За малите читатели

Излезе од печат Хари Потер и Пламениот пехар – четвртата книга од серијалот на Џ. К. Роулинг во издание на Арс Ламина

21.09.2021.
Излезе од печат Хари Потер и Пламениот пехар – четвртата книга од серијалот на Џ. К. Роулинг во издание на Арс Ламина

Одлична вест за сите љубители на Хари Потер! Неодамна од печат излезе „Хари Потер и Пламениот пехар“ од авторката Џ. К. Роулинг, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Станува збор за четвртиот дел од серијалот за младиот волшебник Хари Потер и неговите авантури во светот на волшебниците и магијата.

Ова долгоочекувано издание, доаѓа по новите македонски верзии на „Хари Потер и Каменот на мудроста“ (кое го има и во лектирна верзија), „Хари Потер и Одајата на тајните“ и „Хари Потер и затвореникот од Азкабан“.

Во „Хари Потер и Пламениот пехар“ летниот распуст на Хари е незаборавен, за промена! Заедно со Визлиеви и Хермиона тој присуствува на Светското првенство во квидич – невообичаен настан дури и за волшебничкиот свет. Во Хогвортс, пак, првпат по неколку векови се одржува Триволшебничкиот турнир, меѓуучилиштен волшебнички натпревар во кој се соочуваат првенците на трите познати волшебнички училишта, Хогвортс, Бобатонс и Дурмстранг. Но, во заднината на сите овие настани се чувствува темнината и злото: дали конечно ќе се случи долгоочекуваното враќање на лордот Волдеморт?

Книгата е достапна за онлајн-нарачка на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14717

Џоан Роулинг, попозната како Џ. К. Роулинг, е британска авторка, филмски продуцент, сценарист и филантроп, најпозната по фантастичниот серијал книги за деца „Хари Потер“ со кој достигнува светска слава и популарност. Идејата за Хари Потер ја добила уште во 1990 година, за време на едно долго патување со воз од Манчестер кон Лондон.

Во 1997 година, откако била одбиена од 12 издавачи, Роулинг ја издава „Хари Потер и каменот на мудроста“ преку куќата „Блумсбери“. Другото е веќе историја, затоа што серијалот, што ќе се протега низ седум книги и уште неколку придружни изданија, доживува неверојатен комерцијален успех насекаде низ светот. Книгата има освоено поголем број награди во Обединетото Кралство и во САД. Се најде на врвот на листата со најпродавани книги според „Њујорк тајмс“ во 1999 и 2000 година. Преведен е на неколку десетици јазици. По приказната во книгата во 2001 година е снимен и истоимениот филм, во режија на Крис Колумбус, со Даниел Редклиф (како Хари Потер), Руперт Гринт (Рон Визли) и Ема Ватсон (Хермиона Гренџер) во главните улоги. Филмскиот серијал е исто толку популарен колку и книгите.

Книгите од серијалот за Хари Потер се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk. Во продолжение се кусите описи на првите три изданија од повој волшебен серијал.

1. „Хари Потер и Каменот на мудроста“

„Хари Потер и Каменот на мудроста“ е првиот дел од серијалот за младиот волшебник Хари Потер и неговите авантури во светот на волшебниците и на магијата. Еден обичен ден во домот на Дарслиеви, на Привет драјв, бр. 4, стигнува писмо за момчето во креденецот под скалите, Хари Потер. По многуте обиди на тетин Вернон да ги скрие писмата што постојано доаѓаат, една вечер на вратата се појавува Рубеус Хагрид од училиштето Хогвортс за вештерство и волшебништво и му вели дека е волшебник. Тогаш почнуваат авантурите на Хари и неговите пријатели, но влогот е голем − целиот волшебнички свет е во опасност.

Книгата е достапна за онлајн-нарачка на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14399

2. „Хари Потер и Одајата на тајните“

„Хари Потер и Одајата на тајните“ е вториот дел од серијалот за младиот волшебник Хари Потер. Летниот распуст на Хари беше во најмала рака катастрофален. Го прослави најлошиот роденден досега, не доби ниедно писмо од Рон и Хермиона, а му беше соопштено смртно предупредување од куќниот виленик, Доби – и конечно, беше спасен на спектакуларен начин од Дарслиеви со помош на летачки автомобил! Во Хогвортс, пак, проблемите продолжуваат: Хари слуша шепотења во ѕидовите што никој друг не може да ги чуе и, наеднаш, училиштето е полно со скаменети ученици и страшни натписи по ѕидовите! На повидок е уште едно соочување со мрачните сили!

Книгата е достапна за онлајн-нарачка на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14398

3. „Хари Потер и затвореникот од Азкабан“

„Хари Потер и затвореникот од Азкабан“ е третиот дел од серијалот за Хари Потер. Уште еден бурен летен распуст на Хари! Овој пат тој успеа да се замери со својата тетка и за малку да биде избркан од Хогвортс! За бељата да биде уште поголема, озлогласениот затвореник Сириус Блек е побегнат од волшебничкиот затвор Азкабан, а страшните дементори го чуваат Хогвортс од сите страни. На крајот, тука е и црното, огромно куче кое го следи Хари насекаде, и гримот, предзнакот на смртта, што се појавува во ливчињата чај на часовите по претскажување. Мрачните сили никако да си заминат од Хогвортс!

Книгата е достапна за онлајн-нарачка на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14410

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 7.5 MB