Најнови изданија

Инспирирај се за промени e книга која го отвoра патот за подобро утре

16.02.2021.
Инспирирај се за промени e книга која го отвoра патот за подобро утре

Новото и надополнето издание на книгата „Испирирај се за промени“ од Радмила Костова-Мила и Иван Лапчевиќ од неодамна може да се најде во сите книжарници „Литература.мк“ или да се нарача онлајн на следниот линк. Станува збор за издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и е дело кое го отвора патот и помага полесно да се издржат и совладаат ходниците од една до друга врата. За оваа книга разговаравме со авторите Радмила Костова и Иван Лапчевиќ.

* Радмила, може ли да ни кажете нешто повеќе за вашата книга „Инспирирај се за промени“ и за која публика е наменета?

„Инспирирај се за промени“ е книга која ти помага да ja видиш светлината иако можеби во моментов гледаш темнина. Но, најважно од сè е книга која ти помага да бидеш ТИ, без разлика со каков предизвик се соочуваш во моментов. Книгата е наменета за сите кои се заглавени во некој тунел, но и за оние кои се надвор од тунелот, едноставно за сите кои сакаат подобро утре.

* Радмила, ова дело е напишано во соработка со господинот Иван Лапчевиќ. Може ли да ни кажете нешто повеќе за оваа соработка?

Ова дело е второ дополнето издание, првото го издадов сама, но соработувајќи со Иван во последните 4-5 години, сфатив дека тој може да пренесе многу знаење, па посакав тоа да биде достапно за повеќе луѓе.

Сметам дека знаењето треба сите несебично да го делиме, сето она што нам некогаш ни помогнало да го споделиме со другите, нашите лични искуства, нашата борба, но и нашата победа. Сметам дека во секоја лична приказна може да се пронајде некој и токму тоа да му биде чекорот напред.

Бидејќи на крајот од денот промената почнува од индивидуата, а се шири колективно, колку повеќе среќни и задоволни лица толку поубава реалност за сите.

* Иван, што преставува за Вас ова дело и дали е ова книга за сите оние кои се обесхрабрени од предизвиците на модерното живеење?

На ова дело гледам како на едно искрено давање од страна на Радмила, но и мое, за сите оние луѓе кои сметаат дека тешкотиите се дел од нашите животи. На притисокот од предизвиците луѓето реагираат на два начина, првиот е потиснување и негирање на реалноста, а другиот е соживување со улогата на жртва.

Токму приказните и текстовите во оваа книга отвораат трет пат, различен од стандардните. Тоа е пристап кон животот кој не отфрла, не негира, ниту сожалува, туку го прифаќа присуството на болка, тежина во животот, незадоволство, но не се задушува во нив, туку свесно ги користи за сопствен напредок и издигнување.

Книгата содржи инспиративни текстови што те повикуваат, те насочуваат и ги чуваат сите оние кои ја живеат реалноста таква каква што е и бараат, се борат и ја живеат својата светлина.

Радмила Костова - Мила и Иван Лапчевиќ

* Иван, колку сметате дека пандемијата ги зголеми овие предизвици и дали мислите дека ефектите и потребата да излезат од тунелот за голем дел од луѓето дури сега ќе следуваат?

Пандемијата, како и секое животно искушение без разлика дали е индивидуално или колективно, е тука за да ја разбуди свесноста кај човекот. Секако дека од секое искушение човекот излегува или се чувствува слаб, изморен и му е тешко, но во исто време треба да биде свесен дека излегол посвесен, помоќен и посилен.

Приказните и текстовите во оваа книга помагаат токму во ова, помагаат поединецот, па и целиот колектив од сето ова да излезе посвесен, посилен и поподготвен.

* Радмила, Вашето претходно дело „Биди среќна ѕвездичка“ беше наменето за деца. Дали сметате дека книгите за малите читатели треба исто така повеќе да се наменети кон градење на нивната самодоверба и психолошка сила?

Уверувањата кои ги носиме со себе се креираат кога сме мали, кога го осознаваме светот околу нас, но тогаш сме и најранливи. Токму затоа сакав децата уште кога се мали да се свесни за својата вредност, но не во насока да ја докажуваат, бидејќи тоа што си веќе не се докажува. Затоа е важно да знаат дека имаат свое место, односно своја ѕвездичка под ова небо, да ја прифатат својата оригиналност, но и да имаат разбирање и за сите останати кои се различни од нив. Да сфатат дека токму во нашата различност е и убавината, силата и нашата магија и врз основа на таквото сознание да се почитуваат и да си помагаат помеѓу себе.

* Иван, колку воопшто луѓето се инспирираат за промени со оглед дека промените секогаш се тешки?

Во суштината на секој човек е да се менува, да се развива и расте, но промените не секогаш се лесни и лесно прифатливи. Тоа е долг пат, на кој се рушат внатрешните граници и блокади кои некогаш некаде сами сме си ги поставиле. И тоа е тежок пат, затоа што е тешко да се пуштат сите тие граници, уверувања, слики, идеи и перцепции во кои сме се заробиле и мислиме дека тоа сме ние. Но, тоа е патот до своето јас, до својот идентитет.

* Радмила, дали работите на нешто ново во моментов?

Ова лето напишав уште една детска книга, која ја напишав во еден здив. Но, во наредниот период ќе се фокусирам на одржување на работилници за личен развој за деца и за возрасни. Во последниве 5 години на моите работилници поминаа многу лица кои бараа полесна, подобра и поубава реалност и истата ја добија. Нема поубаво чувство кога ќе слушнеш дека на некој му се подобрил животот и дека успеал да се избори со своите предизвици, отпори и пречки.

Сите ние се соочуваме со секојдневни предизвици, па така и јас, никој од нас не е имун на промените околу нас, но уметноста и умешноста во животот е колку што е можно побрзо да го освестиш проблемот, да се соочиш со него и колку што можеш побрзо да излезеш од таквата состојба.

* Радмила, дали би додале нешто на крајот?

Велат дека нашите очи гледаат сè, освен нас самите, затоа и погледот во огледало е нешто кое го носи корицата на книгата како порака, дека сите ние треба да погледнеме прво во себе, да се видиме себеси, да видиме што е тоа што го носиме во себе, што е најдоброто во нас, која е нашата мисија и тоа несебично да го делиме, за еден поубав свет, за едно подобро утре.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

24.
Oct.
Најнови изданија
Новиот роман на популарната авторка Јана Мишо - „Што се случи со Исидора?“, ќе биде промовиран на 31 октомври (четврток), со почеток во 19 часот,...
12.
Jan.
Најнови изданија
„Рокчето“ е прва книга за деца на Никола Маџиров, еден од најистакнатите и најпреведуваните современи македонски поети во светот.
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.81 MB