За малите читатели

Е. Б. Вајт за мотивот да го напише романот Пајажината на Шарлот

14.07.2021.
Е. Б. Вајт за мотивот да го напише романот Пајажината на Шарлот

Неколку недели пред објавувањето на романот „Пајажината на Шарлот“, издавачкиот оддел на „Харпер енд Роу“ изрази сомнеж во врска со изборот на главен лик на Е. Б. Вајт. Загрижени дека пајакот може да предизвика револт кај читателите и кај критичарите, тие побараа од него да им го објасни неговиот избор. На 29 септември 1952 година, Вајт ù испрати кратка белешка на главната уредничка Урсула Нордстром, како одговор на нејзината загриженост дека форзецот и анзецот на книгата се многу светли (придружена со симпатичен коментар во стилот на Вајт: „Не сум сигурен дека некому му е грижа за форзецот и анзецот освен на издавачите и веројатно не повеќе од 1.800 луѓе во САД воопшто слушнале за зборовите форзец и анзец“), а потоа се осврна на сомнежот на луѓето одговорни за односите со јавноста во „Харпер енд Роу“, објаснувајќи им надолго и нашироко зошто напишал книга во која главен лик е пајак.

Ова писмо на Вајт самото по себе претставува апсолутно прозно ремек-дело и сведоштво за човечките особини на Вајт, кое истовремено зборува за неговото елегантно владеење со пишаниот збор и исто толку познатата љубов кон животните.

„Ме прашаа да објаснам како ја добив идејата да го напишам романот ’Пајажината на Шарлот‘. Па, јас ги сакам животните и ќе беше чудно да не пишувам за нив. Животните ми се слабост и кога купив земјиште на село, уверен бев дека таму ќе чувам животни, како што и се случи.

Фармата е посебен проблем за човек кој сака животни, бидејќи судбината на поголемиот дел од добитокот е таква што бидува убиен од страна на неговиот добродетел. Тие суштества можеби ќе живеат спокојно, но завршуваат насилно, а реата на пропаста секогаш виси околу нив. Сум чувал неколку прасиња, гледајќи ги како рулчиња уште напролет и гоштавајќи ги преку целото лето и целата есен. Таа врска ме оптоваруваше. Од ден на ден се поврзував сè повеќе со моето прасе, и тоа со мене, а фактот што целата авантура укажуваше на моите задни намери, им даваше морничав призвук на нештата. Јас не сакам да изневерувам човек или живо суштество и се согласувам со господинот Е. М. Форстер дека должноста на човекот во овие времиња е да биде доверлив, пред сè. Порано ми беше јасно – прасето што го крмам не може да смета на мене, но тоа како да почна да ме измачува. Како и да е, во ’Пајажината на Шарлот‘ главната тема е преживувањето на прасето, и длабоко во себе знаев дека во мене постоела желба за тоа.

Што се однесува до Шарлот, никогаш претходно не сум обрнувал внимание на пајаците сè до пред неколку години. Кога ќе почнеш да ги набљудуваш пајаците, не ти останува време за друго – светот е преполн со нив. Не ги сметам за одбивни и одвратни, како што ништо во природата не ми се чини одбивно или одвратно, и мислам дека е штета што децата под влијание на возрасните ги мразат. Пајаците се вешти, забавни и корисни и само во ретки случаи некој некогаш настрадал од пајак.

Една студена октомвриска вечер, имав среќа да видам aranea cavatica како го врти кожурецот и ги положува јајцата. (Во тој момент не знаев за каков вид станува збор, но ù се восхитував, а подоцна, господинот Вилис, Џ. Герч од Американскиот музеј за природна историја ми го кажа нејзиното име.) Кога видов како се подготвува да стане мајка, зедов скала и светилка и имав одличен поглед на целата работа.

Неколку дена подоцна, кога дојде време да се вратам во Њујорк, не сакајќи да се разделам од пајакот, зедов жилет, го пресеков кожурецот од долната страна на покривот од плевната, ги ставив пајакот и кожурецот во кутија за слатки и ги понесов со себе во градот. Кутијата ја зафрлив на комодата. Неколку недели подоцна бев изненаден и задоволен кога открив дека ќерките на Шарлот излегуваа од отворите за воздух на капакот од кутијата. Нанижаа тенки нишки од чешелот до четката за заби, од четката до огледалото и од огледалото до грицкалката за нокти. Беа многу зафатени и речиси невидливи затоа што беа многу мали. Сите си живеевме среќно неколку недели, сè додека не ни се испречи некој задолжен да ја исчисти прашината од мојата комода, па морав да го прекинам шоуто.

Денес, три внуки на Шарлот вредно работат во подножјето на скалите во мојата шталска визба, од каде што утринската светлина што се пробива низ источниот прозорец, ги осветлува нивните везови и прави да изгледаат уште поубави одошто се.

Не ви кажав зошто ја напишав книгата, но не ви кажав ни зошто кивам, исто така. Епа, книгата е (како) кивавицата.“

Всушност, Вајт не бил многу трпелив кон приговорите на некои критичари, библиотекари, наставници и родители насочени кон главниот лик во неговиот роман и кон неговиот избор да се занимава со темата смрт во детска книга, и тоа го сметал за непочитување на неговата креативна визија и на неговиот интегритет како писател. Во необјавеното писмо до Нордстрoм, цитирано во анотираната верзија на „Пајажината на Шарлот“, Вајт ги сосекува таквите коментари со својата карактеристична, концизна, остроумна сатира:

„Работам на нова книга за змија боа-стегач и за легло на хиени. Боата ги проголтува бебињата едно по едно, а мајката хиена умира од смеење“.

Извор: https://www.brainpickings.org/2013/10/15/e-b-white-on-charlottes-web/?fbclid=IwAR1KBdOdDjBcPvUgZpYzEiQA7rFHhxZVrA3utj4L57wjwiczOiaxNnGeazU

На истата страница можете да видите и ретки скици од ракописот „Пајажината на Шарлот“ во зародиш.

Книгата „Пајажината на Шарлот“, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“,  е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13632

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.83 MB