Промоции

Промоција на Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто од Магде Ангова во Гевгелија

17.05.2022.
Промоција на Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто од Магде Ангова во Гевгелија

Илустрираната книга за деца „Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“ од младата авторка Магде Ангова деновиве ќе биде промовирана и во Гевгелија. Дружбата со читателите од градот на писателката ќе се одржи на 20 мај (петок), во 18.30 часот, во новата книжарница „The Book Shop“. Книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е збогатена со илустрации од Елена Давчева-Стојановска, а е уредувана од Оливера Ќорвезироска.

Изданието првично беше промовирано минатиот месец во „Литература.мк суперстор“ во „Скопје сити мол“, а на неодамна одржаниот Саем на книгата 2022 авторката потпишуваше книги на штандот на „Арс Ламина“.

„Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“ е игрива, тематска збирка што ги оживува и ги осовременува гатанките како специфичен жанр, омилен и популарен за децата од ниските одделенија. Со досетлив, лирски избор на заглавните зборови – решенија на гатанките, и со опуштен, врзан стих со рима, Магде Ангова создала интересен поетски свет за видливите и невидливите нешта што децата треба само да ги препознаат или допрва да ги научат.

Книгата на забавен и интересен начин го отсликува светот околу нас. Многу предмети, животни, растенија и личности кои нѐ опкружуваат и се среќаваме со нив во секојдневниот живот се прикажани, опеани со необична и игрива рима. Со „Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“ децата ќе се забавуваат, ќе научат многу интересни работи за светот што ги опкружува, а родителите, читајќи им ја книгата, ќе поминат квалитетно време со своите најмили.

Магде Ангова e родена во 1987 година. Живее во Гевгелија, а работи во Општина Дојран како личност за односи со јавноста. Таа е магистер по медиуми и комуникации, а во моментов ја завршува и магистратурата по психологија. „Гатанки за сѐ и сешто и за уште нешто“ е нејзина прва книга.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.85 MB