За малите читатели

Дамјан Николовски: Со едицијата Лесно читливи лектири се подигнува свесноста за дислексијата

26.10.2021.
Дамјан Николовски: Со едицијата Лесно читливи лектири се подигнува свесноста за дислексијата

Во светски рамки, октомври се одбележува како интернационален месец за подигнување на свесноста за дислексијата. Меѓу најзаслужните за запознавање на нашата поширока јавност со оваа состојба на тешкотија при читањето и разбирање на прочитаното е Здружението за дислексија „Ајнштајн“.

Целта на оваа организација, основана пред седум години од родители на деца со дислексија и од лица со дислексија, е да помогнат на илјадници лица кои се соочуваат со специфични тешкотии во учењето и нив да ги актуализираме во нашата држава. Мисијата на „Ајнштајн“ е подигање на јавната свест за дислексија и други тешкотии во учењето преку информирање и едукација на наставен и стручен кадар, млади, родители и другите граѓани, соработка со образовните институции и застапување на правата на лицата со дислексија и со други тешкотии во учењето.

Една од најзначајните активности на „Ајнштајн“, што трае во текот на целата година, е соработката со издавачката куќа „Арс Ламина“, која, во рамките на едицијата „Лесно читливи лектири“, ги објавува лектирите за основно образование со фонт за дислексија. Досега се објавени преку 78 лектири од листата за основно образование одобрена од Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука, на македонски и на албански јазик, како и неколку сликовници. Во изработка на книгите се користат соодветни фонтови за дислексија, со што книгите се подостапни и полесни за читање книгите за децата со дислексија. Дамјан Николовски, претседателот на здружението „Ајнштајн“ вели дека со едицијата „Лесно читливи лектири“ се подигнува свесноста за дислексијата кај нас.

– Лесно читливите лектири се еден од позначајните проекти за нас, затоа што директното позитивно влијание од него го имаат токму учениците со дислексија. Соработката со „Арс Ламина“ почна пред неколку години, пред сè поради нивната мисија книгите да бидат достапни за сите. Преку овој проект токму тоа и го постигнавме заеднички, конечно учениците со дислексија да имаат полесно читлив формат на лектири. По првите македонски изданија на „Лесно читливи лектири“ во печат излегоа и албанските верзии на лектирите, со што уште еднаш се докажува посветеноста кон тоа книгите да бидат достапни за сите. Од нашите корисници добиваме многу позитивни реакции за изданијата, што особено нè радува и верувам дека ваквата соработка ќе продолжи и понатаму и дека ќе создадеме уште поголеми дела за лицата со дислексија во нашата држава – вели Николовски.

Тој нагласува дека овој проект ја менува, поточно ја подобрува состојбата на лицата со дислексија кај нас.

– Овој проект ги помести границите на дислексијата и она што се нуди за оваа група ученици. Фактот што децата имаат достапни лектири во формат што им го олеснува читањето е навистина од многу големо значење, пред сè, за нив, нивните родители и наставниците. Од друга страна, проектот покажува дека општествената одговорност на компаниите кон лицата со дислексија се зголемува и се надевам дека примерот на „Арс Ламина“ ќе го следат и другите компании, но и институциите. За нас, пак, како здружение, овој проект е доказ за нашата посветеност и доказ дека нашиот труд да креираме општество што ќе биде подготвено да ги прифати потребите на дислексичарите дава резултати – вели Николовски.

Неодамна беше објавена и првата сликовница со кирилскиот фонт DyslexicFZF, „Тито и Дино“. Николовски вели дека излегувањето од печат на оваа книга за деца е од огромно значење за „Ајнштајн“, како организација што ги застапува правата на лицата со тешкотии во учењето, односно дислексија.

– Најважното од сѐ е што најголема корист од неа ќе имаат токму учениците со дислексија од раната училишна возраст. Фонтот DyslexicFZF беше креиран во соработка со Филозофскиот факултет во Скопје и пред финалното пуштање во употреба на фонтот заеднички со проф. д-р Александра Каровска-Ристовска и м-р Маја Филиповска спроведовме едно обемно истражување за да ја утврдиме ефикасноста на фонтот. Од истражувањето се докажа дека овој фонт навистина го олеснува читањето кај децата со дислексија и следствено на тоа сликовницата „Тито и Дино“ ќе биде навистина големо олеснување во совладувањето на почетното читање кај децата. Тука само би сакал да нагласам дека и целосно „дислексија френдли“ изданијата, како и лесно читливите изданија на книги и сликовници се наменети за сите деца без разлика дали се соочуваат со дислексија или не – истакнува тој.

