Вести

Стихозбирката Скопјани од Гане Тодоровски достапна и во продажни места на дневниот весник Слободен печат

16.02.2021.
Стихозбирката Скопјани од Гане Тодоровски достапна и во продажни места на дневниот весник Слободен печат

Стихозбирката „Скопјани“ од Гане Тодоровски е достапна да се купи во продажни места на дневниот весник „Слободен печат“ за 290 денари. Оваа книга е во издание на „Арс Ламина“ и е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“ во која досега се објавени 11 дела од Петре М. Андреевски.

„Скопјани“, првпат е објавена во 1981 година, која – како што има изјавено и самиот автор – претставува „мал колаж од песни и други стихозборја и тивкозборја, игрозборки и зборограпки, сонофатки и досеќавалки, слова, записи, документи, препеви паметења, и уште други зборовни итроштини, врзани исклучиво за Скопје и за скопјани“.

Новото издание на стихозбирката „Скопјани“ е дополнето со модернистички илустрации од уметникот Ивица Спасовски, кои успешно се надоврзуваат на семиотиката на оваа книшка и со својот современ изглед учествуваат во реактуализацијата на личностите и местата опеани во нивното некогашно постоење, правејќи читателите на моменти да се почувствуваат како непосредни сведоци на случувањата.

Гане Тодоровски е поет, преведувач, универзитетски професор, есеист, академик, амбасадор. Роден е во Скопје, во 1929 година, каде што го оформува своето образование и каде што го поминува целиот свој работен век, како професор на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Со книжевна активност почнува да се занимава непосредно по ослободувањето, пишувајќи за весниците „Нова Македонија“, „Пионерски весник“, „Нов ден“ и други. Неговото богато творештво брои повеќе од 220 наслови од областите на поезијата, критиката, есеистиката, литературната историја, патеписот, литературниот запис, публицистиката, историографијата, културологијата, препевот, антологичарството. Тој припаѓа на носечката поетска генерација писатели што ја афирмираат современата македонска литература во светот. Неговите дела, главно поезија и есеистика, се преведени на многу светски јазици и тоа: албански, англиски, бугарски, влашки, грчки, есперанто, кинески, ромски, руски, српски, турски, хрватски, чешки и шведски јазик. Добитник е на најпрестижните книжевни награди во Македонија, меѓу кои: „Кочо Рацин“, „11 Октомври“, „13 Ноември“, „Браќа Миладиновци“, „Климент Охридски“, „Гоце Делчев“, „Димитар Митрев“, наградата „Ацо Шопов“ и други.

Од 1951 година е член на Друштвото на писателите на Македонија, а притоа во два наврата и негов претседател. Во периодот 1970-71 година е претседател на Советот на манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“. Тој е првиот амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација. Од 1997 година е член на Македонската академија на науките и уметностите. Умира во 2010 година, на 81-годишна возраст.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

12.
Apr.
Вести
Книжарниците „Литература.мк“ и „Ист гејт мол“ донираа едукативни играчки во „СОС Детско село“. 
10.
Mar.
Вести
Онлајн-страницата на „Литература.мк“ e прогласена за најдобра е-продавница за култура, настани и едукација на Ecommerce Awards 2022. 
array(0) {
}
Memory Consumption is: 7.45 MB