На 5 мај се одбележува Денот на македонскиот јазик, а воедно годинава се означува еден век од раѓањето на великанот Блаже Конески, кој е најзаслужен за утврдување на македонскиот стандарден јазик. Со цел да се продолжи мисијата на Конески, издавачката куќа „Арс Ламина“ постојано поддржува домашни автори кои пишуваат на македонски јазик. Сепак, еден од најамбициозните проекти што сè уште се надградува е едицијата „Македонски книжевни класици“.
Досега беа објавени голем број култни македонски дела на кои се темели нашата книжевност и кои добија ново лице со цел да се приближат до новите генерации читатели. Веќе се објавени девет книги од творештвото на Петре М. Андреевски, стихозбирката „Скопјани“ од Гане Тодоровски, „Пасквелија и Нова Пасквелија“ и „Големата вода“ од Живко Чинго, „Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев и „Зора зад аголот“ и „Кратката пролет на Моно Самоников“ од Димитар Солев.
Ексклузивните изданија на делата на Петре М. Андреевски, илустрирани од неговата внука Воскресија Андреевска, излегоа од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Веќе се реобјавени: романот „Тунел“, збирката раскази „Боемите“ и стихозбирката „Пофалби и поплаки“ (во една книга), „Бежанци“ и збирките песни „Јазли“ (во едно издание), „Лакримариј“, „Последните селани“, „Скакулци“, „Дални наковални“, „Вечна куќа: тажаленки“ и „И на небо и на земја“.
Во рамките на едицијата излезе и збирката песни „Скопјани“ од Гане Тодоровски, која првпат е објавена во 1981 година и која – како што пишува и самиот автор – претставува „мал колаж од песни и други стихозборја и тивкозборја, игрозборки и зборограпки, сонофатки и досеќавалки, слова, записи, документи, препеви паметења, и уште други зборовни итроштини, врзани исклучиво за Скопје и за скопјани“.
Во книгата „Пасквелија и Нова Пасквелија“ се вметнати раскази од Живко Чинго, кои заедно го градат органското единство на големата приказна за земјата Пасквелија и пасквелскиот народ. Всушност, приказната за Пасквелија е приказната за Македонија: полна со страдање, пустош, војни и раскол, но исто така, извор на неочекувана добрина, светлина и убавина – сето тоа прикажано преку нежното и сочувствително, но остро и сатирично перо на овој македонски автор. Неодамна беше објавен и романот „Големата вода“ од Чинго во која авторот ни раскажува за случувањата во домот за сирачиња „Светлост“, во времето веднаш по Втората светска војна, време на неред, сиромаштија и глад.
Од творештвото на Димитар Солев се реобјавени негови два култни романа: „Зора зад аголот“ и „Кратката пролет на Моно Самоников“, додека од творештвото на Ѓорѓи Абаџиев веќе е во продажба „Пустина“ за која бил крунисан со престижната награда „11 Октомври“.
Сите книги се достапни во книжарниците на „Литература.мк“ или можат да се нарачаат онлајн преку интернет-страницата http://www.literatura.mk.