Образование

Го одбележуваме Светскиот ден на наставниците со десет изданиjа од „Арс Ламина“

05.10.2022.
Го одбележуваме Светскиот ден на наставниците со десет изданиjа од „Арс Ламина“

Во интернационални рамки, денеска (5 октомври) се прославува Светскиот ден на наставниците. Да се биде наставник, учител, професор и воспитувач е најблагородната и најубавата професија. Но, истовремено, тоа е и најодговорната задача што подразбира голема посветеност и подготвеност. Наставниците се едни од најважните членови на општеството. Тие се водечка светлина за учениците и со својата работа влијаат на иднината на сите членови на заедницата.

Оваа година го одбележуваме Светскиот ден на наставниците со избор на топ 10 стручни книги што се едукативни и советодавни, кои можат да користат како важна литература во надградбата и специјализацијата на наставниот кадар. Овие книги, водичи и литература за настава и педагогија се во издание на „Арс Ламина“, а се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

1. „Од компетентност до комплетност“ од Kиро Јорданов

Популарниот водич за преживување за наставници „Од компетентност до комплетност“ од Kиро Јорданов се препорачува да ја прочита секој наставник, за тоа зборуваат и многуте препораки и анализи на повеќе стручни лица инволвирани во образовниот процес: професори, доктори, магистри, наставници, како и од Здружението за дислексија „Ајнштајн“. Според нив, оваа книга е синтеза на поучувањето и учењето, со голем акцент на учењето, што ја прави верен следбеник на насоките на активно учење како интенција на современата настава… Јорданов не само што нуди енциклопедиски осврт на речиси сите актуелни теми што се дел од образовниот дискурс на меѓународно ниво туку и тоа го прави на начин што директно се обраќа на наставникот, со конкретни упатства и насоки за справување со сите предизвици со кои се соочува за време на наставата, воедно нудејќи и перспективи за понатамошен професионален развој. Затоа, оваа книга е од голема корист за сите наставници, без оглед на нивното работно искуство, бидејќи тука се поместени насоки и совети во кои авторот го користи своето богато искуство во професијата.

Книгата „Од компетентност до комплетност“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на http://www.literatura.mk.

2. „Изведување на одделенска настава“ од Тереза Кремин и Џејмс Артур

Оваа книга сеопфатно обработува широка низа клучни аспекти на политиката и практиката на наставната програма во одделенската настава. Придонесот на признати експерти во нивните индивидуални полиња го прави да биде суштински придружник за наставници-приправници и новоквалифицирани наставници. Поискусните изведувачи и обучувачи што се заинтересирани да бидат во тек со развојот во одделенската настава и учењето и да ја унапредат сопствената практика, ќе ја сметаат непроценлива. „Изведување на одделенска настава“ е непроценлива книга за наставниците-почетници во одделенската настава. Ги покрива најважните теми и прашања и им помага на студентите да го рефлектираат и да го продлабочат своето учење.

Книгата е корисна помош за сите наставници-приправници за да ги разберат сите аспекти на улогата и да ги постигнат стандардите за наставници. Ова разбирање е суштинско за да се стане одличен, флексибилен, ефективен и креативен наставник во одделенска настава.

3. „Техники за управување со училница“ од Џим Скривенер

Управувањето со училницата се однесува на создавање на вистински услови за ефикасно учење – без оглед на методот што го користите, на тоа како изгледа вашата училница и кои се вашите ученици. „Техники за управување со училница“ нуди голем број разновидни, „приземни“ практични техники што ќе ви помогнат најдобро да го искористите вашиот простор за настава и да ги наведете вашите ученици да работат пососредоточено. Оваа книга ќе ве инспирира да испробате нови идеи, од основни до повеќе експериментални. Исто така, ќе ви помогне да ги предвидите и да ги избегнете пробл

4. „Ефективна настава: истражувања и практика“ од Даниел Маус и Дејвид Рејнолдс

Во книгата е даден значаен преглед на истражувања од областа на образованието што можат да ни кажат многу за практичните подробности во училницата. Во овој труд се вметнати најновите истражувања за ефективното подучување и учење. Книгата е соодветна за основно и за средно образование, а продолжува да претставува извор на широк и разбирлив преглед на големата област на знаења за ефективната настава. Авторите имаат разбирлив стил на изразување, близок на читателот и структура што ги опфаќа генеричките наставни вештини; подучување за одредена цел; наставни стратегии за специфичен наставен предмет и други прашања поврзани со средината за учење. Секое поглавје е фокусирано на определени цели на учењето. На крајот на секое поглавје следуваат прашања и исцрпна листа на референции со цел да се охрабрат читателите да станат рефлективни практичари. Оваа книга е основна литература за студентите од педагогија, студентите од педагошките и од наставничките факултети, на додипломски и на постдипломски студии, како и за педагозите, наставниците и истражувачите од оваа област.

