За малите читатели

НАСКОРО: Новата сликовница на Ване Костуранов – Рекичето што сакаше да порасне во издание на Арс Ламина

14.03.2022.
НАСКОРО: Новата сликовница на Ване Костуранов – Рекичето што сакаше да порасне во издание на Арс Ламина

Новата сликовница „Рекичето што сакаше да порасне“ на познатиот македонски сликар, илустратор и автор на книги за деца Ване Костуранов, наскоро ќе излезе од печат во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Авторка на текстот е Ана Торма, а Бисера Бендевска придонесе за пловноста на приказната на македонски јазик. Уредничка на сликовницата е Оливера Ќорвезироска. Ова е петта книга за деца од Костуранов, во издание на „Арс Ламина“, по „Sвездено дете“ (2018), „Девојче и мече“ (2019), „Девојчето и градот“ (2020) и „Мирко Немирко“, со текст на Ана Ѓокиќ (2021).

Рекичето е нежна лирска алегорија за дете кое е нестрпливо да порасне. Во својот прв книжевен текст Ана Торма прави симпатична симболична „замена“ детенце со рекиче, а на мајката со река. Така, малите читатели полесно ќе се идентификуваат со приказната и ќе станат свесни дека сè во светот (и животните и растенијата...) се еден вид одраз на луѓето, поточно на растењето, на созревањето и на заминувањето на луѓето, како животен циклус.

Познатиот македонски сликар, илустратор и автор на книги за деца Ване Костуранов е роден во 1979 година во Струмица, каде што живее и работи. Автор е на сликовниците: „Sвездено дете“ (2018), „Девојче и мече“ (2019) и „Девојчето и градот“ (2020), кои се во издание на „Арс Ламина“. „Sвездено дете“ и „Девојче и мече“ освоија први награди за најдобро ликовно-графички уредени изданија на Саемот на книгата во Скопје, во 2018 и 2019 година, а „Девојчето и градот“ – трета награда во истата категорија на Саемот на книгата во Скопје, следната, 2020 година. „Девојче и мече“ се најде на престижната листа „Вајт рејвенс“ во 2019 година, селектирана од Интернационалната младинска библиотека (International Youth Library) од Минхен. Сликовниците на Ване Костуранов се преведени и издадени на српски, хрватски, корејски, турски и германски јазик. Коавтор е на сликовницата „Мирко Немирко“ (Staško Nestaško), по текст на Ана Ѓокиќ, која на македонски јазик ја објави „Арс Ламина“ и која го освои второто место во категоријата за најдобро ликовно-графички уредено издание на годинашното доделување на престижните книжевни награди на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ). Автор е и на илустрациите на „Јaс“ (Ja), по текст на Даниела Павлек, издадена од Здружението „Креативна мрежа“ во Хрватска. Како илустратор е потпишан и на голем број корици на книги за македонски изданија.

Книгите од Ване Костуранов се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.82 MB