856 година е роден познатиот научник, истражувач и пронаоѓач Никола Тесла. Најмногу е познат по револуционерните откритија во областа на електромагнетизмот. Важи за еден од најголемите и најпочитувани светски научници. Починал на 7 јануари 1943 година во Њујорк.
Во чест на роденденот на Тесла, се навраќаме на неговата автобиографи „Моите изуми“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, која е една од најбараните книги во книжевниците на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.
Малку луѓе во историјата дале толкав придонес кон погодностите на современото секојдневие како Никола Тесла. Неговите дела овозможиле електричната енергија да допре до сите катчиња на нашата планета, а нејзината примена да експлодира во безброј области на човековиот живот – процес што речиси незапирливо продолжува многу години по неговата смрт. Оставината на Тесла е богата, секогаш актуелна и неисцрпен извор на инспирација. Но, и покрај тоа што влијанието на Тесла е толкаво што е речиси невозможно да се исцрпат епитетите, неговата застапеност во јавниот дискурс е изненадувачки мала, особено во западната културна сфера. Оваа автобиографија дава увид во фасцинантниот внатрешен свет на еден од најголемите гении, но притоа на разбирлив јазик зборува и за техничката природа на неговите изуми. Правејќи го тоа, Тесла на посреден, но уверлив начин ни ја презентира својата визија за еден подобар, поправичен и помирен свет, чијашто благосостојба не е нуспроизвод на борбата за профит, туку е резултат на искрената, автентична желба за подобар живот на сите, без очекување награда.
Никола Тесла е роден пред 166 години во Смилјан, во Лика, тогаш воена граница во состав на Австрија. Роден е во семејството на Милутин Тесла, свештеник на Српската црква. Неговата мајка Ѓука исто така потекнува од свештеничко семејство – Мандиќ од околината на Грачац.
Школувањето го почнал во родното место, Смилјан, го продолжил во Госпиќ и Карловац, студирал во Грац и Прага, но никогаш не ги завршил студиите. Пред 1884 година, кога тргнал накај САД, работел во Марибор, Пешта, Стразбур и Париз.
Ја напуштил Европа со надеж дека во Њујорк, тогаш славниот иноватор и индустријалец Томас Алва Едисон, за чија компанија работел уште во Париз, ќе му помогне да ги реализира неговите технички иновации. Меѓутоа, во компанијата на Едисон останал помалку од една година и уште во 1885 година во Њујорк ја основал сопствената компанија „Тесла“ и почнал со првите модели предвидени за користење на наизменична струја – иновација што го преобрази светот. Инаку, Едисон бил голем противник на изумот на Тесла, бидејќи во производството на еднонасочна струја претходно вложил голем капитал.
Тесла е најпознат по своите револуционерни откритија во областа на електромагнетизмот кон крајот на XIX и почетокот на XX век. Патентите на Тесла и неговата теориска работа стануваат основа за формирањето на целокупниот систем на наизменичната струја, вклучувајќи го и конструирањето на полифазните системи (поточно трофазните), како и на индукцискиот мотор, со кој се претвора во предводник на Втората индустриска револуција. По Тесла е наречена мерната единица за јачината на магнетното поле.
По неговата демонстрација на безжичната комуникација (радиото) во 1893 година и откако е прогласен за неоспорен победник во „Војната на струите“, тој станува најпочитуваниот и најголемиот американски и светски научник.
Покрај неговата работа во областа на електромагнетизмот и инженерството, генераторите, Тесла остава свој печат и во областа на роботиката, конструирањето на далечинскиот управувач и радарот, како и во развивањето на компјутерската наука, балистиката, нуклеарната и теориската физика. Во 1943 година, Врховниот суд на САД го прогласи Тесла за единствен пронаоѓач на радиото.
Иако бил номиниран за Нобелова награда, никогаш не го добил ова големо признание.
Книгата „Моите изуми“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на следниот линк:
https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13514