5. „Развивање на педагогијата за образование на наставници“ од Џон Локран

„Развивање на педагогијата за образование на наставници“ покажува како едукаторите на идните наставници треба вистински да разберат дека една педагогија за образование на наставници треба да подразбира нешто повеќе од пренесување информации за поучувањето. Книгата ја прикажува и ја истражува комплексната природа на поучувањето и учењето за поучување и покажува колку е важно професионалното знаење на едукаторите и како тоа знаење мора да влијае врз практиките во образованието на наставниците. Книгата се состои од два главни дела. Дел I ја разгледува идејата за поучување за поучувањето и дава акцент врз важните аспекти на знаењето и вештините за практика што бараат едукаторите да бидат повеќе од само добри наставници. Локран покажува дека разликата помеѓу поучувањето на идните наставници и поучувањето на наставниците за реализација на поучувањето има клучно значење. Едукаторот на идните наставници, вели тој, мора да ја отвори педагошката стручност на идните наставници, што овозможува практиката да биде повеќе од техничко-разумна или од пристапот совети-трикови, односно да биде поучување за поучувањето каде што се прикажуваат соодветните ставови, знаењето и вештините на поучувањето. Дел II се фокусира на учењето за поучување со акцент на тоа како идните наставници треба да ги проценат и да одговорат на двете спротивставени агенди при учењето за поучување. Идните наставници треба да се фокусираат не само на учењето што е предмет на поучување туку и на начинот на кој се реализира тоа учење. Овие две спротивставени агенди бараат едукаторите на идните наставници да одговорат соодветно при поучувањето за поучување за да можат да се посветат и на двете агенди истовремено.

Џон Локран е висок член на Факултетот за образование на универзитетот „Монаш“, Австралија, како и претседавач на Фондацијата за курикулум и професионална практика.

6. „Дидактика на јазично подрачје“ од Јасмина Делчева-Диздаревиќ

Во размислувањата за содржината на оваа книга, авторот – првенствено – ce водеше од потребите на наставната практика во основните училишта, како и од потребите на институциите што подготвуваат наставнички кадар, забележува професорката Диздаревиќ во предговорот на оваа книга и додава дека книга(та) ќе им користи и на родителите што ќе им помагаат на своите деца во учењето, како и на пошироката читателска публика чиј интерес допира до проблематиката на наставата по македонски јазик во основното образование. Книгата „Дидактика на јазичното подрачје“ од проф. д-р Јасмина Делчева-Диздаревиќ не е само учебник наменет за идните педагози и наставници туку и дело за секој што сака да ги открие основните принципи на наставата по мајчин јазик. Напишана на јасен и разбирлив јазик, книгата може да им биде од корист како на професионалците, така и на лаиците; на студентите, на воспитувачите, на наставниците, но и на родителите. Кога детето е подготвено да тргне на училиште? Дали описменувањето да почне со читање или со пишување? По кој редослед да се учат буквите? Како правилно да се употребуваат текстовите во букварот? Што има предност: гласот, зборот или реченицата? Кои методи за описменување се покажале како најефективни и најефикасни во теоријата и практиката? Ова се само дел од прашањата на кои ќе пронајдете одговори во оваа книга.

„Дидактика на јазичното подрачје“ ја следи Наставната програма по македонски јазик, пропишана од Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука и согласно на тоа се движи според програмските подрачја: почетно читање и пишување, јазик, литература, изразување и творење и медиумска култура.

7. „Моќта на педагогијата“ од Џени Лич и Боб Мун

Оваа важна книга успеа да ги сврзе поучниот дух на светските текови и реалниот увид во практиката на поучување и учење. Нејзиниот лесно читлив наратив на возбудлива истрага ги интегрира практиката и теоријата со таков висок квалитет на анализа, што истовремено е редок и целосно убедлив. „Педагогијата“ е неизоставно важна во дебатата за поучувањето и учењето. Во оваа книга авторите ги анализираат и ги истражуваат современите поими за педагогијата низ делата на клучните личности како Фреире, Монтесори и Виготски и објаснуваат како новиот поим за педагогијата може да ги преобрази институциите, посебно училиштата. Со огромно значење за студентите на магистерските и докторските студии од педагогијата, оваа книга ќе ги заинтригира и практичарите кои истражуваат во истата област. Боб Мун е почесен професор по педагогија на „Отворениот универзитет“, Кембриџ, Обединето Кралство, и директор на Програмата за образование на наставниците на супсахарска Африка (ТЕССА).

