Вести

Илустраторката Наталија Лукомска ја претстави сликовницата Ши, ѕифри, копчи пред првата дама на Полска

23.11.2021.
Илустраторката Наталија Лукомска ја претстави сликовницата Ши, ѕифри, копчи пред првата дама на Полска

Илустраторката на сликовницата „Ши, ѕифри, копчи“, Наталија Лукомска, се сретна со првата дама на Полска, Агата Корнхаузер-Дуда, во рамките на т.н. Дамска програма за време на гостувањето на полскиот претседател во Скопје. На настанот што се одржа во петокот (19 ноември), во канцеларијата на „Млади Хаб“, г-ѓа Корнхаузер-Дуда со својата домаќинка, сопругата на нашиот претседател, г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска, се запознаа со работата на Лукомска, која е полска илустраторка и графичка дизајнерка, што живее и работи во Скопје. Средбата се случи еден ден по официјалната промоцијата на сликовницата „Ши, ѕифри, копчи“, чијшто автор на стиховите е Владимир Лукаш, а е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Лукомска, која зборуваше на својот мајчин јазик, полски, на првите дами им раскажа за приказната и пораката на сликовницата, како и за инспирацијата и процесот на создавање илустрации. Тие беа видно воодушевени од „Ши, ѕифри, копчи“ и од работата на Лукомска.

„Ши, ѕифри, копчи“ е збирка поезија за деца со многу интересна структура. Замислена е како „пеење“ на мечокот Гриз Ли, кој онеобичувајќи го светот околу себе нѐ води низ еден ден – од неговиот почеток до крајот; од будењето до заспивањето. Гриз Ли измислува зборови, наутро вели ШИ (наместо добро утро), напладне ЅИФРИ (наместо добар ден) и навечер КОПЧИ (наместо добро вечер). Измислувањето нови, непознати зборови за стари, познати нешта ја поттикнува креативноста на децата и нивната јазична слобода. Секој од зборовите на Гриз Ли, лирскиот херој на оваа книга, претставува одделен циклус со еднаков број страници. Утринските или ШИ-песните се најкуси, сонливи; пладневните ЅИФРИ-песни се подолги, со ококорени очи; и најдолги се КОПЧИ-вечерните песни, кои завршуваат со миење заби, како и секој детски ден.

Наталија Лукомска се занимава со графичка обработка на книги и дизајн на постери, црта детски книги, дизајнира корици, соработува со издавачи и културни институции во Полска и во Македонија. Предава полски јазик и преведува книги.

За спомен од посетата на нашата земја, на Агата Корнхаузер-Дуда ѝ беа подарени примероци од сликовницата „Ши, ѕифри, копчи“, книги од полски автори преведени на македонски јазик, готвач со македонски традиционални рецепти и нотеси со мотиви од Скопје и од македонскиот фолклор, во издание на „Арс Ламина“.

Покрај средбата со Лукомска, во „Млади Хаб“ беше организирана работилница со ученици со попреченост од ДСУ „Св. Наум Охридски“, со цел да се поттикне јавната свест за создавање на еднакви можности за лицата со попреченост и нивна инклузија во општествениот живот. Исто така, г-ѓа Ѓоргиевска и г-ѓа Дуда заедно со волонтерите од неформалната граѓанска иницијатива „Ретвитни оброк“, учествуваа во пакување на социјални оброци за социјално ранливи и загрозени лица, бездомни лица и деца без родители.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

04.
Nov.
Вести
Една од најплодотворните, најнаградувани и најчитани македонски писателки, која остави траен белег во македонската литература, Оливера Николова, почина на 88...
27.
Sep.
Вести
На 8 октомври (вторник), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, ќе се одржат свеченото доделување на наградат...
12.
Apr.
Вести
Книжарниците „Литература.мк“ и „Ист гејт мол“ донираа едукативни играчки во „СОС Детско село“. 
10.
Mar.
Вести
Онлајн-страницата на „Литература.мк“ e прогласена за најдобра е-продавница за култура, настани и едукација на Ecommerce Awards 2022. 
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.8 MB