Со цел да ги промовира трудот и делото на Марко Цепенков, издавачката куќа „Арс Ламина“ донираше книги на три институции што го носат името на овој македонски деец – Институтот за фолклор, Домот за култура во Прилеп и основното училиште во Зелениково. Минатата година беа објавени повеќе книги како дел од иницијативата да се доближи непроценливото наше книжевно богатство до најмладите читатели и на тој начин да се обележи стогодишнината од смртта на Цепенков.

Секоја од библиотеките на овие три институции беше збогатена со нови изданија, книги од познатиот автор Васил Мукаетов, како „Мариовски сказни – Пејови приказни“, која е збирка поезија за деца базирана на шеговитите народни приказни за најпопуларниот јунак на народното усно раскажување Итар Пејо; „Ај погоди!“ (стихувани гатанки), „Што е, а што не е?“ (песни дополнувалки) и „Од згода до згода, заграб бистра вода“ (стихувани умнозборки, пословици и поговорки, со предговор од Ермис Лафазановски), кои се базирани на творештвото и записите на Марко Цепенков.
Дополнително беше донирана и автобиографијата на Цепенков, која првпат е адаптирана на современ македонски јазик. Воедно, од едицијата „Лесно читливите лектири“ (наменета за деца кои имаат дислексија) беа подарени и примероци од „Силјан Штркот“, едно од најзначајните оставини од Марко Цепенков. Библиотеките беа збогатени и со изданија базирани на записите на Марко Цепенков – „Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“. Во нив се собрани најубавите бајки и басни од македонската народна традиција, собирани и запишувани од Марко Цепенков, адаптирани од Билјана Црвенковска и илустрирани од Катерина Николовска. Изданијата се дел од проектот „Бајки од Македонија“, реализиран во соработка со Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“ – Браво Сине!
„Арс Ламина“ постојано работи во сферата на актуализирање и промоција на домашните писатели и македонското творештво преку нови изданија и реобјавувањето на култни дела.