Најнови изданија

НОВО: Грофот Магнус и други приказни за духови од М. Р. Џејмс

31.10.2021.
НОВО: Грофот Магнус и други приказни за духови од М. Р. Џејмс

Дали сакате страшни приказни за духови? Подготвени ли сте за хорор што ја смрзнува крвта? Новата книга во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, „Грофот Магнус и други приказни за духови“ од М. Р. Џејмс е токму таква, неизвесна и страшна, но доволно интересна за да не се откажете при првото соочување со натприродните суштества.

  Монтегју Роудс Џејмс оправдано се смета за еден од најпознатите писатели на приказни за духови. Роден во втората половина од XIX век тој ги поставил сите современи правила и норми за тоа како треба да изгледа една страшна приказна во која се појавува некаков вид на натприродно суштество, најчесто окарактеризирано како дух.

Според култниот писател на хоророт и чудната фикција, Х.П. Лафкравт, Џејмс ѝ припаѓа на т.н. „голема четворка“ заедно со Велшанецот Артур Макен, Англичанецот Алџернон Блеквуд и Англоирецот, познатиот лорд Дансени. Лафкрафт насетил дека Џејмс бил „надарен со речиси дијаболична моќ за благо и постепено повикување на стравот од самото средиште на прозаичноста на секојдневниот живот“. И Лафкрафт целосно има право: неговите раскази секогаш почнуваат со вообичаени настани од секојдневието и ги носат јунаците во неочекувани и страшни заплети.

Книгата „Грофот Магнус и други приказни“ за духови е всушност избор од целокупниот, но не многу обемен опус на англискиот автор (тој има напишано само триесетина раскази). Станува збор за десет најтипични раскази од овој автор, меѓу кои спаѓаат култните „Грофот Магнус“ (според кој е именувана збирката), навистина застрашувачкиот „Само свирни и идам, другар“ и крајно невообичаениот „Предупредување за љубопитните“. Во овие раскази јунаците на Џејмс ги опседнуваат духови во најразлични опкружувања и на различни начини.

Во еден од расказите фигурите на мецотинтот се помрднуваат; во друг, една од собите во хотелот периодично исчезнува и се појавува; во трет, клетвата на една стара вештерка од минатото ги прогонува наследниците во сегашноста; во четврт паганското наследство на местото го напаѓа свештеникот на една област итн. Џејмс бил писател-аматер, кој ги напишал овие кратки ремек-дела како разонода, во слободното време помеѓу предавањата на Кембриџ. Тој бил долгогодишен професор на древниот англиски универзитет и исклучиво се занимавал со историјата, архитектурата и старите ракописи од средниот век. Знаењето стекнато од неговата професија го применувал и во расказите, кои на многу интересен и лесен начин „шверцуваат“ точни факти поврзани со овие области. Имено, поради атмосферата, типичниот главен јунак и присуството на автентично знаење, Џејмс се смета за основоположник на под-жанрот наречен „антикварска приказна за духови“ – жанр врз чија предлошка ќе бидат напишани уште многу книги, и ќе бидат режирани уште многу филмови.

Уште една, последна информација, која е всушност, препорака. Неговите пријатели од Кембриџ кажувале дека Џејмс своите приказни пред сè ги пишувал за да ги забавува и да ги заплаши своите пријатели. Многу од приказните биле читани за време на темните и студени божиќни вечери, во затемнети соби, единствено осветлени од присуството на неколку свеќи. Можеби приказните на Џејмс најдобро го постигнуваат својот ефект кога се читани наглас? Тоа го оставаме на вас, читателите, да го откриете. Дали ќе преферирате да ги читате овие приказни сами, уживајќи во уникатниот хорор; или во друштво на пријателите, во затемнета просторија за време на Ноќта на вештерките, зависи само и единствено од вас.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

24.
Oct.
Најнови изданија
Новиот роман на популарната авторка Јана Мишо - „Што се случи со Исидора?“, ќе биде промовиран на 31 октомври (четврток), со почеток во 19 часот,...
12.
Jan.
Најнови изданија
„Рокчето“ е прва книга за деца на Никола Маџиров, еден од најистакнатите и најпреведуваните современи македонски поети во светот.
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.78 MB