Во рамките на проектот на издавачката куќа „Арс Ламина“ за реактуализирање на најзначајните дела од нашата книжевност, неодамна од печат излегоа класиците „Пасквелија и Нова Пасквелија“ и „Големата вода“ од Живко Чинго. Реобјавените книги се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, во издание на „Арс Либрис“, односно „Арс Ламина – публикации“ и се со нов, современ дизајн.
Живко Чинго е истакнат македонски раскажувач, романописец и драмски писател, еден од доајените на нашата литература, и реобјавувањето на неговите дела е од големо значење за македонската култура и книжевност денес.
Проф. Димитар Пандев, филолог, литературен критичар и професор на Филолошкиот факултет вели дека секое навраќање кон делата на Чинго претставува навраќање кон нашите извори.
– Денес е особено големо значењето на Живко Чинго за македонската култура и за македонската литература воопшто. Можеме да забележиме дека врз македонската култура се вршат определени напади, однадвор, се откажува автохтоноста и оригиналната македонска раскажувачка моќ. Но, токму Живко Чинго е еден од оние што им пркосел, во свое време, на сите оние матрици што се обидуваат да ни ги наметнат. Чинго е всушност оригинален македонски писател и како таков останува во македонската свест. Своевремено бил бунтовник, но токму таа негова бунтовност ја покажува онаа творечка врвица во македонската култура и литература, што продолжува и ден-денес... Така, реобјавувањето на македонските книжевни класици значи воспоставувањето на една традиција и навраќање кон корените. Воспоставување на традицијата што отсекогаш постоела, во Македонија, токму преку реиздавање на книгите. Голем дел од делата на Чинго денес се тешко достапни, некои воопшто не се наоѓаат, ни во библиотеките, ни во книжарниците, а секое навраќање кон Чинго претставува навраќање кон нашите извори, кон оние извори со кои запоточила современата македонска книжевност – вели проф. Димитар Пандев.
Поетот Славе Ѓорѓо Димовски вели дека „Пасквелија и Нова Пасквелија“ и „Големата вода“ се од големо значење во регионални рамки, а и пошироко.
– Живко Чинго е ореол на современата македонска литература, чиишто корени можат да се врзат многу наназад, од нашата македонска преродба со браќата Миладиновци и Григор Прличев, но најмногу со делото на Марко Цепенков, со неговите народни приказни. Чинго ги пишува своите раскази „Пасквелија“ и „Нова Пасквелија“, како и романот „Големата вода“, во едни клучни моменти на социјалистичкиот развој на тогашна Југославија, каде што дава една прецизна критика, еден прецизен однос кон она што се случува и кои се аномалиите на тој систем. На децата им кажувам дека „Големата вода“ ја имам читано 15-16 пати, не како роман, туку како поема. Тоа ни зборува какво е значењето на „Големата вода“ и на Чинго во регионални рамки, а и пошироко – вели Димовски.
Делата на Чинго во голема мера се инспирирани од неговото родно село, Велгошти.
– Неговото Велгошти е оној регионален импулс што постои во македонската литература, почнувајќи од Стале Попов и неговото Мариово, до оние измислени вредности што подоцна ќе ги вложи Славко Јаневски. Живко Чинго е токму меѓу нив, со своето гротескно дело – вели проф. Пандев.
Во врска со Велгошти, како инспирација за книгите на Чинго, поетот Димовски додава:
– Велгошти е едно од оние осум села што се наоѓаат во регионот на планината Галичица. Топонимијата Пасквелија, што ја користи Чинго, е всушност Велгошти. Пасквелија е средновековен расказ, „Паквел“, во којшто има иронично-сатирични содржини. Значи, оттука Чинго го зел топонимот Пасквелија.
Во „Пасквелија и Нова Пасквелија“ се вметнати расказите од Чинго од познати збирки, што заедно го градат органското единство на големата приказна за земјата Пасквелија и пасквелскиот народ. Всушност, приказната за Пасквелија е приказната за Македонија: полна со страдање, пустош, војни и раскол, но исто така, извор на неочекувана добрина, светлина и убавина – сето тоа прикажано преку нежното и сочувствително, но остро и сатирично перо на овој македонски автор.