По повод месецот на подигнување на свесноста за дислексијата, во светски рамки, со оглед на фактот што сѐ уште се соочуваме со пандемијата со Ковид-19, и оваа година сите случувања за дислексијата се одржуваат онлајн, во форма на најразлични вебинари, панел-дискусии и конференции.

– За разлика од претходните години, забележувам дека голем дел од светските асоцијации оваа година организираат конференции и вебинари со особен фокус на влијанието на пандемијата со Ковид врз учењето на деца со дислексија. Покрај онлајн- конференциите, интересно е движењето #lightitredfordyslexia што почна во Австралија, но се прошири и во многу други држави. Целта на оваа иницијатива е „да се обоиме“ во црвено во знак на дислексијата, па така во Австралија најголем дел од најважните државни институции во текот на октомври ќе бидат осветлени во црвено. Ние, како здружение, всушност, како и секоја година, реализираме низа активности. Досега одржавме два едукативни вебинари посветени на дислексијата со особен фокус на тоа како таа да се препознае, но и како на учениците кои се соочуваат со оваа состојба да им се понуди соодветна поддршка. Покрај едукативните вебинари, паралелно се одвиваат и кампањите на социјалните медуими каде што се трудиме максимално да ја доближиме дислексија и нејзините позитивни страни до граѓаните – вели Николовски.

Лицата кои имаат дислексија имаат тешкотии и при интерпретацијата на визуелните симболи. Иако имаат нормален вид и слух, како и навики за пишување, тие имаат тешкотии при пишувањето букви или зборови по саканиот редослед или некогаш ги мешаат некои букви.

– Дислексија е вродена состојба, а слободно можам да кажам и доживотна состојба. Но, сето ова не е апсолутно ништо страшно. Пред да се формира здружението „Ајнштајн“, дислексијата беше речиси непозната појава во нашата јавност, иако како состојба отсекогаш постоела. Од ова можеме да заклучиме дека лицата кои се соочуваат со дислексија сосема нормално функционираат во животот, а дел од нив се и мошне успешни личности. Но, кога лицата со дислексија би ја добиле соодветната поддршка во текот на образовниот процес со сигурност тврдам дека не би имале никаква пречка за да ги остварат своите потенцијали – вели тој и додава дека постојат многу начини со кои што може да се олесни животот на лицата со дислексија, пред сè почнувајќи од образовниот процес.

– Во современите држави постојат специјализирани институции и организации што вршат детекција на дислексија, а веднаш потоа секое училиште е законски обврзано на секој еден учесник со дислексија да му обезбеди соодветна поддршка, дали тоа ќе биде во форма на адаптирана наставна програма или, пак, во форма на стручно лице за дислексија што ќе работи со ученикот. Од друга страна, со развојот на технологијата се нудат многу помошни алатки што се од исклучителна корист за лицата со дислексија, како што се софтверите text-to-speech, speech-to-text, специјализираните фонтови за дислексија, очила за читање и многу друго. Од особено значење, за да се олесни секојдневието и образовниот процес на лицата со дислексија, е и приспособувањето на книгите и учебниците во формат што би бил лесен за читање и разбирање.

Во иднина, здружението „Ајнштајн“ ќе продолжи со истото темпо да работи на подигнување на јавната свест за дислексијата, но и трасирање на патот Македонија да ја стане држава која е подготвена да ги прифати потребите на лицата со дислексија и за нив да создаде еднакви можности.

– Една од позначајните активисти на кои моментално работиме е проектот „Дискурс“ (DysCourse), што се спроведува во рамките на програмата „Еразмус +“. Во рамките на проектот моментално се креира првата веб-платформа што ќе содржи онлајн-курсеви за дислексија што ќе бидат бесплатно достапни за сите наставници. Сметам дека токму овој проект значително ќе придонесе кон остварување на нашите цели како здружение – вели тој на крајот.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.86 MB