Најнови изданија

Новиот роман Смртта не е крај од Владо Јаневски ја разработува темата - дали умирањето е нов почеток?

03.08.2022.
Новиот роман Смртта не е крај од Владо Јаневски ја разработува темата - дали умирањето е нов почеток?

Колку е реалноста објективно вистинита, а колку постои само како субјективна свест за она што е околу нас? И дали воопшто тоа што го перципираме како природа на нашето постоење не е можеби производ на нешто надвор од нас самите? Дали смртта е нов почеток, а не крај? Дали е таа коректив на постоењето што ѝ претходело и колку и самата е реална? Концептите на постоењето и нашето поимање на реалноста што заземаат централно место во новиот роман на Владо Јаневски „Смртта не е крај“ се суштествено метафизички и епистемолошки, всушност едни од најстарите филозофски проблеми: како стекнуваме знаење, што е реалност и како можеме да знаеме дека реалноста не е само во нашата глава/свест?

Во обидот да поттикне размислување во насока на научниот скептицизам, авторот црпи од современите теории на свеста, навраќајќи се често на преломот меѓу реалното и феноменолошкото. На тој прелом стојат ликовите во романот кои се движат во лавиринт и секој од нив го бара излезот, својот излез. Или барем тие мислат така.

Книгата деновиве излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Како и во претходниот роман на авторот, „Мртвите знаат најдобро“, и овде убиецот-уметник Фуриозо е главен лик. Во „Смртта не е крај“ го следиме Фуриозо на неговиот пат на себеспознавање и разбирање на постоењето, на откривање смисла во апсурдноста, на барање убавина во чинот на умирање, конечно – на препознавање и прифаќање на животот онаков каков што е и градење успех од урнатините на неуспесите. Но, дали Фуриозо го изодува тој пат по своја волја и замисла или е можеби само марионета во нечии раце?

Владо Јаневски е писател, сликар, илустратор, стрип-уметник, светски патник и до неодамна активен на полето за истражување и развој во водечка светска компанија.

Роден е во Македонија, каде завршил високо образование на Универзитетот во Скопје. Од 1989 година живее во Сиднеј, Австралија. Објавени дела: роман „Мртвите знаат најдобро“ („Арс Ламина“, Скопје, 2020), роман „Чудо зад аголот“ („Магор“/„Пагома прес“, Скопје, 2020), роман „Под друга капа“ („Магор“, Скопје, 2019), роман „Made in Jabana“ („Слово“, Скопје, 2004), збирка наградувани раскази „Нема враќање“ („Студентски збор“, Скопје, 1985). Застапен е и во антологиите „Современи кратки книжевни форми“ („Инаку“, Скопје, 2022), „Современи авторски бајки“ („Феникс“, Скопје, 2021) и „Песни за Скопје“ („Феникс“, Скопје, 2021).

Добитник е на наградата за најдобро сценарио за долгометражен игран филм на Меѓународниот фестивал на филмски сценарија „Скрипт фест“ 2021 за сценариото „Под друга капа“ и на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината во Македонија за 2020 година, за романот „Мртвите знаат најдобро“. Повеќепати бил наградуван и на конкурсите за раскази на „Студентски збор“ и „Нова Македонија“. Застапен е и со наградувани раскази во книгите „Електролит 2006“, „Електролит 2007“ и во списанијата за литература „Маргина“ („Темплум“, Скопје, 2006, 2007, 2008), „Книжевни елементи“ (Скопје, 2021), „Балкански книжевен гласник“ (Белград, 2007, 2021, 2022) и „Современост“ (Скопје, 2022).

Изложувал во Сиднеј и на интернет. Неговите слики се дел од приватни колекции на повеќе места во светот. Објавувал карикатури во познатиот австралиски магазин „The Bulletin with Newsweek“. Неговите стрипови „Палавковците“ и „As Long As We Try“ редовно се објавуваат на „Фејсбук“ и на неколку портали и се следат од поголем број читатели. Работи и како уредник за книжевно и ликовно творештво во магазинот „Везилка“ каде што претставува македонски автори кои живеат надвор од Македонија.

Книгата „Смртта не е крај“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на интернет-страницата https://www.literatura.mk.

https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14929

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

13.
Mar.
Најнови изданија
Новиот интернационален бестселер „Полноќна гозба“ од британската авторка Луси Фоли излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од...
24.
Oct.
Најнови изданија
Новиот роман на популарната авторка Јана Мишо - „Што се случи со Исидора?“, ќе биде промовиран на 31 октомври (четврток), со почеток во 19 часот,...
12.
Jan.
Најнови изданија
„Рокчето“ е прва книга за деца на Никола Маџиров, еден од најистакнатите и најпреведуваните современи македонски поети во светот.
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.79 MB