Со цел да се насочи вниманието на јавноста на сите обврски што општеството ги има кон децата, како и на најважните проблеми со кои се соочуваат децата, на 20 ноември, на глобално ниво, се одбележува Светскиот ден на детето.
На овој датум, во 1959 година, Генералното собрание на ОН ја усвои Декларацијата за правата на детето, а во 1989 година ја усвои и Конвенцијата за правата на детето, во која се нагласува дека сите деца имаат права што произлегуваат од оваа конвенција, без оглед на тоа кои се, каде живеат, што им работат родителите, дали се сиромашни или богати, на кој јазик зборуваат, на која религија или култура ѝ припаѓаат, дали имаат некоја попреченост или инвалидитет. Конвенцијата ја ратификувале 193 држави, а нејзините основни принципи се правото на живот, опстанок и развој, најдобриот интерес на детето, правото на партиципација, како и правото на недискриминација. Сепак, покрај одредбите на Конвенцијата и напредокот што е постигнат, статистиката покажува дека децата и понатаму се соочуваат со големи предизвици.
Децата се во фокусот на книжевниот свет со векови. Тие се инспирација и мотивација за творештвото на многубројни книжевни великани. За нив напишани се многубројни книги, песни, драми, насликани се цртежи и илустрации. Една цела литературна гранка, во улога на родител/воспитувач во сенка, расте паралелно со секое дете. Литературата за деца има цел да ги едуцира и да ги информира најмладите, да ги поттикне да креираат, да размислуваат, да творат и да бидат љубопитни, да прашуваат и да најдат одговори. Книгите за деца често се моралниот компас, кој им посочува на децата, но и на возрасните, што е добро или лошо.
Во чест на Светскиот ден на детето, дел од најзначајните домашни и регионални автори и илустратори, чиишто книги се дел од издавачкиот опус на „Арс Ламина“, напишаа посвети за децата. За тоа како книгите можат да ги едуцираат, поттикнат и да ги поддржат и заштитат децата при остварување на своите права и како книжевноста треба да го „чува“ детето зборуваат македонските автори и илустратори: Ване Костуранов, Велко Неделковски, Владимир Мартиновски, Ана Голејшка Џикова, Владо Димовски, Христина Стефановска, Оливија Георгиевска, Калиопи Трпчева, како и српскиот писател Стефан Тиќми.
Ване Костуранов: Книгите им овозможуваат шанса за подобар живот на децата
Познатиот автор и илустратор на книгите за деца „Ѕвездено дете“, „Девојче и мече“ и „Девојчето и градот“, а се јавува и како илустратор и на сликовницата „Мирко Немирко“ (по текст на Ана Ѓокиќ), сите во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, вели дека книгите им овозможуваат шанса за подобар живот на децата.
– Уште од дете цртањето за мене носи огромно задоволство, но да се пишува и да се црта за деца е да се засади семето на надежта за еден многу поубав свет. Децата кои читаат не го живеат само нивниот живот туку и животите на хероите од книгите, па така полесно можат да ѕирнат во умот или срцето на некој лик и таму да пронајдат дел од нив самите. Преку книгите децата учат за емпатијата, ја градат нивната самодоверба, доживуваат авантури што ги прават посилни и послободни луѓе. Право на секое дете е да порасне во најдобрата верзија од себеси, а најубавиот начин да се успее во тоа е преку читањето книги, тие несомнено ќе му помогнат да го сознае светот и да го пронајде неговото место во него, да ги разбере своите чувства и емоции, да ги почитува и да ги сака другите и уште поважно – да се почитува и да се сака себеси.
Секое дете заслужува шанса за подобар живот, а книгите и едукацијата се најдобрата можност да се овозможи тоа.
