По повод одбележувањето на јубилејните 75 години од постоењето на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет, во Охрид, од 16 до 18 мај 2022 година, се одржа Меѓународна научна конференција на тема „75 години Институт за педагогија – Воспитно-образовни предизвици и перспективи“. Издавачката куќа „Арс Ламина“, чијашто долгорочна мисија е поттикнување и унапредување на образованието, науката и педагошката дејност во нашата земја, ја поддржа конференцијата со спонзорство.
Во рамките на заложбата за подигнување на квалитетот на образовните процеси, „Арс Ламина“ континуирано поддржува релевантни здруженија и институции, научни настани, обуки, конференции и слично. Исто така, редовно објавува значајни образовни изданија, прирачници за наставници и ученици, дидактички материјали за работа на час, учебници, вежбанки, лектирни изданија, читанки и многу други стручни публикации.
– Сметаме дека едукацијата и пласманот на квалитетна и соодветна литература, пред сè кај просветните работници, науката и за децата е многу важно, затоа што тоа е значајна инвестиција во иднината. Изминативе години успеавме да ги подигнеме критериумите за објавување учебници, да објавиме осовременети училишни и едукативни изданија и книги за деца и лектири, сè со цел да бидат поинтересни и поприфатливи за новите генерации. Поставивме нови стандарди и насоки за изработка на стручна литература, прирачници и дополнителни материјали за педагозите. Ги следиме светските стручни стандарди и естетика, но и ние поттикнуваме трендови. Како општествено одговорна компанија, книгите и едукативните изданија ги правиме достапни и за сите читатели, преку различни донации, кампањи за читање и поддршка на образовните институции, проекти, конференции, обуки и слично. Поддршката на конференцијата на Институтот за педагогија по повод 75-годишницата е дел од нашата заложба за афирмација и промоција на педагогијата и клог во клавитетни образовни кадри. Институтот за педагогија е прва и најстара високообразовна институција за едукација на педагози, наставници и воспитувачи во нашата држава, со која имаме остварено повеќе значајни соработки, а оваа година се јавуваме и како спонзори на конференцијата – велат од „Арс Ламина“ која во рамките на својата кампања „Читањето е супермоќ“ пред неколку години одржа обуки на Филозофскиот факултет насловени како „Развивање на читачките навики и способности кај учениците“, со над 1.300 посетители.
На конференцијата во Охрид,на издавачката куќа „Арс Ламина“ ѝ беше доделена благодарница за особен придонес за успешна организација на Меѓународната научна конференција. Плакети за долгогодишен и исклучителен придонес за развојот на наставата и науката им беа врачени на проф. д-р Ратко Дуев, постхумно на проф. д-р Натка Мицковиќ, проф. д-р Зоран Велковски, проф. д-р Трајан Гоцевски, проф. д-р Наташа Ангелоска Галевска и проф. д-р Лена Дамовска.
На отворањето се обратија министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски, градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков, проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет во Скопје и раководителката на Институтот за педагогија, проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска.
Деканот на Филозофскиот факултет Ратко Дуев истакна дека конференцијата е одлична можност, каде што околу 200 учесници од 21 земја од Европа и регионот ќе зборуваат за проблемите во една област, посочувајќи дека само на тој начин ќе се дојдеме до поквалитетно образование и поквалитетен развој на најмладите.
– Постојано ги прифаќаме искуствата на поразвиените држави во образованието, проблемот е што регионално се соочуваме со поголем проблем за кој малку се зборува, а тоа е масовната миграција на младите. Последните десет години имаме 40 отсто помалку матуранти, така што, покрај пандемијата, ова е голем предизвик за образованието, зашто, доколку не го решиме тој предизвик, ние не можеме да зборуваме за перспективи – забележа Дуев.
Раководителот на Институтот за педагогија Елизабета Томевска-Илиевска рече дека пандемијата со коронавирусот влијаела многу на образовниот процес, но оти последиците допрва ќе следуваат.
– Во сите потсистеми пандемијата влијаеше и нејзините негативни резултати ќе имаат влијание и последици во иднина. Направи голем проблем врз психолошкиот и социјалниот аспект на развојните аспекти кај децата, кај младите, но и кај возрасните. Сите бевме затекнати, и основното и средното и високото образование. Како професор, кога работите со вашите студенти преку монитор го немате визуелниот поглед, не ги чувствувате децата, а ние, како педагози, велиме дека во наставата треба да се почитува индивидуалниот развој, индивидуализирано треба да се работи со децата-ученици. Не сум сигурна дека преку онлајн-наставата во целост се остваруваше овој дел – рече Томевска-Илиевска.
Покровител на конференцијата беше претседателот на државата Стево Пендаровски, кој преку писмо ги поздрави присутните, забележувајќи дека образованието е темелот за изградба на здрави личности, кои ќе се стекнат со знаења и вештини нужни за развојот на нашата држава.
– Воспитно-образовните процеси не се нешто статично и неменливо. Напротив, тие треба да се приспособуваат на потребите на оние за кои се наменети, како и на барањата и очекувањата на општествата, во корелација со развојните трендови. Во овој контекст, немерлив е придонесот на оние што како практичари се вклучени во воспитно-образовниот процес и кои се задолжени за негово соодветно имплементирање – се вели во писмото од Пендаровски.
На Меѓународната научна конференција беа презентирани 123 реферати од страна на 202 учесници: педагози, наставници, воспитувачи, универзитетски професори, студенти, ректори, декани и градоначалници, од 21 земја (Финска, Хрватска, Италија, Унгарија, Турција, Словенија, Полска, Чешка, Израел, Велика Британија, Украина, Казахстан, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Швајцарија, Албанија, Бугарија, Косово и Египет).