За малите читатели

На летување со книгата Исидора Мун оди на одмор од Хариет Мункастер 

27.07.2022.
На летување со книгата Исидора Мун оди на одмор од Хариет Мункастер 

Една од најбараните книги за деца ова лето е „Исидора Мун оди на одмор“ од Хариет Мункастер,која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Исидора Мун е посебна, бидејќи е поинаква. Мајка ѝ е самовила, татко ѝ е вампир, таа е по малку од двете, но целосно уникатна. Препознатлива е по нејзините црни и розови фустанчиња со светки, волшебното стапче со ѕвездичка и магичните крилјата, како и по нејзиното најверно пријателче – Розовото Зајаче.
Досега има 13 книги од овој серијал објавен на македонски јазик: „Исидора Мун слави роденден“, „Исидора Мун оди на училиште“, „Исидора Мун оди на балет“, „Исидора Мун оди на кампување“, „Исидора Мун прави зимска магија“, „Исидора Мун запаѓа во неволја“, „Исидора Мун оди на панаѓур“, „Исидора Мун оди на екскурзија“, „Исидора Мун настапува на шоу“, „Исидора Мун оди на одмор“, „Исидора Мун оди на преспивање“, „Исидора Мун оди на свадба“ и „Исидора Мун ја запознава Забовилата“.

Во секое издание таа минува низ нова авантура, нов предизвик и учи нова лекција. Исидора е специјална затоа што е поинаква, но таа се гордее со тоа. Сепак, со родители како нејзините, секојдневието не се движи секогаш според планот.

Во „Исидора Мун оди на одмор“ таа освојува неверојатен одмор за целото семејство, подготвена е за сонце, море и песок! Но, ќе треба да се фати за работа кога таа и нејзината другарка, сирената Марина, ќе најдат желче во неволја. Дали Исидора може да му помогне на желчето да се врати дома? Споделуваме извадок од книгата.

***

Мама, Меденка и јас излеговме од хотелот и ја преминавме улицата до плажата. Беше преполна со лежалки и чадори за сонце. Во близина имаше и тезги за храна, па мама купи сендвичи и сладолед. Најдовме едно фино местенце на песокот и ги ставивме крпите наземи. Си лижев сладолед и претав со прстињата во топлиот песок, додека мама ја облекуваше Меденка во костим за капење. „Нели е убаво, мамо!“ реков.

„Прекрасно е, Исидора“, рече мама.

„Алал да ти е што победи на наградната игра.“

Но имаше некоја жичка во тонот на нејзиниот глас што ми оставаше впечаток дека не е целосно среќна. Зјапав наоколу во луѓето на плажата, легнати на лежалките, играа и си мезеа. Имаше многу луѓе. Можеби беше премногу метеж за неа.

„Ќе одиме да пливаме?“ праша мама. „Ајде, морето изгледа прекрасно!“ Ја крена Меденка и отидовме до кристално чистата вода, застанувајќи по пат да собереме празна кесичка од чипс, која беше фрлена на песокот.

„Срамота“, рече мама, виткајќи ја за подоцна да ја фрли во канта.

Влеговме во морето и малку се плискавме. Потоа ја ставив маската за нуркање и ја пикнав главата под вода за да ги гледам малите сребреникави рипчиња што пливаа наоколу и кривулестите розови школки на разбрануваниот песок на дното. Но, видов и нешто друго – пластичен прстен со мал диносаурус на него. Го фатив и го извадив од водата, за да го види мама.

„Види!“ реков. „Богатство!“ Потоа си го ставив на прстот и восхитено гледав како  сјае на сонцето. Мама изгледаше малку вознемирено.

„Не е баш богатство“, рече таа. „Ѓубре е.“

***

Книгите за Исидора Мун можат да се најдат во сите книжарници на „Литература.мк“ или да се нарачаат онлајн преку  https://www.literatura.mk на следниот линк: https://bit.ly/3zDpYBU

За сите информации поврзани со серијалот Исидора Мун следете ја „Фејсбук“ страницата https://www.facebook.com/isidoramun

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.83 MB