Најнови изданија

МОЈАТА МРАЧНА ВАНЕСА – ЛОЛИТА НА 21 ВЕК

01.03.2021.
МОЈАТА МРАЧНА ВАНЕСА – ЛОЛИТА НА 21 ВЕК

„Луѓето би ризикувале сè за малку убавина во животот“

Инстант-бестселер на „Њујорк тајмс“ и финалист на „Гуд ридс“ во категориите „Роман на годината“ и „Дебитантски роман на годината“. Најдобра книга за 2020 година според „Ју-ес-еј тудеј“, „Ентертејмент викли“, „Мари Клер“, „Харперс базар“, „Бастл“, „Њујорк пост“, „Есквајер“, „Сандеј тајмс“, „Гардијан“, „Њузвик“, „Вашингтон пост“, „Ел“, „Пипл“, „Њујорк магазин“...

„Мојата мрачна Ванеса“ е дебитантски роман на Кејт Елизабет Расел, кој инстантно стана бестселер број 1 на листите на „Њујорк тајмс“ и „Паблишерс викли“. Приказната се отвора во 2017 година, кога Ванеса има 32 години, а Џејкоб Стрејн, нејзиниот професор од средно, е обвинет за сексуално малтретирање од друга поранешна ученичка. Ванеса работи здодевна работа на рецепцијата во еден хотел, пие, пуши марихуана и повремено излегува со постари мажи. Понекогаш се гледа или се слуша со Стрејн, кој ѝ шепоти колку била прекрасна како тинејџерка: „...магичната возраст што Стрејн ме научи да ја митологизирам“.

„Просто сакам да биде љубовна приказна. Знаеш? Навистина, навистина сакам да биде тоа.“

„Знам“, вели.

„Зашто, ако не е љубовна приказна – тогаш што е?“

Ја погледнувам во стаклестите очи, во ширум отворената уста од сочувство.

„Ова ми е животот“, велам. „Ова ми е целиот живот.“

Напишан во прво лице од перспективата на Ванеса, романот „нè вози“ напред-назад меѓу 2017-та и годините кога била ученичка во средно. Жената која го обвинува Стрејн ја моли сега возрасната Ванеса за поддршка во случајот и ѝ признава што ѝ се случило, но таа ја одбива. „Не дека сум била силувана. Не баш силувана“, верува таа. Таа е речиси убедена во идејата дека тоа што се случило меѓу нив е љубов: „...можам да се сетам само на топлото и пријатно чувство што го добивав кога ми ја галеше косата“.

„...зема еден паднат јаворов лист, го фаќа за дршката и го врти, малку го гледа, па ми го принесува пред лицето. ’Види‘, вели. ’Совршено ти одговара со косата‘.“

Но, црвот на сомнежот ѝ ги нагризува сеќавањата и таа почнува да ги преиспитува спомените, да размислува за сè што се случило, за повторно да ја дефинира љубовната приказна, која всушност никогаш не завршила и која го обележува нејзиното постоење, нејзиниот живот. Дали навистина била жртва, и тоа само една од многуте? Пред неа е невозможен избор: дали да остане нема, цврста во уверувањето дека своеволно влегла во таа младешка врска или да гледа со поинакви очи на себе и на своето минато?

„Ваквите изговори со кои ги оправдуваме се незамисливи – ама сепак не се ништо во споредба со изговорите со кои самите се оправдуваме.“

Доколку не се смешни, сцените со лош секс се болни за читање. Особено кога една ученичка дава форензички детали за злоупотребата од нејзиниот наставник. Авторката не се двоумела во врска со оваа тема. Расел на читателот му приредува вистински ролеркостер, избегнувајќи ја замката испреплетена со стереотипи, општествени конвенции и очекуван/посакуван исход. Таа мошне вешто ги открива контрадикторностите кај една тинејџерка која истовремено е сексуално созреана и екстремно ранлива, високоинтелигентна, но неспособна да се заштити себеси.

„Знам што мисли – дека не сме избрале да бидеме беспомошни, туку дека светот нè принудил да бидеме такви.“

Стивен Кинг ја нарече книгава „пакет со динамит“, и навистина е. Стилот е мрачен, шокантен и со право перципиран како храбар. „Мојата мрачна Ванеса“ е динамичен и интелигентен современ роман во кој авторката јасно ја согледува амбивалентноста на насилните врски и фактот дека љубовта никогаш не е оправдување за нанесување на психоемоционална и физичка болка.

„Јас сум дамчеста фока што плива преку брановите, морска птица со толку широки крилја што можам да прелетам километри и километри. Јас сум новата месечина, скриена и безбедна од него и од сите други.“

Автор: Татјана Димовска - Атанасова

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

24.
Oct.
Најнови изданија
Новиот роман на популарната авторка Јана Мишо - „Што се случи со Исидора?“, ќе биде промовиран на 31 октомври (четврток), со почеток во 19 часот,...
12.
Jan.
Најнови изданија
„Рокчето“ е прва книга за деца на Никола Маџиров, еден од најистакнатите и најпреведуваните современи македонски поети во светот.
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.79 MB