8. „Приоди и методи во наставата по јазик“ од Џек Ричардс и Теодор Роџерс

Ова трето издание на „Приоди и методи во наставата по јазик“ е опширна ревизија на популарниот и лесно разбирлив текст. Како и во претходните изданија, оваа книга ги истражува најголемите приоди и методи во подучувањето на јазик, како што се методот на учење јазик преку граматика и превод, аудиолингвизмот, подучувањето јазик преку комуникација и „природниот метод“. Тоа ги истражува секој од приодите и методите од аспект на нивната теорија на јазикот и подучувањето јазик, целите, силабусот, наставните активности, улогите на наставникот и ученикот, материјалите и техниките во училницата. Освен тоа, ова трето издание вклучува содржини за подучувањето и средината за учење, со поглавја за учениците и методите, наставниците и методите, дополнителните приоди, методите и курикулумот.

Наставниците и оние што се обучуваат за наставници ќе откријат дека ова трето издание е сеопфатно истражување и анализа на наставните методи употребувани ширум светот. Оваа книга не настојува само да ги разјасни претпоставките што стојат зад овие методи и нивните сличности и разлики туку, исто така, да им помогне на наставниците да ги истражат нивните сопствени ставови и практики при подучувањето јазик.

9. „Учење математика во раното детство: Насоки кон извонредност и правичност“

Книгата „Учење математика во раното детство“ го опишува развојот на математичкото мислење кај децата, наставната практика потребна за поддршка на поучувањето по математика и дава конкретни чекори во имплементацијата на важното математичко поучување во раното детство. Оваа книга е наменета за сите наставници што предаваат математика во предучилишно образование или во одделенска настава, за сите едукатори и креатори на наставни програми и образовни политики, како и за родители кои сакаат да им помогнат на своите мали ученици во совладувањето на математичките дилеми. Таа претставува водич со чија помош тие ќе можат да ги насочуваат децата од најрана возраст во изучувањето на математиката. Во книгата се дадени согледувања од опсежните истражувања, направени во САД, во врска со проблемите и тешкотиите на кои наидуваат децата на предучилишна возраст, при изучувањето на математиката.

Препораките што произлегуваат од овие истражувања покажуваат како луѓето вклучени во процесот на образование – наставници, семејство, држава, училишта, педагози и психолози – можат да ги подобрат математичките компетенции на децата на предучилишна возраст и да ги насочат на патот кон достигнувања на повисоко ниво.

10. „Училишна дидактика“ од Микаел Улјенс

Модел на училишна дидактика од чии рамки се анализираат педагошките импликации на теоријата на учењето. Во оваа книга се претставува нова теорија за инструкциите – рефлексивна теорија на училишната дидактика – што на единствен начин ги инкорпорира континенталните германски и нордиски традиции на истражувањето на теоријата на дидактика (Didaktik) заедно со англо-американското истражување на поучувањето (истражување на инструкциите) и когнитивистичката теорија. Училишната дидактика се дефинира како област на истражување во рамките на општото образование. Оваа област е ограничена на истражување и теорија со цел разбирање на педагошката практика што се одвива во јавните образовни средини водени од курикулумот за којшто се согласиле колективно. Затоа што теоријата е направена да биде валидна за јавното образование во рамките на политички прифатениот курикулум, таа од аспект на културата е регионална теорија на образованието, а не универзална теорија. Според оваа теорија за училиштето, фундаменталните својства на јавниот педагошки процес се состојат во намерен, интерактивен процес на поучување-проучување-учење, што е развиен и е сместен културно и историски. Сегашниот модел не ги поставува експлицитно целите, ниту, пак, средствата за образовната практика. Напротив, моделот ги истакнува наставникот и ученикот како рефлексивни и намерни субјекти каде што наставникот ја игра улогата на претставник на колективот, а истовремено и адвокат на тие што учат. Поради тоа, претставената теорија не е нормативна или прескриптивна, туку рефлексивна теорија.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

29.
Dec.
Образование
Читањето е активност што ве сели на некое друго место, во некои други светови и токму затоа просторот во кој читаме е од огромна важност особено за децата ко...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.91 MB