Од авторката на бестселерот „Приказна за едно семејство“, Роза Вентрела, деновиве од печат излезе македонското издание на „Градината на олеандрите“. Станува збор за уште една семејна сага што обработува теми врзани со чувствата и грижите на жените. Авторката Вентрела воедно е и историчар и новинар, а нејзините дела ја обработуваат состојбата на жените низ историјата. Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“ и е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk, на следниот линк.
Во градината на една куќа во Карбонара, во Апулија, цвета олеандер. Го насадува Агостино, кога се преселува таму со неговата сопруга Анита, позната како Марџала. Жена со ретка и мистична убавина, Марџала има моќ да ги смири болките кај новороденчињата, претставува скапоцена помош при раѓање и, доколку е потребно, во состојба е да отстранува клетви. Има три ќерки: Розета, Корнелија и Дијаманте, која е најмладата. Првата е убава и дива како и таа. Втората има коса со боја на мед и истите светли, продорни очи на нејзиниот татко. Од друга страна, Дијаманте е полничка, со виткана и нескротлива коса и е своеглава. Со постојано остар и прониклив поглед, речиси никогаш не препуштајќи се на нежност, со текот на годините Марџала станува сведок на смртта на нејзиниот сопруг, на почеток на војна и на растењето и созревањето на нејзините ќерки, со нивните несреќни љубови, горливи страсти, горчливи разочарувања. Смирувачкото присуство на Марџала, обвиткано со нејзината непробојна тишина, е постојано тука да ги надгледува, дури и спроти најнепредвидливата судбина... „Градината на олеандрите“ е семејна сага за испреплетените судбини на четири храбри и уникатни жени и мирисот на волшебната земја, Апулија.
Дејството во „Приказна за едно семејство“, пак, е сместено во осумдесеттите години во Бари, кое воедно е и родното место на писателката. Летата во Бари минуваат со џагорот на децата кои се бркаат низ лавиринтите од тесни улички поплочени со камен, чаршафите што се сушат на терасите, поигруваат на ветрот, а мирисот на домашните кујни продира и во најскриените агли. Марија расте заедно со своите двајца постари браќа, Џузепе и Винченцо. Таа е мало девојче со карактеристичен изглед: голема уста и две речиси ориентални очи што сјаат како блескави сечила. Живее целосно сплотена во безвременската атмосфера на стариот град, скриена во својот мал свет полн со омаловажувања – свет од кој е многу тешко да се излезе.
Единствените охрабрувања што ги добива во периодот од детството до адолесценцијата доаѓаат од Микеле, син на едно од најнесреќните семејства во старото Бари. Пријателството помеѓу Марија и Микеле станува сè посилно и посилно, и покрај отвореното непријателство помеѓу двете семејства и ударите што ги нанесува животот. Сè додека тие чувства помеѓу нив двајца – силни, а истовремено нежни – не прераснат во љубов. Љубов која, и покрај тоа што е забранета, не им дозволува да го мразат светот околу нив.
Ова дело е преведено на 20 јазици и беше вистински хит на Саемот на книгата во Лондон во 2018 година.
Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“, и е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk, преку следниот линк.