За малите читатели

Сликовницата Мирко Немирко од Ана Ѓокиќ и Ване Костуранов е топла приказна за едно палаво облаче кое сака да ги развесели луѓето

25.08.2021.
Сликовницата Мирко Немирко од Ана Ѓокиќ и Ване Костуранов е топла приказна за едно палаво облаче кое сака да ги развесели луѓето

Сликовницата „Мирко Немирко“ од Ана Ѓокиќ и Ване Костуранов, ќе биде промовирана онлајн, на 26 август (четврток), со почеток во 19 часот. Онлајн-разговорот со писателката и со илустраторот ќе го води уредничката на изданието Оливера Ќорвезироска, а ќе може да се проследи на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“. Илустрираната книга за деца е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

„Мирко Немирко“ е приказна за еден мал, палав дете-облак. Мирко, како и сите деца, постојано сака да си игра. Патува по небото во потрага по забава. Сакајќи да се шегува со луѓето, наидува на нивното негодување што го збунува. Со дождовните капки со кои се обидува да ги развесели и да ги насмее луѓето, всушност, ги брка од себе и ги затвора во домовите. Се обидува еднаш, уште еднаш,.. и потоа, тажен, исчезнува. Зад себе остава еден збор кој продолжува да патува низ светот, без престан. Тоа е зборот Немирко, симпатичниот прекар на палавото облаче Мирко.

Ана Ѓокиќ е писателка, книжевна критичарка и драматург, која живее и работи во Загреб. Родена е во 1965 година во Белград, каде што има завршено на Филозофскиот факултет. Има напишано повеќе од 30 драмски текстови играни во театри или емитувани на радио во Хрватска, Србија, Словенија и Франција. Авторка е на повеќе романи за деца и возрасни, објавени и наградувани во Хрватска, Србија, Германија и Македонија: „Од дневникот на еден змеј“ (Iz dnevnika jednog zmaja) и „Гордана меѓу врбите(Gordana među vrbama), како и на голем број сликовници за кои е добитник на најголемите национални и меѓународни награди и признанија. За „Овца во кутија“ ја има добиено наградата „Григор Витез“ за најдобар книжевен текст, а „Бао баобаб и малата Кибиби(Bao baobab i mala Kibibi) – наградата за најдобра хрватска сликовница за книгата. Двапати го добива меѓународното признание „White Ravens“ за најдобри хрватски сликовници, за книгите „Трчај, Гиза, трчај(Trči Giza, trči) и „Прашањата на принцот Алм(Pitanja princa Alma). Нејзината сликовница „Немаш поим, Гризлијан(Nemaš pojma, Grizlijane) е лектира за прво одделение во основните училишта во Хрватска. Иницијатор е на Фестивалот на книгата и книжевноста „Внимавај, книга!“ (Pazi, knjiga!), на Меѓународниот фестивал на сликовници „Овца во кутија“ (Оvca u kutiji), на Меѓународната патувачка изложба на илустрации „Ме сака, не ме сака“ (Voli me, ne voli me), како и на многу други уметнички проекти чијашто цел е поврзување на уметниците од разни земји. Уметничка водителка е на Здружението „Креативна мрежа“ (Kreativna mreža).

Познатиот македонски сликар, илустратор и автор на книги за деца Ване Костуранов е роден во 1979 година во Струмица, каде што живее и работи. Автор е на сликовниците: „Sвездено дете“ (2018), „Девојче и мече“ (2019) и „Девојчето и градот“ (2020), кои се во издание на „Арс Ламина“. „Sвездено дете“ и „Девојче и мече“ освоија први награди за најдобро ликовно-графички уредени изданија на Саемот на книгата во Скопје, 2018 и 2019 година, а „Девојчето и градот“ – трета награда во истата категорија на Саемот на книгата во Скопје, следната, 2020 година. „Девојче и мече“ се најде на престижната листа „White Ravens“ во 2019 година, селектирана од Интернационалната младинска библиотека (International Youth Library) од Минхен. Сликовниците на Ване Костуранов се преведени и издадени на српски, хрватски, корејски, турски и германски јазик. Коавтор е на сликовницата „Мирко Немирко“ (Staško Nestaško), по текст на Ана Ѓокиќ и на „Јaс“(Ja), по текст на Даниела Павлек, издадени од Здружението „Креативна мрежа“ во Хрватска. Како илустратор е потпишан и на голем број корици на книги за македонски изданија.

Сликовницата „Мирко Немирко“ веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk.

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14612

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.83 MB