Вести

Новиот роман на Влада Урошевиќ меѓу четирите финалисти за Роман на годината

10.03.2023.
Новиот роман на Влада Урошевиќ меѓу четирите финалисти за Роман на годината

Новиот роман на Влада Урошевиќ „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ влезе меѓу четирите финалисти за наградата Роман на годината. Станува збор за седмиот роман на академик Урошевиќ, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Во најтесниот избор за годинашната награда, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, влегоа и „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски („Три“), „Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски („Или-или“) и „Столб што пее“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“).

Ова е трета селекција што ја направи жири-комисијата за наградата Роман на годината за 2022 година, во состав Симона Јованоска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Илир Ајдини, Гоце Ристовски, Сашо Кокаланов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата). Првично, за наградата конкурираа 35 романи (од кои седум беа од „Арс Ламина“), во првата селекција влегоа 19 наслови, по што изборот се сведе на шест наслови. Жирито е должно да го соопшти името на добитникот до 15 март. Наградата Роман на годината годинава ќе биде доделена по 24-ти пат. Наградата се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.

Романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ беше претставен на 23 февруари 2023 година со свечена промоција во киното „Фросина“, МКЦ. Книгата, заедно од уште три дела од Урошевиќ, се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“.

Приказната во романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ почнува летото 1898 година. Во преодните денови помеѓу веќе исцрпениот XIX век и тукушто родениот XX век – Никола се враќа од своите студии на Ecole supérieur de pharmacie во Париз. Со себе го носи научното знаење од Западот и етосот на модерниот, просветлен човек, желен да ги примени во своето родно Скопје. Дома – во големата куќа на крајот на градот, покрај течението на реката Вардар – го чекаат татко му Харалампие, трговецот на ангро, мајка му Евдокија и трите помлади братучетки. На прв поглед, животот на ова семејство изгледа нормален, пристоен, па дури и здодевен. Но, работите не се такви како што изгледаат. Нешто страшно и неискажливо ја фрла својата сенка врз семејството Пустополски. Старата куќа крие свои тајни што се протегаат сè до Ориентот и кои се однесуваат на богатството на дедото на Никола. Приказната за еден прстен купен во Старата скопска чаршија го втурнува Никола во низа настани чиешто потекло, смисла и цел не му се целосно јасни...

Романот од Влада Урошевиќ е достапен во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

04.
Nov.
Вести
Една од најплодотворните, најнаградувани и најчитани македонски писателки, која остави траен белег во македонската литература, Оливера Николова, почина на 88...
27.
Sep.
Вести
На 8 октомври (вторник), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, ќе се одржат свеченото доделување на наградат...
12.
Apr.
Вести
Книжарниците „Литература.мк“ и „Ист гејт мол“ донираа едукативни играчки во „СОС Детско село“. 
10.
Mar.
Вести
Онлајн-страницата на „Литература.мк“ e прогласена за најдобра е-продавница за култура, настани и едукација на Ecommerce Awards 2022. 
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.79 MB