За малите читатели

Топ 10 класици што треба да ги прочита секое дете

09.08.2021.
Топ 10 класици што треба да ги прочита секое дете

Читањето книги е една од најубавите навики што се стекнува уште од најрана возраст. Љубовта кон пишаниот збор се создава уште во првите години од живот на детето, преку слушање приказни што му ги читаат родителите или старателите. Таа љубов се надградува во годините кога детето ќе почне да чита самостојно, со постојано дополнување содржини за читање. Како што расте детето, така треба да расте и неговата библиотека и односот кон книгата. Како што е важна разновидната исхрана за неговиот развој, така е важно на детето да му се понуди и разновидна литература, соодветна за возраста. Така му се отвораат видиците и „апетитот“ за читање. Така ќе дознае многу нешта и ќе создаде свој став кон пишаниот збор.

Во листата со книги што треба да ги прочита секое дете, покрај новите современи дела, се препорачуваат и детските светски класици. Тоа се книги чиишто наслови и приказни ги паметат и постарите генерации, а без кои растењето на идниот пасиониран читател е неминовно. Веруваме дека повеќето ги слушнале приказните од „Хајди“, „Робинсон Крусо“, „Алиса во Земјата на чудата“, „Бамби“ или „Петар Пан“... Секое навраќање на овие класици е ново откривање на пораките и убавината на делата, затоа што класика е книга што никогаш не завршила да го кажува она што има да го каже...

„Арс Ламина – публикации“, преку својот импринт „Либи“, веќе неколку години ги реобјавува најзначајните детски книжевни класици, на македонски и на англиски јазик. Ви претставуваме избор од топ 10 понови изданија на класичните романи за најмлади, кои треба да ги прочита секое дете, кое сака да чита книга плус за време на летниот распуст. Книгите се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“, а можат да се нарачаат и онлајн преку www.literatura.mk.

Пронајдете ги совршените книги за ова лето во каталогот на следниот линк: https://bit.ly/36xCF1j

1. „Книга за змејовите“ од Едит Незбит

Змејовите се навистина забавни и оваа книга е преполна со приказни за змејови од секаков вид. Низ приказните нема да сретнете два исти змеја! Некои се толку големи што можат да грабнат слон од зоолошка градина, а некои се толку мали што можете да ги ставите во џеб; едни блујат оган, а други се направени од лед; некои се чувари на богатства, а некои самите носат богатства, едни страшни и злобни, други мили и добри... Но, сите без исклучок се дел од многу интересни, забавни и поучни приказни. Кој се справува со сите овие змејови? Храбри херои, секако, а храбрите херои се најчесто деца, најобични момчиња и девојчиња кои имаат бујна имагинација. Покрај змејовите, тие мораат да се борат со подли принцови, алчни градоначалници, а понекогаш дури и силни дождови и непредвидлив мориња – а низ авантурите секогаш учејќи нешто ново!

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14426

2. „Пет деца и Тоа“ од Едит Незбит

„Очите му стоеја на долги рокчиња, како на полжав, и рокчињата можеше да ги придвижува напред-назад, како телескопи; ушите му беа како на лилјак, а мешето како на пајак, и му беше покриено со густо меко крзно; и рацете и нозете му беа покриени со крзно, и имаше мајмунски дланки и стапала.“

Кога Сирил, Антеа, Роберт, Џејн и нивното мало братче ќе почнат да копаат во јамата со чакал ќе пронајдат, ни повеќе, ни помалку, туку еден вистински Псамеад – древно суштество со многу невообичаен изглед, кое исполнува речиси сè што ќе посакаат петте деца! Но, што да се посака?! Она што ќе го дознаете од оваа книга е дека одговорот на ова прашање воопшто не е лесен – затоа, пак, потрагата ќе ве однесе низ најразлични авантури и интересни случки.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14420

3. „Тајната градина“ од Франсес Хоџсон Барнет

По загубата на нејзините родители, младата Мери Ленокс е испратена од Индија да живее на мрачниот имот на нејзиниот вујко во дивината на англиските мочуришта. Таа е осамена и нема со кого да си игра, но еден ден дознава дека некаде на имотот има тајна градина во која не смее да влезе никој. Тогаш Мери наоѓа еден стар клуч во една цветна леа – и налет на магија ја води до скриената врата. Полека го завртува клучот и влегува во свет за кој никогаш не си ни замислувала дека може да постои.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13687

4. „Легендата за Сонливата долина“ од Вашингтон Ирвинг

Икабод Крејн е патувачки учител во Теритаун, гратче на холандски доселеници сместено во околината на мистериозната Сонлива долина, место што изобилува со приказни и легенди за вештерки и најразлични призраци. Една од нив е и приказната за Безглавиот коњаник, некојси хесиски војник, „кому топовско ѓуле му ја откинало главата во некоја безимена битка“ и кого мештаните одвреме-навреме го гледаат „како вјаса во темнината на ноќта, небаре го носи ветрот“. Овие приказни ја окупираат имагинацијата на учителот и неретко го плашат за време на самотните прошетки во ноќта. Од друга страна, истиот тој Крејн се вљубува во локалната убавица Катрина ван Тасел, ќерката на најбогатиот човек во Теритаун, и почнува борба за нејзиното срце со Бром ван Брант, локалниот силеџија кој е, исто така, вљубен во неа. Љубовта и мистеријата, призраците и скршените срца – тоа се темите што се вкрстуваат во оваа прекрасна готска приказна, што навистина вреди да ја прочитате!