Тешко е да се каже што или кој е во прв план во овие две збирки раскази: дали е тоа пасквелскиот човек – суеверен и безверен, традиционален и прогресивен, добар и лош – или, пак, самата земја Пасквелија – пуста и плодна, прастара и нова, вечна и историска. И покрај тоа што темите се јасно фиксирани во историјата, втемелени на конкретни историски настани, поуките што Чинго ги извлекува од своите ликови и самата земја се безвременски, исто како и неговиот начин на раскажување кој води потекло од фолклорот и приказните на Марко Цепенков.
Инаку, збирката раскази „Пасквелија“ првично била објавена 1961 година, а „Нова Пасквелија“ во 1965 година.
Во романот „Големата вода“, кој првпат бил објавен 1971 година, Живко Чинго ни раскажува за случувањата во домот за сирачиња „Светлост“, во периодот непосредно по Втората светска војна. Тоа било време на безредие, сиромаштија и глад. Приказната ја гледаме и ја слушаме низ очите и гласот на Лем Никодиноски и преку него се запознаваме со низа гротескни, но мајсторски изработено ликови: неговиот најдобар пријател Исак Кејтен, управителот на домот Аритон Јаковлески, воспитувачот, поет и спортист Трифун Трифуноски, ѕвонарот Анески, воспитувачката Оливера Срезоска... Покрај овие маркантни и конкретни ликови, низ душата на Лем прострујуваат и клучните симболи на оваа приказна – Големата вода, Сентерлевиот рид и Ѕидот – обременувајќи го романот со вечно, општоважечко значење. Романот во 2004 година доби и филмска адаптација во режија на Иво Трајков.
Живко Чинго е роден на 13.08.1935 година, а завршува основно образование во селото Велгошти, Охридско. Средно гимназиско образование стекнува во Охрид, а во 1959 година дипломира на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на групата за југословенска литература. По дипломирањето, одредено време работи како професор по книжевност во гимназијата во Охрид. Подоцна доаѓа во Скопје, каде што работи во најразлични престижни медиуми и институции: „Студентски збор“, „Млад борец“, во Радио-телевизија Скопје, во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, во Центарот за политички студии. Воедно, тој е и долгогодишен директор на Драмата при Македонскиот народен театар и при крајот на животот работи како советник при Републичкиот комитет за култура. Во 1963 година станува член на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), а потоа и на МАНУ.
Неговото творештво главно е содржано од раскази, романи, драми и филмски сценарија: „Пасквелија“ (раскази, 1963), „Семејството Огулиновци“ (раскази, 1965), „Нова Пасквелија“ (раскази, 1965), „Сребрените снегови“ (роман за деца, 1966), „Пожар“ (раскази, 1970), „Големата вода“ (роман, 1971), „Жед“ (сценарио, 1971), „Поле“ (сценарио, 1971), „Образов“ (драма, 1973), „Ѕидот, водата“ (драма, 1976), „Вљубениот дух“ (раскази, 1976), „Кенгурски скок“ (драма, 1979), „Макавејските празници“ (драма, 1982), „Накусо“ (раскази, 1984), „Пчеларник“ (сценарио, 1988), „Гроб за душата“ (раскази, 1989), „Бабаџан“ (роман, 1989), „Бунило“ (раскази, 1989), „Ал“ (проза, 1989).
Во историјата на македонската книжевност најмногу е запаметен по циклусот раскази „Пасквелија“, по романот за деца „Сребрените снегови“ и романот „Големата вода“. „Сребрените снегови“ и „Големата вода“ со години се на стандардната листа за лектири за основно и средно училиште, додека, пак, неговата кратка проза и романите предизвикувале и сè уште предизвикуваат голем интерес кај книжевните критичари и теоретичари како: Георги Старделов, Влада Урошевиќ, Петар Т. Бошковски и Славица Србиновска. Добитник е на многу престижни награди, меѓу кои се: „Рациновото признание“, „11 Октомври“, „1 Мај“ и „Стериино позорје“, а често е преведуван и на странски јазици. Почина на 11 август 1987 година во Охрид, на 51-годишна возраст.
Книгите „Пасквелија и Нова Пасквелија“ и „Големата вода“ се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“, а можат да се нарачаат и онлајн преку www.literatura.mk.