Во организација на библиотеката „Искра“ од Кочани, со која издавачката куќа „Арс Ламина“ има долгогодишна соработка, беше организиран настан по повод втори април – Меѓународниот ден на детската книга.
На промоцијата што се реализираше преку платформата „Зум“, пред децата од неколку основни училишта од Кочани, беа претставени последните четири книги од Васил Мукаетов: „Ај погоди“, „Од згода до згода, заграб бистра вода“, „Што е, а што не е?“ и „Мариовски сказни, Пејови приказни“. Модератор на настанот беше Магдалена Кочовска Салтирова, а за книгите и за творештвото на Мукаетов зборуваше уредничката во „Арс Ламина“, Татјана Димовска-Атанасова и самиот автор. Беше потенцирана исклучителната важност на неговите последни книги инспирирани од Марко Цепенков, а по повод стогодишнината од неговото творештво.
– Со овие книги Мукаетов на децата им го приближува народното творештво. Низ игровити и шеговити стихови ги повикува да ги активираат мозочињата, да насетуваат, погодуваат и размислуваат. Последните четири наслови од овој мошне плоден автор се скапоцено дополнување на наставата по македонски јазик во основните училишта со содржини што недостигаа, а се битен сегмент на часовите по литература – истакна Димовска-Атанасова.
Васил Мукаетов ја истакна важноста на читањето, даде кусо појаснување за секоја од неговите книги и прочита неколку извадоци, барајќи од децата кои ја следеа промоцијата да ги погодуваат неговите гатанки и дополнувалки.