Најнови изданија

Душко Трифуновски: После првиот роман, посебен предизвик ми беше да ги напишам драмите Слана/Јазол

22.03.2021.
Душко Трифуновски: После првиот роман, посебен предизвик ми беше да ги напишам драмите Слана/Јазол

Младиот автор Душко Трифуновски веќе го има издадено својот прв роман „За два дена рече ’Да‘“, но овој пат тргна по нова патека и напиша две драми што се собрани во една книга „Слана/Јазол“. Станува збор за издание на „Попули“ и делото може да се најде во сите книжарници на „Литература.мк“ или да се нарача на следниот линк. Со Трифуновски разговаравме на повеќе теми поврзани со неговите дела.

* Повеќето млади автори во земјава се одлучуваат да пишуваат романи или, пак, збирки раскази. Што те привлече кон драмите и колкав беше предизвикот да се „влезе“ во ваков книжевен формат?

Пред неколку години, драмата за мене беше книжевно откритие и бев фасциниран од стилот и од формата на која се напишани. Ги засакав драмите во текот на студирањето токму поради изоставувањето на описите и доаѓањето до израз на ликовите. Во 2016 година првпат направив драмска преработка на романот „Слана“, што го објавив самостојно една година претходно, но како млад студент не бев доволно созреан за едно вакво дело. За да се напише драма треба да се има замисла за ликовите, за сцената, за целиот заплет што го прават тие. Секако, покрај драмите, имам и два романа што се стилски различни, а имам и детска поезија што ми доаѓа како оттргнување од светот на возрасните.

* Ова е твоја втора книга, по „За два дена рече ’Да‘“. Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за ова дело и зошто се одлучи да отидеш кон драмите?

Се одлучив поради шаренилото што недостига во книжевноста. На некој начин, се презаситив од романи и се ставив во позиција на читател. Сакам да прочитам нешто несекојдневно. Во денешно време преовладува прозата, т.е. романот, до некаде е блиску и поезијата, но драмата е најмалку застапена кај нас и токму тоа ми беше мотив. Да го проширам бројот на наслови во драмското творештво.

* Книгата е спој на две драми „Слана“ и „Јазол“. Кажи ни нешто повеќе за приказната за секоја од овие две драми и што ги спојува во едно издание?

Во двете драми станува збор за современа приказна. Тематски ја определив како трагедија, но преовладува хуморот и ликовите постојано се препираат меѓу себе на ироничен начин. Истите ликови дејствуваат и во двете драми, а дејството се случува во време од пет години. Во „Слана“ го забележуваме реалниот свет во кој живеат ликовите. Таткото Злате и неговата сопруга Стојна не успеваат да ги држат под контрола нивните шест деца и да ги воспитуваат на начин како во нивното време, да немаат никаков допир со парите и надворешниот свет. Но, едно по едно, децата им се лизгаат низ раце и неговото семејно дрво го попарува сланата. Едно по едно гранче се суши. Но, веќе во „Јазол“ го гледаме надреалниот свет во кој преовладува натуралистичкиот стил. Таткото во еден момент вели: „Сланата ме изгоре, но таа повторно ме роди“. Мртвите ликови од првиот дел се враќаат како сеништа да му ја вадат душата на Злате поради направените грешки и со тоа да му докажат дека има живот во него, но сè е претставено на сатиричен и комичен начин. Токму затоа, ова е траги-комедија. Двете драми се читаат како една целина.

* Дали веќе размислуваш на твоето следно дело и што можеме да очекуваме од тебе? Дали ќе останеш во сферата на драмите или имаш други планови?

Одамна размислувам за нови проекти и секогаш имам веќе неколку почнати пред да се објави најавеното. Од романтична комедија направив драстична промена со трагикомични драми. Пролетта е најубаво време за мене кога сум најпродуктивен и токму затоа за најмалите читатели ќе имаме сликовница „Бела и Зборко“, а потоа повторно за возрасните уште една романса „Девојката од автобусот“. Чувствувам дека авторите имаат обврска во своето творештво да ги опфатат вкусовите на сите генерации, па токму затоа размислувам и за трето надреално продолжение на „Слана/Јазол“ како интересно заокружување на приказната за шестчленото семејство на Злате.

* Кој е твојот став за читачките навики во земјава?

Интересно е што последниве неколку години помладата публика веќе знае што сака да чита и влегува во книжарница со веќе оформен стил и вкус. Тргнувам од нив, бидејќи тие се основата на читателската публика. Често добивам пораки од луѓе кои воопшто немале навика да читаат книги поради обврски, семејство итн., но сега имаат време да прочитаат книга, без разлика дали е електронска или печатена.

* Која од твоите драми најмногу би сакал да ја видиш и на театарската сцена и кои македонски актери ги гледаш во главните улоги?

Би сакал да видам сè од мене, бидејќи смешно е еден автор да нема такви соништа, ха-ха. Уметност е од роман да се направи драма или од расказ роман, а јас, како книжевник, имам тајни за тоа. Шенка ми е омилена глумица, легeнда на македoнската глума и нејзиниот темперамент совршено би се вклопил во ликот на мајката Стојна во драмата „Јазол“. Секако, имам и пријател-колега кој доаѓа од театарот, а сме дел од тимот на книжарницата на „Литература.мк“.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

24.
Oct.
Најнови изданија
Новиот роман на популарната авторка Јана Мишо - „Што се случи со Исидора?“, ќе биде промовиран на 31 октомври (четврток), со почеток во 19 часот,...
12.
Jan.
Најнови изданија
„Рокчето“ е прва книга за деца на Никола Маџиров, еден од најистакнатите и најпреведуваните современи македонски поети во светот.
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.79 MB