„Рокчето“ е прва книга за деца на Никола Маџиров, еден од најистакнатите и најпреведуваните современи македонски поети во светот. Сочувувајќи ја својата препознатлива поетичка нишка, Маџиров напишал авторска бајка според истоимената приказна од струмичкиот крај собрана од фолклористот Иван Котев. Во неа, Маџиров подеднакво е и поет и раскажувач.
Формата „приказна во приказна“ во текстот на Маџиров е изведена многу лирски. Во наше, сегашно време, дедо му ја раскажува приказната за рокчето на својот внук. Читателите ја слушаат/ја читаат приказната, заедно и истовремено со детето-главен лик. Ваквото раскажување на две нивоа: во сегашноста како рамка на минатото, во современоста како рамка за традицијата, е видливо и во илустрациите на Анета Илиевска, коишто исто така се на две нивоа: еден е ликовниот израз на страниците каде што дедото и внукот се сами во наше време (модерен), друг – во приказната што дедото му ја раскажува на внукот (фолклорен).
Посебноста на оваа сликовница е во тоа што на крајот сè се поврзува со сè. Минатото со сегашноста, традицијата со совремието, приказните со поезијата, народното творештво со авторскиот израз. Детето коешто ја слуша приказната се идентификува со детето со рогот од приказната; дедото којшто раскажува, всушност е детето со рогот, и на внукот (и на читателите) им раскажува за себе. Личните поврзувањa ѝ даваат особена лиричност на оваа сликовница мека како облак, нежна како снегулка.
Сликовницата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк" и онлајн преку следниот линк: https://www.literatura.mk/slikovnici/47114-rokceto