За малите читатели

Билјана Лотеска одржа работилница за деца инспирирана од сликовницата Жолти чорапи

03.02.2023.
Билјана Лотеска одржа работилница за деца инспирирана од сликовницата Жолти чорапи

Како настанала сликовницата „Жолти чорапи“? Зошто главните ликови се животни? Зошто тие носат чорапи во различни бои? Кое е значењето на боите? Ова се само дел од прашањата на кои одговори авторката Билјана Лотеска, на работилницата за деца, која се одржа денеска (3 февруари), во „Литература суперстор“ во „Ист гејт мол“. На настанот, кој беше во рамките на „Денови на литературата“, присуствуваа дечиња од градинката „Детска радост“ – Скопје. Тие решаваа интерактивни задачи, цртаа и се запознаа со светот на книгите.

Сликовницата, која е збогатена со илустрации на Катерина Трајановска, е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Станува збор за топла, лирска приказна за препознавање на чувствата кај децата раскажана на лесен, забавен и симболичен начин преку вселувањето на добродушниот Бувко во една нова шума. Сакајќи да се запознае и да се спријатели со соседите, Бувко секому му подарува соодветен подарок и на крајот сите животни стануваат посреќни. „Жолти чорапи“ поттикнува на запознавање и го негува пријателството.

Авторката Лотеска, која три декади работи како воспитувачка, сликовницата „Жолти чорапи“ ја напишала токму за децата од градинките.

– Градинката и децата се мојот свет! Триесет години работам со деца од предучилишна возраст. Бескрајно ме исполнува мојата работа. Верувајте ми дека е убаво што секојдневно го будам детето во мене, секојдневно се радувам на мудрите мисли на децата, на нивните искрени и топли прегратки и насмевки... За нив и за себе секојдневно ја будам фантазијата и креативноста во себе и заедно создаваме нов свет, интересни игри, учиме и најмногу од сѐ заедно се смееме... и растеме... До небото да пораснеме! Пред сè, оваа книга ги подучува децата дека е убаво кога ги покажуваме чувствата, а можеме да ги покажеме на различни начини, па дури и со чорапи во боја – вели авторката.

Книгата е корисно четиво за педагозите. Им користи во секојдневните активности, најмногу кога зборуваат за чувствата.

Главните ликови во книгата се бувот Бувко, лисицата Лиска, ежето Ешко, волкот Волчко, мечката Меца, верверицата Верка и Зајко Брзоноговски. Авторката одлучила главите ликови да се животни кои ги има во Македонија и за кои децата слушале многу приказни, но сега се вклучени во една модерна верзија/приказна. Преку главните ликови и бојата на нивните чорапи, „Жолти чорапи“ им ги открива на децата сите бои на емоциите.

– Приодот за приказната беше диктиран од програмата за работа, но и од желбата за стекнување на нови знаења од теоријата на боите, од односот на животните во природата и нивното заемно живеење и желбата колку што е можно повеќе да внесам елементи што ќе ја направат приказната прифатлива за сите деца кои ќе ја користат. А мене ме поттикнаа и детските цртежи и боите што ги користеа додека цртаа, вклучувајќи ги сите активности и игри за емоциите. Според психолошките податоци, на пример, сината боја ја сакаат грижливите деца, кои уживаат во друштво. Една од боите што најмногу ја користат малите деца е црвената, која е боја на еуфоријата. Таа боја особено ја користат љубопитните деца и оние што не сакаат да пропуштат ништо. Децата, пак, кои сакаат да бидат различни, ја сакаат уште и слободата и природата и се многу интелигентни, често користат зелени тонови. Жолтата боја, исто така, ја симболизира интелигенцијата и веселата природа на детето. Дете кое сака да презема иницијатива, кое е самоуверено во себе, се одлучува за црна или виолетова. Во практиката, сината боја децата ја поврзуваат со водата, солзите и затоа тагата ја опишуваат со оваа боја, црвената, пак, ги потсетува на лутина, зелената ја поврзуваат со природата, тревата и така опишуваат кога се спокојни, додека розовата боја ѝ припаѓа на љубовта, а жолтата боја, секако, на среќа, за нив тоа е весела боја – вели авторката.

Сликовницата „Жолти чорапи“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14968

Каталогот од акцијата „Денови на литературата“ можете да го разгледате на следниот линк: http://arslamina.com/denovi_na_literatura_2023/#p=1

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.87 MB