
Седум книги во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, влегоа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2022 година. Станува збор за насловите: „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков, „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Влада Урошевиќ, „Смртта нe е крај“ од Владо Јаневски, „Анатрос“ од Хари Кацановски, „Токсични луѓе“ од Велко Неделковски, „Мастилна мапа“ од Марија Ралповска и „Ние“ од Ана Стојаноска.
Жири-комисијата за доделување на наградата Роман на годината за 2022 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, информира дека на годинашниот конкурс пристигнаа 34 романи. Жири-комисијата, во состав Симона Јованоска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Илир Ајдини, Гоце Ристовски, Сашо Кокаланов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата) заклучи дека и годинава конкуренцијата изобилува со квалитетни романи.
Жири-комисијата и годинава ќе направи неколку селекции на пристигнатите романи, а селектираните романи јавно ќе бидат објавени. Жири-комисијата е должна да го соопшти името на добитникот до 15 март. Наградата Роман на годината годинава ќе биде доделена по 24-ти пат. Наградата се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.