Новите романи на Влада Урошевиќ и на Хари Кацановски, кои се во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, влегоа меѓу десетте финалисти за наградата Роман на годината. Станува збор за седмиот роман на академик Урошевиќ – „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ и за дебитантската книга на младиот автор Кацановски – „Анатрос“.
Жири-комисијата за наградата Роман на годината за 2022 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, во втората селекција избра десет романи што останаа во конкуренција за оваа престижна награда. Првично, за наградата конкурираа 35 романи (од кои седум беа од „Арс Ламина“), а во првата селекција влегоа 19 наслови.
Жири-комисијата, во состав Симона Јованоска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Илир Ајдини, Гоце Ристовски, Сашо Кокаланов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), е должна да го соопшти името на добитникот до 15 март. Наградата Роман на годината годинава ќе биде доделена по 24-ти пат. Наградата се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ беше претставен неодамна со свечена промоција во киното „Фросина“, МКЦ. Книгата, заедно од уште три дела од Урошевиќ, се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“.
Приказната во романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ почнува летото 1898 година. Во преодните денови помеѓу веќе исцрпениот XIX век и тукушто родениот XX век – Никола се враќа од своите студии на Ecole supérieur de pharmacie во Париз. Со себе го носи научното знаење од Западот и етосот на модерниот, просветлен човек, желен да ги примени во своето родно Скопје. Дома – во големата куќа на крајот на градот, покрај течението на реката Вардар – го чекаат татко му Харалампие, трговецот на ангро, мајка му Евдокија и трите помлади братучетки. На прв поглед, животот на ова семејство изгледа нормален, пристоен, па дури и здодевен. Но, работите не се такви како што изгледаат. Нешто страшно и неискажливо ја фрла својата сенка врз семејството Пустополски. Старата куќа крие свои тајни што се протегаат сè до Ориентот и кои се однесуваат на богатството на дедото на Никола. Приказната за еден прстен купен во Старата скопска чаршија го втурнува Никола во низа настани чиешто потекло, смисла и цел не му се целосно јасни...
Романот „Анатрос“, пак, беше промовиран на 16 февруари во „Литература.мк“ на улицата „Македонија“, за време на „Денови на литературата“. Книгата е дел од едицијата „Во еден здив“. Големата жанровска рамка на „Анатрос“ е научната фантастика, иако во овој кус роман се преплетуваат повеќе различни пристапи и понирања и во други раскажувачки формати. Психологијата на ликовите, траумите од растењето, релациите со другите... во книжевното писмо на Кацановски се поставени како наджанровска база, како суштина на постоењето сега, порано или подоцна. Компјутерските игри во иднината можеби ќе имаат влез за стварноста во нив, но она што нема да се промени е човековиот стремеж за излез од болката, страдањето и осаменоста.
Книгите се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.