За малите читатели

Промоција на четирите психолошки прирачници од Христина Стефановска во Штип

13.08.2021.
Промоција на четирите психолошки прирачници од Христина Стефановска во Штип

Четирите психолошки прирачници од Христина Стефановска: „Кога Мешко се лути“, „Кога Ушко се плаши“, „Кога Сончка е среќна“ и „Кога Летко е тажен“, ќе бидат промовирани на 20 август (петок), во 18 часот, во дворот пред НУ Библиотека „Гоце Делчев“ во Штип.

Во рамките на промотивниот настан, Стефановска, која е лиценциран дипломиран психолог кој исклучиво работи на теми поврзани со деца и адолесценти, ќе одржи и работилница за деца над четири години.

Изданијата, кои првично беа промовирани онлајн, во мај оваа година, се дел од едицијата „Железница на чувствата“. Целта на овие книги, кои се во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е да им помогнат на децата да ги препознаат четирите доминантни емоции кај себе и кај другите, да научат да се справуваат со нив и да ги канализираат на креативен начин.

Интерактивните психолошки прирачници за деца и возрасни претставуваат комбинација од психолошки приказни со психоедукативен карактер за родителите и возрасните, а содржат родителски вештини, но и психолошка советодавна интервенција кај дете кое се соочува со дадена ситуација преку процесот на рефлексија на емоцијата и однесувањето, при што се постигнува ефект на огледало и увид во себе, како и понудени вештини за детето во справување со емоцијата со која се соочило. Кога детето ја чита приказната и воедно се пронаоѓа во неа, има чувство на разбраност и психолошка поддршка што всушност му ја нуди приказната. По секоја приказна во нив следуваат низа вежби, задачи и игри поврзани со емоцијата што го поттикнуваат детето на активност и ги јакнат неговите капацитети за себегрижа, себеразбирање и себељубов. Во прирачниците постојат и вежби што имаат намена да ја зацврстат сликата за себе кај детето и да предизвикаат подобра автоперцепција. Емоционалното описменување на децата е императив и е од исклучителна важност за градење на здрав и психолошки зрел менталитет.

Низ лесни, едукативни и интерактивни приказни и активности, Стефановска ги насочува децата да се посветат на своите емоции и да работат на нивното прифаќање и трансформирање во нешто позитивно и корисно. Преку однесувањето и манифестирањето на емоциите на четирите лика – лутото еже Мешко, плашливото зајаче Ушко, тажното славејче Летко и среќната срничка Сончка, и преку придружните активности по секоја приказна, децата ќе научат да ги препознаваат и да ги разликуваат емоциите кај себе и кај другите луѓе, ќе стекнат увид во причинителите на емоциите, ќе откријат конструктивни начини за справување со емоциите и ќе создадат навика за корисно структурирање на слободното време.

Христина Стефановска високото образование го завршува на Институтот за психологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Потоа, своето надградување го насочува кон часови по интегративна психотерапија под водство на д-р Благоја Јанаков, универзитетски професор. Се стекнува со сертификати од УСАИД, како и сертификати на теми за „арт и плеј“ техники во психотерапијата со деца и адолесценти, методи на процена на личноста на детето, процена и анализа на детскиот цртеж, превенција од врсничко насилство, ненасилна трансформација на конфликти, поддршка на родители на деца со посебни потреби итн. Таа е стручен соработник и дописник на интернет-страницата „Деца.мк“. Во рамките на оваа интернет-страница врши активно учество во рубриката „Прашај психолог“, каде што одговара на поставени прашања од читателите. Својата приватна практика со деца и адолесценти ја врши во рамките на здружението „Хармоничен свет“. Врши онлајн-психоедукација на јавната свест на теми поврзани со детска психологија, родителствување, воспитување итн., преку фејсбук-страницата „Детски психолог“.

Книгите се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/ListBooksByAuthor.aspx?aut=9009

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.83 MB