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13677

5. „Дваесет илјади милји под морето“ од Жил Верн

Непознато суштество ги напаѓа европските и американските бродови! Светот е во паника! Американците дејствуваат веднаш и ја испраќаат брзата фрегата „Абрахам Линколн“ да го пронајде и да го уништи мистериозниот непријател. Ангажиран е угледниот професор од Парискиот музеј, Пјер Аронакс, кој испловува на бродот заедно со својот верен помошник, Советко. По еден жесток судир со чудовиштето, професорот Аронакс, Советко и китоловецот Нед Ланд паѓаат во океанот, навидум без никаква шанса за преживување. Но, во тој момент, ги спасува некој! Кој е нивниот спасител? Какви сè авантури ги чекаат нашите јунаци?

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13613

6. „Ветрот во врбите“ од Кенет Греам

Авантурите во оваа приказна почнуваат кога Кртот, чувствувајќи го немирот на пролетта во себе, ја напушта својата дупка за да ја открие магијата на големата река. Тој плови по реката заедно со Стаорецот, патува во Дивата Шума и преспива во домот на разумниот и сталожен Јазовец, а на крајот му помага на будалестиот и неодговорен Жабец да си ги врати имотот и почитта од другите животни. Но, Кртот не е единствениот јунак во оваа приказна; исто така, ќе го барате и изгубеното синче на Видрата, ќе се соочите со страшните животни од Дивата шума и ќе ја слушнете песната на ветрот, врбите и трските отсвирена од самиот Бог на шумата – Пан.

Уште од своите почетоци како серија писма испратени кон неговиот син, „Ветрот во врбите“ од Кенет Греам стана една од најсаканите и најмистериозните детски книги на сите времиња. Ова издание ја прави приказната уште попривлечна со прекрасните илустрации на Артур Рекам, еден од водечките британски илустратори од „Златната доба“ на детските илустрирани книги.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14421

7. „Децата од железничката пруга“ од Едит Незбит

Кога една вечер таткото си заминува со двајца странци, животите на Роберта, Питер и Филис се уништени. Заедно со нивната мајка, тие мораат да се преселат од нивниот удобен дом во Лондон и да живеат во мала и едноставна селска куќичка, каде што мајка им ќе пишува книги за да заработи за живот. Но, набргу тие ја засакуваат железничката пруга што поминува блиску до куќичката и секојдневно му мавнуваат на еден стар господин кој често патува со возот. Се спријателуваат со носачот Перкс и преку него учат многу нешта за железницата. Имаат многу авантури, па дури и ќе го спасат возот од катастрофа! На крајот, по многу стекнати нови пријатели и направени добри дела, мистеријата на исчезнувањето на таткото ќе биде решена. Но, како и со чија помош останува на вас да прочитате.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14354

8. „Кралот на златната река“ од Џон Раскин

„Кралот на Златната река“ е приказна за младиот Глук, своеглаво момче со двајца ужасни браќа кои постојано го малтретираат. Еден ден, Глук и браќата тргнуваат да го бараат изворот на Златната река. Кога ќе го најдат, се сретнуваат со кралот на Златната река, кој им покажува како да ја претворат Златната река во вистинско злато. Популарната детска приказна „Кралот на Златната река“ ја пренесува поуката дека ако некој ги сака парите повеќе од луѓето, тој секогаш завршува лошо.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13122

9. „Хајди“ од Јохана Шпири

Романот „Хајди“, објавен во 1881 година со полн наслов „Хајди: нејзините години на прашување и учење“, е најпознато дело на швајцарската авторка Јохана Шпири. Таа вели дека го напишала за неверојатни четири недели. Во него се раскажуваат авантурите на младото девојче Хајди, нејзиниот дедо и пријателите. Со нејзината искреност и добродушност таа ги менува животите на сите околу неа: го враќа дедо ѝ помеѓу луѓето, го учи Петар да чита, а ѝ помага и на Клара да оздрави. Романот е особено познат по алпскиот пејзаж, што ја врамува целата приказна. „Хајди“ е најпознатото книжевно дело произлезено од Швајцарија. Преведено е на речиси сите познати светски јазици и повеќепати е адаптирано за филмскиот екран.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13621

10. „Робинсон Крусо“ од Даниел Дефо

Морнарот Робинсон Крусо завршува на пуст остров како единствен преживеан по катастрофалниот бродолом. Оставен на милост и немилост на суровата природа и на самотијата, тој го пронаоѓа патот до културата и цивилизацијата. Учи занаети, гради куќа, обработува земјиште и припитомува животни, но сè уште е сам. Сето тоа се менува кога ќе го спаси Петко од човекојадците и заедно ќе го планираат враќањето дома...

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13620

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.93 MB