Познатата стихозбирка „Сто љубовни сонети“ на големиот чилеански поет Пабло Неруда деновиве излезе од печат на македонски јазик, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Станува збор за прв интегрален препев на македонски јазик на оваа зборка. Во делото, кое првично било објавено во 1959 година во Аргентина, добитникот на Нобеловата награда за литература и лауреат на „Струшките вечери на поезијата“, пее за неговата жена, Матилда Урутија. Овие стихови се дефиниција за љубовта што ја негувал кон неа. Но, љубовта на која овие сонети ѝ оддаваат чест не е само саканото тело на поетот туку и пристапен пат што ѝ овозможува на индивидуалната свест да се препознае во битието на светот: „...со многу понизност ги создадов овие сонети од дрво и им го дадов оној звук на непроѕирна и чиста супстанција“, пишува Неруда. Голотијата што ја избира авторот намерно ги одбегнува звучните и конструктивните рамки на класичниот сонет. Преку ова своеволно скршнување, зборот пулсира и се ослободува од сликите.
Неруда се смета за еден од најголемите и највлијателни поети на 20 век. Неговите дела се преведени на многу јазици, меѓу кои и на македонски, а новата објава на „Сто љубовни сонети“ е можност новите генерации да се запознаат со неговиот раскошен талент и значајно творештво. Уредничка на книгата е Бисера Бендевска, а новиот препев на македонски јазик го направи Атина Цветаноска. Во својот осврт, Цветаноска вели:
– Да се препее збирката „Сто љубовни сонети“ од Пабло Неруда беше вистински подвиг, кој во исто време беше и потреба и задоволство, но и предизвик исполнет со комплексност и тежина. Да се пренесе мислата на поетот од еден јазик на друг е процес што подразбира „декодирање“ на постојното и проникнување во секој збор, па дури и во празнините меѓу стиховите. Според Умберто Еко, да се преведува значи „да се каже речиси истото, но на друг јазик“. Во заднината на оваа најопшта дефиниција на преводот е помирувањето дека никогаш не може да се добие идентичен текст. Но, тогаш настапува преведувачот, кој во улога на медијатор е задолжен да го направи приближувањето на најдобар можен начин. За разлика од прозните текстови, каде што изверзираниот преведувач има простор за маневрирање при медијацијата, во поезијата случајот е позаплеткан. Поезијата според своите карактеристики самата по себе е згуснат текст, исполнет со поетски фигури, со слоеви значења и емоции и оттука тој е и понепристапен за читателите. Тука веднаш се наметнува прашањето: дали е можно да се направи пренос на значењата од еден јазик на друг? Како да се постигне тоа, а да се зачува структурата, тонот и емоцијата во песната? Процесот низ кој се прави препев на поезија првенствено подразбира темелно запознавање на поетот, на неговиот живот, начинот на размислување, периодот кога е создавана неговата поезија, културно-општествениот контекст, неговите лични животни циклуси, другото негово творештво итн. Затоа што препевот претставува повторно пишување на таа поезија, неопходно е да се „води дијалог“ со поетот за да се добие еден вид „палимпсест од кој е изгребан првиот запис заради пишување на нов текст, така што стариот текст да може јасно да се прочита“ (Жерар Женет). Токму таа „транспарентност на текстовите“ беше првичниот агенс што ме поттикна да им најдам „заеднички јазик“ на шпанскиот и на македонскиот јазик, како комплетно различни знаковни системи.
Својот поетски живот, Неруда го почнува со љубовната поезија и го завршува со неа. Зашто тој знаел дека поезијата „мора да се движи потамина и да се сретне со срцето на човекот, со очите на жената, со непознатите на улиците, со оние што точно на самрак или среде ѕвездена ноќ, имаат потреба макар и од еден единствен стих“.
Токму такви се песните во стихозбирката „Сто љубовни сонети“, кои, напишани пред повеќе од шеесет години, и ден-денес звучат иновативно, модерно и со силен емотивен набој. Таквото опстојување во времето е силен показател дека Неруда напишал безвременска поезија, евергрин.
Поезијата на Пабло Неруда (12 јули 1904 – 23 септември 1973) е разгранета во неколку различни стилови и мотиви, почнувајќи од еротските љубовни песни (како „Бели ридови“), надреалистичните поеми, историските епови, како и политичките манифести. Најобожаваните песни на Неруда се собрани во неколкутомното издание „Оди за скршените нешта“. Бил почитуван и ценет не само од читателите и критиката туку и од своите современици. Колумбискиот писател Габриел Гарсија Маркес го нарекол Неруда „најголемиот поет на 20 век на кој било јазик“. Во 1971 година, Неруда ја добива Нобеловата награда за литература, а следната година и „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“. Неруда важи за поетот кој има читано свои стихови пред најмногубројна публика, и тоа во две пригоди: во 1945 година на стадион во Сао Пауло, Бразил, пред 100.000 луѓе читал песни во чест на комунистичкиот водач и револуционер Луис Карлос Престес. Вториот пат, откако ја примил Нобеловата награда за литература, читал стихови пред повеќе од 70.000 луѓе, по покана од претседателот Салвадор Алјенде, во Аргентина. Ќе се пресели да живее таму сè до својата смрт.
Иако имал статус на легенда во текот на својот живот, по смртта Неруда ќе стане вистинска митска личност – неговиот погреб ќе одекне низ целиот свет. Имено, по наредба на Пиноче погребот на Неруда не смеел да стане јавен настан, но илјадници Чилеанци, со солзи во очите, и покрај смртните закани, ги преплавуваат улиците во чест на големиот поет. Со тоа, погребот на Неруда се претвора во прв голем јавен протест против новововедената диктатура.
Книгата „Сто љубовни сонети“ веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.