Најнови изданија

Капут од мов од Стефан Тиќми е поетски роман за созревањето

22.09.2022.
<strong>Капут од мов од Стефан Тиќми е поетски роман за созревањето</strong>

Новиот роман за деца „Капут од мов“ од младиот наградуван српски писател Стефан Тиќми излезе од печат на македонски јазик, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. „Капут од мов“ е поетски роман за созревањето, за осаменоста, за уметноста, за љубовта и за природата како лек против најразличните проблеми на современиот човек заглавен во односите со другите, но и со себеси. Во него има и магичен реализам и епска фантастика и бајковитост, но најмногу од сè го има разгранетиот талент на Тиќми.

Авторот на популарниот и сакан роман „Јас сум Акико“, добитник на наградата на „Политикин забавник“ за најдобра книга за деца напишана на српски јазик во 2018 година, во „Капут од мов“ ја извишува крошната на својот талент, така што и небото и шумата на книжевноста му прават сè поголемо место. Приказната за Најден, кому на грбот му расте дрво, е приказна за сите наши тежини и товари, но и лирско трасирање на патот по кој треба да заминеме или да се вратиме кон суштината. Топла, креативна, мајсторски засадена приказна никната како чудесен роман. И за деца и за возрасни.

Преводот на македонски го направи Дејан Василевски, а уредничка е Оливера Ќорвезироска. Илустрациите се на Добросав Боб Живковиќ.

Стефан Митиќ-Тиќми е роден во 1992 година во Лесковац, Србија. Дипломирал на Факултетот за спорт и физичко воспитување во Ниш. Се занимава со производство на јаглен и производство на текстови ( за деца и за возрасни, за театар, телевизија, видоигри...).

Тој е еден од најпрепознатливите нови автори во српската книжевност за деца и млади. Неговото пишување е опојно како стиховите на Миќа Антиќ, бајковито мудро како во „Малиот принц“ на Антоан де Сент Егзипери, духовито и топло како текстовите на Игор Коларов.

Негови најзначајни дела се: „Ме фатија кукли“ (Арте, 2015), „РизиКво“ (друштвена игра, 2017), „Јас сум Акико“ (Лагуна, 2018), „Детска белградска пролет“ (сценарио, РТС, ДКЦБ, 2019), „Капут од мов“ (Лагуна, 2020), „Тука, на дофат на маката“ (Повеља, 2020) и „Џем на облак“ (краток поетски филм, 2021).

Романите „Капут од мов“ и „Јас сум Акико“ се класифицирани меѓу најдобрите 200 детски книги на светот во изборот на списанието „Вајт рејвенс“ (White Ravens), што го издава Минхенската библиотека (Internationale Jugenbibliothek).

Според мотиви од книгата „Јас сум Акико“, која е наградена и со наградата на „Политикин забавник“ и со плакетата „Детска книга на годината“ на Меѓународниот фестивал „Плоштад од книги“ во Херцег Нови, е напишана истоимената претстава во копродукција на Фестивалот на еколошкиот театар за деца и младинци и Културниот центар на Панчево во мај 2021 година во режија на Миља Мазарак, а во изведба на Софија Мијатовиќ.

Во изработка е краткометражен анимиран филм „I am Akiko“, кој го поддржаа Филмскиот центар на Србија и Филмскиот центар на Бугарија (продукција „To Blink Animation“ – Војин Васовиќ, режисер – Дамир Романов).

Познат е по тоа што во населбата Анчики, блиску до неговиот роден град Лесковац, во напуштена куќа направил мала бесплатна библиотека со 5.000 книги, проект што е награден со специјалната награда за ентузијазам од Фондацијата на Тања Петровиќ. Воедно, пошироката јавност го знае и како преведувач на поезија на знаковен јазик.

Добитник е на Октомвриската награда на град Лесковац – за исклучителен придонес кон културата, афирмација на детската литература и општественото ангажирање.

Досега на македонски јазик е објавен и неговиот прв роман – „Јас сум Акико“, исто така во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Авторот ја промовираше книгата на Саемот на книгата во Скопје, минатата година.

Книгите од Стефан Тиќми се достапни во книжарниците на „Литература.мк“, како и онлајн, преку www.literatura.mk на следниот линк:

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14941

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

24.
Oct.
Најнови изданија
Новиот роман на популарната авторка Јана Мишо - „Што се случи со Исидора?“, ќе биде промовиран на 31 октомври (четврток), со почеток во 19 часот,...
12.
Jan.
Најнови изданија
„Рокчето“ е прва книга за деца на Никола Маџиров, еден од најистакнатите и најпреведуваните современи македонски поети во светот.
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.78 MB