Најпознатиот роман на албанскиот писател Исмаил Кадаре, „Генералот на мртвата војска: единаесет кажувања“, излезе од печат на македонски јазик. Ова е трета книга од Кадаре, објавена во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации, по современите класици „Куклата: Портрет на мајка ми“ и современиот класик „Прогонетата: Реквием за Линда Б“.
Приказната во романот се случува во раните шеесетти години на 20 век, речиси дваесет години по крајот на Втората светска војна. Еден италијански генерал, придружуван од еден свештеник, кој е, исто така, полковник на италијанската армија, е испратен во Албанија за да ги лоцира и да ги собира останките на неговите сонародници кои загинале за време на војната и да ги погребе во Италија. Како што ги организираат копањето и ексхумацијата, така сè повеќе им се наметнува прашањето и за опсегот и за вистинската вредност на нивната задача. Разговорите што се одвиваат меѓу генералот и свештеникот се како за залудноста на војната, така и за бесмисленоста на нивниот потфат.
Како што навлегуваат подлабоко во албанската земја, откриваат дека ги следи друг генерал, кој, пак, ги бара телата на германските војници убиени во Втората светска војна. Исто како и неговиот италијански колега, и германскиот генерал е соочен со истите прашања околу неблагодарната работа што подразбира барање останки од мртви војници и организирање на нивното враќање за да бидат погребани дома, при што и тој ја доведува во прашање вредноста на ваквите гестови од наводна национална вредност.
Исмаил Кадаре (1936) е најзначајниот албански романсиер, есеист и драмски автор. Го сметаат за еден од најголемите европски писатели и интелектуалци на 20 век и за универзален глас против тоталитаризмот. Други познати дела му се: „Куклата“, „Палата на соништата“, „Ќерката на Агамемнон“ и „Наследникот“.
Романот „Генералот на мртвата војска“ е најзначајното дело на Кадаре, со кој се прославува во светската книжевност. Книгата првично е објавена во 1963 година, кога авторот имал 26 години. Врз основа на приказната од романот снимени се три филма во Италија, Албанија и во Франција, а има и неколку театарски адаптации. Книгата е вклучена во листата на францускиот весник „Монд“ со топ 100 книги најзначајни наслови во 20 век.
Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн преку https://www.literatura.mk, на следниот линк:
https://literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14953