Во најава

НАСКОРО: Бестселерот Невидливиот живот на Ади Лару од В. Е. Шваб на македонски јазик

18.01.2022.
НАСКОРО: Бестселерот Невидливиот живот на Ади Лару од В. Е. Шваб на македонски јазик

Наскоро во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде објавен романот „Невидливиот живот на Ади Лару“ од В. Е. Шваб. Станува збор за бестселер на „Њујорк тајмс“ (37 последователни недели на оваа листа), „Ју-ес-еј тудеј“, „Нешнел инди“ и „Вашингтон пост“, преведен на 30-тина јазици. Во ноември 2021 година, беше објавено дека „И-уан“ (eOne) ќе ја продуцира филмската адаптација на книгата, а меѓу продуцентите, освен самата авторка, е и познатиот холивудски актер Џерард Батлер.

Викторија Шваб е автор број 1 на „Њујорк тајмс“ со повеќе од 20 книги за тинејџери, млади и за возрасни. Обожава да ги истражува уличките на Париз и да планинари во Англија, а кога не го прави тоа, седи во аголот на некое кафуле во Единбург, Шкотска, и измислува чудовишта.

Пред да го запознаете нејзиниот незаборавен лик Ади Лару, ви ја претставуваме оваа исклучителна авторка низ кусо интервју.

* Кои се авторите на кои им се восхитувате?

– Ги има неколку – Маделин Милер, Џилијан Флин, Дона Тарт – но морам да признам дека на прво место ми е Нил Гајман. Уште како тинејџерка ги открив неговите книги, а неговиот спој на магијата со стварноста и пренесувањето на неговиот глас низ секое напишано дело, без оглед на жанрот и медиумот, ме инспирираа да се охрабрам и самата да сонувам.

* Што ве инспирираше да ја напишете приказната за Ади Лару?

– Како и сите други приказни, онаа за Ади ја инспирираше мешавина од различни идеи. Сакав да ја истражам фаустовската спогодба, положбата на жените, односно нивното заземање за себе, сеќавањето и отсутноста на сеќавањето, стравот од растењето, од стареењето и неизбежното истекување на времето и начините на кои ние, уметниците, настојуваме да ја достигнеме бесмртноста со тоа што ќе оставиме своја трага во светот.

* Со кого се идентификувате повеќе, со Ади или со Хенри?

– Иако многу читатели се уверени дека се идентификувам со Ади, а би сакала да сум толку непопустливо оптимистична, многу сум послична со Хенри, со неговите тегоби, стравови, очајничката потреба да го пронајде својот пат и упорната неспособност да го стори тоа. Често велам дека ако не го откриев пишувањето, би била Хенри Штраус.

* Ади е мошне силен лик и, покрај многубројните неволи што произлегуваат од нејзиното проклетство – многумина од нас, а со оглед на пандемијата, можат да се препознаат во неа. Дали со книгата сакавте да пренесете некоја порака?

– Мислам дека најважната порака е дека многупати во животот нема да пронајдеме некоја голема радост, но тоа не значи дека не постојат мали радости. Работата не е секогаш во громогласната среќа што ќе го растресе нашиот свет, туку ва способноста да откриеме мали убавини, да уживаме во нив и да нè водат низ мрачни времиња.

* Што мислите, која е тајната на вашиот успех кај публиката? Видовме многубројни цртежи, маички со илустрации и тетоважи инспирирани од вашите книги...

– Искрено, мислам дека во прашање е специфичноста. Многу писатели мислат дека нивното дело треба да биде поопширно, поопшто и поуниверзално, но всушност, кога пишувате приказна каква што и самите сакате да прочитате, кога ќе создадете поконкретни и поиндивидуални ликови, станува возможно да се идентификуваат со нив на универзално рамниште. Тоа е креативен парадокс, но штом почнав да размислувам на тој начин, публиката стана неверојатно побројна.

* Кој е најдобриот животен или писателски совет што сте го добиле?

– Ако доволно долго се занимавате со една работа, ќе се случи сè што мора, и добро и лошо. Кога ќе прифатите дека ќе има и подеми и падови и дека тоа е знак на вашето дејствување и дека откажувањето не е начин да избегнете разочарување или неуспех, станува полесно да се сосредоточите на себеси и да се снајдете.

* Се сеќавате на вашата прва средба со книжарниците и колку ви се важни?

– Книжарниците отсекогаш ми биле волшебни места. Се сеќавам дека бев маѓепсана со нивниот потенцијал, капацитетот да содржат илјадници приказни, спакувани како подароци што чекаат да ги отвори некој. Тоа никогаш не престана да ме восхитува. Уште поволшебно ми е што во нив се наоѓаат и моите книги, но секогаш кога влегувам во книжарница, пред сè го правам тоа како читателка во потрага по нова авантура.

Детали за романот: Франција, 1714 година. Ади Лару сака само едно: да се ослободи од оковите на животот во провинција за да може сама да господари со својата судбина. Во момент на очај таа се спогодува со ѓаволот, кој за возврат ù ветува слобода и вечна младост. Но, цената за тоа е висока; секого кого ќе го сретне, набргу ја заборава. И така младата жена почнува патување низ вековите што ја носи на различни места од европската историја, притоа спознавајќи ја тенката граница меѓу осаменоста и малодушноста. Ади Лару се обидува да остави трага во времето и просторот, во историјата на уметноста: таа е позната муза на старите мајстори, безимена убавица во песните на големите поети. Триста години подоцна, Ади во една книжарница во Њујорк запознава момче кое ќе ја запамети...

„Невидливиот живот на Ади Лару“ е историско-фантастичен роман, горко-слатка љубовна приказна, но и омаж на уметноста и уметничката инспирација. Со фаустовски заплет и промислувања за моралот и смислата на животот, овој роман ги надминува границите на жанрот фантастика и со надвременската убавина на класиците гарантира задоволство при читањето на секој што ќе посегне по него.

Остави коментар

Во моментов нема коментари
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.66 MB