Наградуваниот српскиот писател и книжевен преведувач Дејан Тиаго-Станковиќ ненадејно почина денеска во својот дом во Лисабон, на 57-годишна возраст.
Роден е во Белград во 1965 година, каде што живеел до 1991 година, сè додека не дипломирал архитектура со која никогаш не се занимавал. Во Лондон живеел до 1995 година, а оттаму се преселил во Португалија. Повеќе децении живеел во Лисабон и добил португалско државјанство. Писателскиот занает го научил од најдобрите, преведувајќи ги на португалски јазик делата од најзначајните српски писатели Иво Андриќ, Милош Црњански, Душан Ковачевиќ, Драгослав Михајловиќ, а на српски ги превел книгите на големиот португалски писател и добитник на „Нобеловата награда“ – Жозе Сарамаго. Пишувал на српски и на португалски. Добитник е на наградата „Бранко Ќопиќ“, а неговите книги беа во потесен избор за наградата НИН, признанијата „Исидора Секулиќ“, „Душан Васиљев“... Ја добил престижната Европска награда за книжевност за романот „Замалек“, кој на македонски јазик го преведе Илина Јакимовска, а е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Македонската публика го запозна одблизу Тиаго-Станковиќ во Скопје, во 2021 година, на промоцијата на „Замалек“, за време на Саемот на книгата, каде што беше драг гостин на издавачката куќа „Арс Ламина“.
„Замалек“ е инспириран од неговите повеќемесечни престои во Каиро во период од четири години, на она што го доживеал таму и приказните што таму ги чул. Имено, називот е според елитна населба во срцето на Каиро, на островот среде Нил.
Причините за смртта сè уште не се обелоденети.