Издавачката куќа „Арс Ламина“ беше дел од акцијата на општина Центар за донација на книги на македонски и англиски јазик за општинските основни училишта. Повод за оваа донација беше 23 април, Светскиот ден на книгата и авторските права и целта беше збогатување на библиотеките, а со тоа и читањето и љубовта кон книгите кај основците.
- Имајќи ја предвид новонастанатата ситуација предизвикана од глобалната здравствена криза и од вонредните околности што го наметнаа онлајн-учењето и секојдневното користење на дигиталните платформи за комуникација во училиштата, оваа иницијатива претставува позитивен пример за моќта на книгата, како важен аспект за правилен интелектуален и емоционален развој на личноста кај децата – истакна градоначалникот Саша Богдановиќ.
„Арс Ламина“ донираше голем број книги за деца меѓу кои и изданија од наши автори „Игра со именки“, „Игра со глаголи“, „Мариовски сказни – Пејови приказни“, „Преминот не е осветлен“, „Шарам-барам“ и многу други. Секако, не беа изоставени и бестселерите од светот на детската книжевност како „Хари Потер и Каменот на мудроста“, „Мери Попинс“, „Авантурите на Хаклбери Фин“ и голем број други изданија.
- Како општествено-одговорна компанија секогаш со задоволство се вклучуваме во ваков тип на иницијативи. Со оглед дека учениците минуваат исклучително тешка учебна година и сосема веројатно го губат допирот со книгите, дониравме голем број на изданија кои ќе ја разгорат нивната љубов кон литературата – истакна Александра Лукиќ – Камиловска, маркетинг-менаџер во „Арс Ламина“.
Во акцијата се вклучија шест издавачки куќи, книжарници и компании од цела земја и севкупно беа донирани 1000 книги за основните училишта во општина Центар.