Богатиот, неверојатно магичен и крајно суптилен свет на илустрации од исклучителниот македонски автор Ване Костуранов, ќе биде претставен во рамките на Фестивалот на книгата и книжевноста „Внимавај, книга!“ (Pazi, knjiga!), што од 25 до 29 октомври ќе се одржи на неколку локации во Загреб.
Во рамките на ова прво, сеопфатно претставување на Костуранов пред хрватската јавност, ќе се одржи самостојната изложба, насловена како „Свет инспириран и неограничен од реалноста“, која вклучува избор на илустрации од сликовниците на Костуранов, како и негови соработки на книги со други автори. Изложбата е поделена на три тематски целини и ќе се одржи истовремено на три различни локации во Загреб.
Во Галеријата „ВН“ ќе бидат изложени илустрациите од неговите авторски сликовници: „Ѕвездено дете“, „Девојче и мече“ и „Девојчето и градот“ , кои се во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Во библиотеката и читална „Богдан Огризовиќ“ посетителите ќе можат преку воведна презентација да се запознаат со богатото и разновидно дело на Ване Костуранов. Во библиотеката „Кајфечов бријег“ ќе претстави избор на илустрации од сликовници создадени во соработка со други автори (Данијела Павлек, Ана Ѓокиќ, Ема Понграчиќ, Билјана С. Црвенковска), со кои посетителите ќе можат да го откријат искуството од соработката на писателите со Костуранов. Изложбите во библиотеката и читалната „Богдан Огризовиќ“ и библиотеката „Кајфечов бријег“ ќе можат да се погледнат од понеделник, 25 октомври, додека свеченото отворање на изложбата во галеријата „ВН“ ќе се одржи во вторник, 26 октомври, со почеток во 19 часот. На отворањето ќе присуствува Костуранов, како и авторката и уметничка директорка на Фестивалот „Внимавај, книга!“ – Ана Ѓокиќ и кураторката на изложбата Соња Швец Шпањол.
Планирана е и придружна едукативна програма. На 27 октомври, во библиотеката „Кајфечов бријег“, Костуранов ќе има средба со студентите од втора година на Факултетот за применета уметност и дизајн, и со нивниот професор Никола Пуњек Душак. Студентите ќе имаат единствена можност, преку разговор со авторот, да го запознаат него и неговите дела. Во четврток, 28 октомври, пак, студентите на Загрепската ликовна академија заедно со нивната професорка Светлана Јунаковиќ ќе ја посетат изложбата со илустрациите од авторските сликовници во „ВН“, каде што ќе остварат разговор со уметникот. Организатори на изложбите се „Књига у центру“ и „Креативна мрежа“.
Познатиот македонски сликар, илустратор и автор на книги за деца Ване Костуранов е роден во 1979 година во Струмица, каде што живее и работи. Автор е на сликовниците: „Sвездено дете“ (2018), „Девојче и мече“ (2019) и „Девојчето и градот“ (2020), кои се во издание на „Арс Ламина“. „Sвездено дете“ и „Девојче и мече“ освоија први награди за најдобро ликовно-графички уредени изданија на Саемот на книгата во Скопје, 2018 и 2019 година, а „Девојчето и градот“ – трета награда во истата категорија на Саемот на книгата во Скопје, следната, 2020 година. „Девојче и мече“ се најде на престижната листа „Вајт рејвенс“ во 2019 година, селектирана од Интернационалната младинска библиотека (International Youth Library) од Минхен. Сликовниците на Ване Костуранов се преведени и издадени на српски, хрватски, корејски, турски и германски јазик. Коавтор е на сликовницата „Мирко Немирко“ (Staško Nestaško), по текст на Ана Ѓокиќ, која на македонски јазик ја објави „Арс Ламина“, и која го освои второто место во категоријата за најдобро ликовно-графички уредено издание на годинашното доделување на престижните книжевни награди на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ). Автор е и на илустрациите на „Јaс“ (Ja), по текст на Даниела Павлек, издадена од Здружението „Креативна мрежа“ во Хрватска. Како илустратор е потпишан и на голем број корици на книги за македонски изданија.
Книгите на Ване Костуранов се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk.