Најнови изданија

Јана Мишо за романот Лулу: Не сака секоја девојка да биде невеста

04.05.2021.
Јана Мишо за романот Лулу: Не сака секоја девојка да биде невеста

Авторката Јана Мишо, која стои и зад романите „Анаис од Монмартр“ и „Скоро парижанка“, неодамна го објави и своето ново дело насловено „Лулу“. Вели дека името на главниот лик го одбрала сосема случајно, а потоа дознала дека дефиницијата на зборот „лулу“ е „исклучителен пример за личност или предмет“. Сега смета дека таа коинциденција се покажала соодветна, иако Лулу не е лик кој е совршен, туку се сомнева, лута и се обидува да излезе на крај со себеси, но пред сè, не е секојдневен карактер. Книгата неодамна беше објавена од „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, а со Јана поразговаравме за сите аспекти на нејзиното ново дело.

* Која е Лулу? Можеш ли да ни дадеш повеќе информации за романот и за главниот лик кој ја носи приказната?

Животот на една жена може да биде комплициран, особено кога е под притисок на „ништо не ти фали“, а очигледно е дека фали. Интересно ми беше и дека предрасудата нè тера да мислиме дека Лулу е романтична приказна, за танчарка, куртизана или проститутка – а не е. Лулу работи во ковачница, прави ладно оружје по нарачка и деновите ги поминува до лакти во црнила. И колекционер е на стари изданија на „Подвижна гозба“ од Хемингвеј. Романот е составен од неочекувани исходи и барање на сопствениот раат како и претходните мои романи.

* Колку при креирањето на ликот беше инспирирана од стереотипот дека секоја девојка сака да биде невеста? Дали и ти си таков тип на девојка?

Напротив, бев инспирирана од моментот дека не сака секоја девојка да биде невеста. Можеби сака животот да го помине во друштво на еден човек, но постојат толку начини на заеднички живот колку што има и парови. И свадбите се супер и браковите знаат да бидат прекрасни, ама мене не ми значат ништо посебно. Пробав да истражам поинакви аспекти на човечкото искуство – кариера, интереси, друштво, погрешни очекувања, промашени обиди, да бидеш сам, да бидеш со луѓе, да се опкружиш со тоа што те интересира и по секоја цена да го избегнуваш тоа што те фрла во очај, важни луѓе, претенциозни луѓе, самобендисаност, безначајни средби, желбата да се биде независен, да создадеш нешто вистински значајно. Такви работи.

* Дали „Лулу“ би го сместила во категоријата на македонски романи чијашто цел е поместување на класичните слики за жените во општеството?

Можеби. Немав посебна цел додека го пишував, ама, гледајќи го завршен, можеби ќе го постигне токму тоа. Приказната не е локална, може да се смести каде било во светот, но ми беше предизвик да не ја ставам во очекувана професија и да ја извадам надвор од очекувањата. И во рамките на приказната има спротивности: ликовите работат деликатна физичка работа и истовремено се дипломци и магистри по книжевност. Ковачница и книжарница во два соседни дуќани. Колекции на ножеви и книги. Фасцинација од средновековни оружја, груб викиншки накит и американска литература. Интересно беше да се спојуваат такви светови. Еден мирен, затворен и сталожен, друг полн настани и суети.

* Досега се имаш пробано во повеќе жанрови, од изданија за тинејџери до дела за возрасни читатели. Каде најмногу се препознаваш и зошто се одлучуваш да се насочиш и кон други типови на литература?

Романите за возрасни како „Скоро парижанка“, „Анаис во Монмартр“ и „Лулу“ се она што всушност го правам и ме интересира, другите типови на литература што ги пробувам, иако ми се драги и значајни, сепак ми се споредни. Интересно е да се работи на книги и за деца и за млади. Пристапот е поинаков, бара внимание како и поучна приказна и порака. Пишувањето за возрасна публика ми ја дава слободата на изразување што реално ми треба. Возрасните се „големи“ и не треба јас да им кажувам што е работата – можат да сфатат како сакаат и да извлечат што сакаат.

* Дали приказната за Лулу почнува и завршува со овој роман или планираш да и се навратиш и во иднина?

Мислам дека „Лулу“ е самостоен роман. Не дека не би било интересно да се истражи што ќе се случува понатаму, ама би ја оставила вака заокружена приказната како што е. Следно планирам да сменам жанр и да видам дали ќе се снајдам. Овие досега трпеа тек на свеста (stream of consciousness) и многу внатрешни монолози, сега ми е предизвик поинаква приказна. Па, да видиме.

Романот е достапен во сите книжарници на „Литература.мк“ или да се нарача онлајн на следниот линк

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

24.
Oct.
Најнови изданија
Новиот роман на популарната авторка Јана Мишо - „Што се случи со Исидора?“, ќе биде промовиран на 31 октомври (четврток), со почеток во 19 часот,...
12.
Jan.
Најнови изданија
„Рокчето“ е прва книга за деца на Никола Маџиров, еден од најистакнатите и најпреведуваните современи македонски поети во светот.
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.79 MB