Промоции

Промоција на Мастилна мапа од Марија Ралповска во библиотеката Гоце Делчев во Велес

01.03.2023.
Промоција на Мастилна мапа од Марија Ралповска во библиотеката Гоце Делчев во Велес

Новиот роман „Мастилна мапа“ од Марија Ралповска ќе биде промовиран на втори март (четврток), во 14 часот, во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес. Промоторка на книгата ќе биде Бети Бандиловска. Романот, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“,  влезе во потесниот избор за книжевната награда „Пегаз“ за 2021 година.

Изданието беше промовирано неодамна во Скопје, во „Литература.мк суперстор“ во „Ист гејт мол“,  како дел од програмата на „Денови на литературата“.

 „Мастилна мапа“ раскажува за тајна чувана со години, пренесувана преку допирот на мастилото. Приказна што ги поврзува легендите, желбата на човекот за семоќност и вечното прашање: дали постоиме само ние или живееме во паралелни светови? Сè почнува со една обична тетоважа што ќе биде причина за играта наречена живот или смрт. Случајна средба ги поврзува девојката и инспекторот кои влегуваат во трка со времето, следејќи го убиецот кој постојано чекори пред нив. Ќе ја откријат ли приказната чувана со векови, која за обичниот човек е мит, а за оној што верува – порив да не запре додека не ја реши загатката?

Марија Ралповска е млада авторка, која твори од најрана возраст, а првата книга ја има објавено на 14 години. Зад себе има повеќе публикации. Ова е нејзин втор роман во издание на „Арс Ламина“, по трилерот „Сенки во подземјето“.

– Приказната за „Мастилна мапа“ се роди во 2020 година, за време на пандемијата со КОВИД-19. Тоа беше период полн со предизвици и неизвесност за сите нас, но јас успеав да ја насочам целата моја енергија кон идејата за нов роман и она слободно време што го имав го искористив за пишување. Романот припаѓа на жанрот трилер, но се обидов да протнам и доза фантазија низ него. Обожавам да пишувам и ја сакам криминалистиката, па така во овој роман се испреплетуваат мојата професија и моето хоби. Четирите години што ги поминав на Факултетот за безбедност ми донесоа знаење што често го користам додека пишувам, внесувајќи се во умот и играта на криминалецот, но и начините на неговото фаќање и изнесување пред лицето на правдата. Главната протагонистка, Валерија е млада и храбра девојка, којашто и покрај раните од детството успева гордо и самостојно да чекори низ животот. Филип е млад, но амбициозен инспектор кој деноноќно работи за да ги фати криминалците и да ги стави зад решетки. Негативецот е студен и себичен лик, внесен во своите приказни и духови од минатото што го водат низ темната страна на животот. „Мастилна мапа“ има цел да го заинтригира читателот, да ја разгори неговата љубопитност околу прашањето што се провлекува низ целата приказна: што се крие во универзумот, дали постои нешто друго надвор од орбитата на нашата планета? Од друга страна, романот носи порака за светлата и темната страна на животот, за изборите што нѐ градат во личности во кои прераснуваме, за борбата на доброто и злото и дека на крајот на денот секогаш постои трошка надеж – рече Ралповска на промоцијата за време на „Денови на литературата“.

Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk на следниот линк:

https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=15018

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.86 MB