Велко Неделковски: Децата се нашата сончева сегашност, но и надежна иднина
Еден од најзначајните македонски раскажувачи, романсиер, драмски писател, поет и сценарист, Велко Неделковски, во својата долгогодишна кариера има објавено многу книги за деца и млади. Издавачката куќа „Арс Ламина“ публикува повеќе негови дела, меѓу кои и книгите: „Збунети години“, „Шармери од осмо“ и „Симчо“. Во чест на Светскиот ден на детето тој вели:
– Литературата за деца и млади, силно, би рекол, искрено и моќно, речиси на секоја своја страница ги истакнува правата на децата. Тие се мали, но само по возраст, инаку се рамноправни жители како и возрасните, во сите области на животот. Децата се нашата сончева сегашност, но и надежна иднина на човековиот род. Тие се чувствителни и кревки и никако сами не би можеле да ги остварат неопходните права на среќно детство, на пристојни оброци и облека, на топол дом и правилно едуцирање. Писателите за деца, но и илустраторите, низ конкретни приказни, односно содржини и ликови, секогаш ги поддржуваат правата на децата, ги искажуваат, се борат за нивно целосно исполнување. Секое дете има некоја или повеќе омилени книги, кои подоцна како возрасен, ќе ги чува во најинтимните катчиња на своето срце, ќе ги памети и ќе се потсетува на радоста при читањето, на скапоцените поуки и пораки, вткаени во волшебните раскажувачки ликовни содржини. Лично јас, и покрај технолошкиот развој, верувам дека старите, а секогаш нови книги, ќе останат и ќе опстојат како посакувано друштво на уште многу детства. Поздрав до сите деца на планетата Земја. Среќно растење и возвратна корисна дружба со скапоцените светови на нејзиното височество – книгата. Денот за правата на сите деца е голем светски празник – нека е честит и од името на сите милијарди букви од сите досега напишани и идно замислени книги!
Владимир Мартиновски: Книгите се расадници со фиданки на добрината кои бргу виреат во чистите детски души
Поетот, прозаист, есеист и професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Владимир Мартиновски, со многу публикации зад себе, меѓу кои и „Дур дишам се надевам“, во издание на „Арс Ламина“, вели дека книгите за деца ја поттикнуваат имагинацијата, критичката мисла и добрината кај најмладите.
– Една од главните задачи на возрасните е да се грижат за сегашноста и иднината на децата, кои неретко не ги знаат доволно своите права. Но, возрасните неретко потфрлаат во таа задача: во денешниов суров свет, милиони деца секојдневно се соочуваат со глад и жед, експлоатација, воени закани и прогонства од домовите, но и со голем број потешко препознатливи облици на насилство и најразлични закани. За сите нив, но и за сите деца воопшто, образованието, литературата и сите уметности се духовни оази што треба да им бидат достапни во секое време. Добрите книги за деца едновремено се мрестилишта на идеи, прибежиште на вредности, катапулти на имагинацијата и критичката мисла, расадници со фиданки на добрината кои бргу виреат во чистите детски души. Децата со својата искреност лесно ги препознаваат тие книги. Кога се отворени и кога се читаат заедно со сликите поместени во нив, добрите книги за деца се истовремено штитови од суровиот свет, но и отворени прозорци кон бескрајните простори на човековата креативност.
Стефан Тиќми: Книжевноста нуди бегство во поубав свет, во памукот на буквите
Почитуваниот српски автор Стефан Тиќми, чијшто наградуван роман за деца „Јас сум Акико“, на македонски јазик е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, вели дека книжевноста го „чува“ детето со тоа што му го нуди најубавиот можен начин за изразување, за кажување.
