Писателот Александар Русјаков е добитник на годинашнoто „Рациново признание“ за неговата најнова книга „Хотел меѓу две војни“. Комисијата, во состав Јасминка Делова-Силјанова (претседател) и членовите Снежана Петрова-Џамбазова и Маја Апостолска, едногласно одлучи, од доставени 22 книги на конкурсот, наградата да се додели за ова прозно остварување кое плени со својата оригиналност и нестереотипен раскажувачки дискурс. „Рациновото признание“ ќе биде врачено вечерва, на официјалното отворање на 59. Рацинови средби во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес.
„Хотел меѓу две војни“, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е роман чиј наратив не може да се ограничи само на една жанровска определба. Со својата жанровска флуктуација оваа прозна објава може да се толкува под терминот експериментален хибрид од љубовен, псевдоисториски и фантастичен роман во кој главните протагонисти се најпрепознатливите балкански Ромео и Јулија – Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте, во главниот дел од приказната и Елени Каринте и Никифор Гермијан, во паралелниот дел од споредната приказна.
Романот „Хотел меѓу две војни“ нуди уникатно уметничко доживување и несомнено придонесува кон збогатување на современата македонска проза.
Почесното Рациново признание годинава му припадна на проф. д-р Жарко Бошњаковиќ од Нови Сад, истакнат српски лингвист и редовен професор на Филозофскиот факултет во Нови Сад. Проф. д-р Бошњаковиќ е автор и коавтор на значајни монографии, статии и студии објавувани во престижни публикации во Србија и пошироко. Автор е на „Македонски јазик, читанка, речник, граматика 1986“, „Со македонски во светот 2005“, коавтор е на обемното дело „Македонско-српски и српско-македонски речник, изговор и граматика 2008“.
„Хотел меѓу две војни“, кој триумфира и на наградата „Пегаз“ за 2021 година, беше промовиран во март оваа година. Во издание на „Арс Ламина“, покрај „Хотел меѓу две војни“, од Александар Русјаков се и книгите „Курвински хроники“ и „Албино трип“.
Книгите од Русјаков се достапни во книжарниците на „Литература.мк“ и онлајн преку https://www.literatura.mk.