Неговиот прв романот за деца „Јас сум Акико“ медиумите го оценија како српскиот „Малиот принц“, а авторот Стефан Тиќми вели дека во текот на деновите додека ја пишувал книгата минувал низ еден вид на поетски зен. Не калкулирал, туку ја кроел приказната со цел да се забавува, игра и притоа да биде колку што е можно „полуд“ од децата, како и од повозрасните читатели. Ова е негова прва книга објавена на македонски јазик, а на вчерашната онлајн-промоција, што можеше да се проследи на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“, тој говореше во детали за процесот на создавање на овој роман. „Јас сум Акико“ е издадена од „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, а преводот е на Елена Пренџова, додека илустрацијата на корицата на уметникот Ване Костуранов. Тиќми ја има добиено наградата на „Политикин забавник“ за најдобра книга за деца на српски јазик за 2018 година, а веќе пишува и сценарио за долгометражен анимиран филм за Акико. Воедно, во Србија се подготвува и театарска претстава базирана на книгата за малечкото девојче со пегички кое не сака граници.
Разговорот со авторот го водеше уредничката во „Арс Ламина“ Оливера Ќорвезироска, која посочи дека во овој роман, кој е поетски, се истражува една психосоцијална тема, што е деликатна за работа. Акико е осамено девојче кое нема пријатели, освен пешкирот и баобабот, но и тие се еден вид скали кон нејзиното вистинско пријателство со Марсело, кој се појавува дури при крајот на романот. Ќорвезироска, воедно, истакна дека честопати авторот и делото се споредувани со „Малиот принц“ од Антоан де Сент Егзипери и со творештвото на познатиот српски писател Игор Коларов.
– Пред да ја пишувам Акико, работев на роман што би рекол дека беше натопен со тежина. Тежок за создавање и навистина ме измори. Кога почнав да ја пишувам Акико ги немав на ум ниту Коларов ниту Егзипери, туку само некоја потреба за опуштеност. Во текот на тие денови имав некој поетски зен. Интересно е дека романот се вика „Јас сум Акико“, а во суштината презирам реченици што почнуваат со „Јас сум...“. Но, кога почнав да го повторувам тоа, ми звучеше како некаков рефрен. Добро е да видиме колку пати во романот се повторува „јас сум“, што на мене ми изгледаше многу певливо и убаво – објасни Тиќми и додаде дека романот, во суштината, е едно негово враќање кон времето кога бил дете и кон тоа што сè би сменил доколку сè уште е во училишната клупа.
Главниот лик Акико живее со својот татко, кожата ѝ мириса на стара хартија и често е осамена. Ова е мудра книга во која малата Акико истакнува ставови за родителската љубов, за внатрешниот свет, за извртената стварност, за пријателството и за многу други сфери поради што е добро да допре и до возрасните. Иако има повеќе лика во романот, сите зборуваат во прво лице еднина.
Во „Јас сум Акико“ нема илустрации, но затоа писателот ја користи типографијата како наративно средство со тоа што во книгата има пречкртани, зголемени или побледо испечатени зборови, како и фусноти каде што се вметнати коментари, информации или смешни упатства што го прават читањето интересно и возбудливо. Тиќми посочува дека не сака рамки и единствената што ја почитува е таа на ворд-документот каде што се наоѓа неговото игралиште. Вели дека во неговиот случај пишувањето се базира на чувство, а не на факултетски лекции и дипломи.
– Да сакав, најверојатно ќе се запишев на некој факултет врзан со книжевноста. Но, книжевноста ја имам ставено во еден голем меур за да ја заштитам од сите влијанија што би може да имаат негативно влијание врз неа. Мислам дека би било негативно да отидам на факултет, каде што би ми рекле што да читам или како да пишувам. За пишување треба да се има и потполна слобода. А, во книжевноста сè е спротивно во однос на реалноста. Замките се секаде околу нас штом ги отвориме очите наутро без разлика дали ние сакаме или не. Додека во книжевноста намерно влегуваме во таа замка, која е и предизвик за авторот. Прашањето е како да бидам полуд од децата и луѓето кои ќе го читаат. Тоа ме води – посочува Тиќми.
Тој досега ја има издадено и збирката поезија „Ме фатија кукли“, а веќе од печат е излезено и неговото ново дело „Капут од мов“. Уредничката Ќорвезироска на крајот од онлајн-промоцијата му посака да го има успехот на Дејан Алексиќ и Игор Коларов, кои се единствените двајца писатели со две награди за најдобра книга за деца од популарното списание „Политикин забавник“.
Македонското издание на „Јас сум Акико“ веќе е достапно во книжарниците на „Литература.мк“, а може и да се нарача онлајн на следниот линк