– Во нас се случуваат толку многу нешта што најчесто и не знаеме да ги именуваме. Затоа, пелтечиме за нив. Книжевноста го „чува“ детето со тоа што му го нуди најубавиот можен начин за изразување, за кажување. И тоа на глас: слаткоречиво, зборовно, метафорично или со гег, убивајќи го немуштото, заумното. Книжевноста нуди бегство во поубав свет, во памукот на буквите. И тоа не моментно, инстантно, туку како квасец – постепено. Му укажувам почит на детето со тоа што му премолчувам многу нешта, а потоа се потпирам на неговото дофантазирање. Може да се рече: се разбираме со навестувања. Јас сум тој што само ја почнува сликата; што само ја насетува. Сѐ друго им препуштам на младите читатели и читателки. Кај мене хероите често пелтечат, сакаат да кажат нешто, но не им оди секогаш, па мрморат. Сето време ги наслушнувам и кога ќе чујам дека проговориле со некаков впечатлив книжевен глас, почнувам да го запишувам она што ми го кажуваат, збор по збор. И потоа редам поетски слики. Си играм. Така настанаа и Акико и Најден. Според моето мислење, за да биде интересна книгата за деца и за млади, потребно е само едно нешто: редоследот на „сцените“ да биде многу, многу откачен и полуд од нивната фантазија, за да ги изненади. А тоа не е баш лесно, мораме да признаеме. За едно кратко литерарно детско „уау“ потребни се години.
Ана Голејшка Џикова: Наша одговорност е да бидеме искрени со децата
Поетесата и авторка на повеќе книги за деца, меѓу кои и сликовницата „Веселата зграда“ (издание на „Арс Ламина“), смета дека авторите што се занимаваат со креирање содржини за деца имаат голема одговорност да бидат искрени пред себе и само така ќе бидат искрени и пред децата.
– Детската литература е првиот браник на јазикот, прва комуникација на детето со домашната книжевност и свет. За мене е од преголема важност и одговорност што можам и умеам да го сместам своето творештво за нивните најкревки потреби за знаење, за учење и радување. Мислам дека во сите свои книги успеав да го пренесам едукативниот сегмент по интуиција, затоа што во сите тие изданија има некаква основна вредност што е приближена до децата. Тие се големи луѓе, децата. Со нив нема калкулации во поглед на содржината, пристапот и елоквентноста. Јас тргнувам и од детето во себе – ќе ме заигра ли овој стих? Ќе ме научи ли на нешто? Ќе ми го отвори ли малку пошироко светот за кој знам? На тој начин го чувам и детето што чита, но и детето во себе, давајќи му ја слободата да учи и да сознава на наједноставен начин. Сметам дека сите уметници што се занимаваат со креирање содржини за деца имаат голема одговорност да бидат искрени пред себе и само така ќе бидат искрени и пред децата. Тие се најголемите нови идни читатели и заслужуваат квалитетна, чесна содржина што ќе ги направи подобри луѓе.
Владо Димовски: Да се обидеме на децата да им ја покажеме светлата страна на животот
Познатиот писател Владо Димовски, чиишто дела се едукативните јазични книги за деца, родители и наставници „За секоја буква приказна“ и „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“ (со Јордан Јорданоски), во издание на „Арс Ламина“, вели дека овој ден треба да нè потсети на обврските што ги имаме кон децата и како поединци и како општество.
– Децата, како високо ранлива група многу лесно можат да бидат изложени на злоупотреба и насилство. Тука се уште сиромаштијата, лошите услови за здрав и активен живот, сè уште имаме недозволена трговија со деца, злоупотреба на детскиот труд. Секое дете си има свои желби, соништа. Да се обидеме да им ги оствариме и да им ја покажеме светлата страна на животот и воопшто на светот. Да им ги доближиме книгите. Да ги мотивираме авторите, илустраторите, уредниците и издавачите да издаваат книги со кои ќе растат новите генерации. Да им понудиме приказни што ќе ги поттикнат да размислуваат, слободно да го кажат своето мислење и да се изборат да бидат слушнати. Да ги насочиме кон читањето, бидејќи преку идентификација со ликовите од книгите за деца, најлесно се едуцираат и се усвојуваат нови содржини. Токму во светот на книгите, на фантазијата, тие се чувствуваат среќни, безбедни и слободни.
Христина Стефановска: Важно е да ги научат и да ги разберат своите права
Авторката на четирите психолошки прирачници: „Кога Мешко се лути“, „Кога Ушко се плаши“, „Кога Сончка е среќна“ и „Кога Летко е тажен“, Христина Стефановска, која е лиценциран дипломиран психолог, кој исклучиво работи на теми поврзани со деца и адолесценти цели дека, за жал, правата на децата сè уште не се остваруваат секаде.
– Како што знаеме, Конвенцијата на правата на детето е усвоена на Генералното собрание на Обединетите нации во 1989 година, а стапува во сила на втори септември 1990 година и со тоа се загарантирани правата на детето, но изминативе 30 години никако целосно да се реализираат. За жал, сè уште постои најлош вид на детски труд и експлоатација, сексуална злоупотреба, детска порнографија, дискриминација, насилство итн., каде што правата се кршат и судството се става на тест. Семејството како основна единица на општеството, која е потребна и природна средина за хармоничен развој на личноста на детето треба да биде, пред сè, заштитена за да ја преземе целосно одговорноста во заедницата и да обезбеди благосостојба на членовите во семејството. За правата децата учат уште од најрана возраст, празнуваат таканаречена „Детска недела“, но најмалку важно е децата напамет да ги научат своите права, многу поважно е да ги разберат, да им се доближат преку реални и можни примери, за да се развие превенција во осетот и знаењето на детето кога всушност се крши неговото право и, најважно, детето за своите права учи преку авторитетите. Тоа што го зборуваме, детето треба да го види на дело.
Оливија Георгиевска: Најважно е децата да растат во среќа и љубов
Авторката на сликовниците „Игра со глаголи“ и „Игра со именки“, Оливија Георгиевска, вели дека книжевноста е најоглемиот чувар на детската душа.
-Самиот чин на творење започнал од раскажувањето бајки, басни и приказни, сè со цел детето да биде подучено, да се развеселува или да се успива. Затоа и првите творби на светот се зачнати со идеја и желба, точно на детето да му се пренесе искуството на животот, решавањето на предизвиците и идејата дека животот треба да се живее со искрена љубов и чистота. Децата се невиноста на срцата, искрените, спонтани и отворени прашања за сè околу нас, па така делата се искуства и размисли од децата, кога зборуваме за детската литература, а потоа и самите во една спрега имаат огормно влијание на развојот на децата. Што почисти се приказните, што повеќе носат поука за вистинскиот начин на однесување и живеење, дотолку ќе имаат поголемо влијание врз понатамошниот развој во луѓе. Кој е тој човек на светот кој нема барем една прекрасна сликовница, гатанка, песничка на која со носталгија се сеќава на својата најголема среќа, радост и безгрижност. Затоа и најважно е децата да раста во среќа, љубов, прифатеност и со многу насмевки.
Калиопи Трпчева: Книжевноста им го „слика“ светот на децата, укажувајќи им што е добро, а што лошо
Авторката на изданието за креативни родители, „Радосница“, Калиопи Трпчева, која е илустратор на многубројни книги за деца и лектири, вели:
– Книжевноста за најмладите им го „слика“ светот на децата, укажувајќи им на нивното место, значење и потреба од заштита во светот на возрасните. Детската книжевност искажува одредени вистински вредности и ситуации, прикажани преку приказните со магија и неограничена фантазија. Преку стихови, приказни, илустрации и други форми ги истакнува правата на децата, ги заштитува, а воедно и ги едуцира. Литературата го „чува“ детeто со тоа што уште од најрана возраст го подучува за тоа што е правилно, а што не, што е лага, а што вистина, што е убаво, а што грдо во животот. Се идентификувам со децата и им искажувам почит преку моите колоритни илустрации, преку кои се надевам дека уште повеќе ќе ги засакаат книгите и сликовниците.