Четирите психолошки прирачници од Христина Стефановска: „Кога Мешко се лути“, „Кога Ушко се плаши“, „Кога Сончка е среќна“ и „Кога Летко е тажен“, ќе бидат промовирани денеска (16 ноември, вторник), во 17.30 часот, во НУ Библиотека „Гоце Делчев“ во Штип. Промотор на книгите ќе биде м-р Јована Рилак.
Во рамките на промотивниот настан, Стефановска, која е лиценциран дипломиран психолог, кој исклучиво работи на теми поврзани со деца и адолесценти, ќе одржи и работилница за деца.
Книгите се дел од едицијата „Железница на чувствата“ и се во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Нивната цел е да им помогнат на децата да ги препознаат четирите доминантни емоции кај себе и кај другите, да научат да се справуваат со нив и да ги канализираат на креативен начин.
Низ лесни, едукативни и интерактивни приказни и активности, Стефановска ги насочува децата да се посветат на своите емоции и да работат на нивното прифаќање и трансформирање во нешто позитивно и корисно. Преку однесувањето и манифестирањето на емоциите на четирите лика – лутото еже Мешко, плашливото зајаче Ушко, тажното славејче Летко и среќната срничка Сончка, и преку придружните активности по секоја приказна, децата ќе научат да ги препознаваат и да ги разликуваат емоциите кај себе и кај другите луѓе, ќе стекнат увид во причинителите на емоциите, ќе откријат конструктивни начини за справување со емоциите и ќе создадат навика за корисно структурирање на слободното време.
Овие интерактивни психолошки прирачници за деца и возрасни претставуваат комбинација од психолошки приказни со психоедукативен карактер за родителите и возрасните. Содржат родителски вештини, но и психолошка советодавна интервенција кај дете кое се соочува со дадена ситуација преку процесот на рефлексија на емоцијата и однесувањето, при што се постигнува ефект на огледало и увид во себе, како и понудени вештини за детето во справување со емоцијата со која се соочило. Кога детето ја чита приказната и воедно се пронаоѓа во неа, има чувство на разбраност и психолошка поддршка, што всушност му ја нуди приказната. По секоја приказна во нив следуваат низа вежби, задачи и игри поврзани со емоцијата што го поттикнуваат детето на активност и ги јакнат неговите капацитети за себегрижа, себеразбирање и себељубов. Во прирачниците постојат и вежби што имаат намена да ја зацврстат сликата за себе кај детето и да предизвикаат подобра автоперцепција. Емоционалното описменување на децата е императив и е од исклучителна важност за градење на здрав и психолошки зрел менталитет.
Христина Стефановска високото образование го завршува на Институтот за психологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Потоа, своето надградување го насочува кон часови по интегративна психотерапија под водство на д-р Благоја Јанаков, универзитетски професор. Се стекнува со сертификати од УСАИД, како и сертификати на теми за „арт и плеј“ техники во психотерапијата со деца и адолесценти, методи на процена на личноста на детето, процена и анализа на детскиот цртеж, превенција од врсничко насилство, ненасилна трансформација на конфликти, поддршка на родители на деца со посебни потреби итн. Таа е стручен соработник и дописник на интернет-страницата „Деца.мк“. Во рамките на оваа интернет-страница врши активно учество во рубриката „Прашај психолог“, каде што одговара на поставени прашања од читателите. Својата приватна практика со деца и адолесценти ја врши во рамките на здружението „Хармоничен свет“. Врши онлајн-психоедукација на јавната свест на теми поврзани со детска психологија, родителствување, воспитување итн., преку фејсбук-страницата „Детски психолог“.
Книгите се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн, преку www.literatura.mk, а ќе можат да се набават и за време на промоцијата во НУ Библиотека „Гоце Делчев“ во Штип.