Вести

Девојче и мече и Девојчето и градот од Ване Костуранов наскоро ќе бидат објавени на турски јазик

04.08.2021.
Девојче и мече и Девојчето и градот од Ване Костуранов наскоро ќе бидат објавени на турски јазик

Сликовниците „Девојче и мече“ и „Девојчето и градот“ од Ване Костуранов наскоро ќе бидат објавени во Турција. Книгите што првично беа отпечатени на македонски јазик, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе добијат и верзија на турски јазик. Тие ќе бидат застапувани од турската агенција за копирајт и превод „Акдем“ (Akdem), со седиште во Истанбул.

Ова ќе биде четврти јазик на којшто ќе биде објавена наградуваната сликовница „Девојче и мече“. Досега, покрај македонската верзија, излезе и на српски јазик, објавена од „Лагуна“, и на корејски, во издание на „Јелоустоун паблишинг“ (Yellowstone publishing). Во скоро време треба да излезе од печат и германското издание на книгата.

„Девојче и мече“ во 2019 година се најде на престижната книжевна листа „Вајт рејвенс“ (The White Ravens). Овој каталог е најважното издание на Интернационалната библиотека за млади во Минхен, кој се издава со цел да ги промовира најдобрите книги за деца и млади од целиот свет. „Девојче и мече“ е првата книга од Македонија што се нашла на оваа листа. За време на Саемот на книгата во Скопје во 2019 година, на доделувањето на годинашните награди од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), сликовницата ја освои првата награда за најдобро ликовно-графички уредено издание.

Во книгата, едно девојче и едно мече ни ги отвораат вратите од нивниот свет, кој е исто толку обичен, колку што е необичен. Поминувајќи го сето време заедно, тие откриваат многу нови работи. Откриваат дека колку побрзо го возат велосипедот, толку посилно ветрот им ја дува косата. Се искачуваат на највисоките ридови, обидувајќи се да ги допрат сончевите зраци. Уживаат во есента, играјќи си криенка со сонцето. Сѐ прават заедно, додека еден ден…

За „Девојчето и градот“ ова е прва објава надвор од нашата земја. Во книгата, која излезе од печат минатата година, се раскажува приказна за едно девојче, кое живее во еден сивкав, загаден град. Еден ден, талкајќи по улиците полни со луѓе, девојчето ќе се загуби и сосема неочекувано ќе се најде пред една огромна шума, во која ќе открие работи што ќе ѝ го променат животот од корен...

Сликовницата го освои третото место за најдобро ликовно-графички уредено издание на доделувањето на годинашните награди од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) за 2020 година. Минатата година беше меѓу топ 5 најдобро рангирани изданија на листата за детски книги и сликовници на натпреварот „Книга на годината“, што се одвиваше преку интернет-страницата www.kniganagodinata.com.mk. Книгата, исто така, беше инспирација за еден до најголемите конкурси за деца кај нас, на кој пристигнаа околу 700 цртежи и 350 литературни дела од ученици од целата држава.

„Девојче и мече“ и „Девојчето и градот“ на македонски јазик се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

04.
Nov.
Вести
Една од најплодотворните, најнаградувани и најчитани македонски писателки, која остави траен белег во македонската литература, Оливера Николова, почина на 88...
27.
Sep.
Вести
На 8 октомври (вторник), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, ќе се одржат свеченото доделување на наградат...
12.
Apr.
Вести
Книжарниците „Литература.мк“ и „Ист гејт мол“ донираа едукативни играчки во „СОС Детско село“. 
10.
Mar.
Вести
Онлајн-страницата на „Литература.мк“ e прогласена за најдобра е-продавница за култура, настани и едукација на Ecommerce Awards 2022. 
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.79 MB