Куќа без книги е како соба без прозорци. Секој дом е комплетен кога има книжевно катче, кое внесува посебна топлина, ведрина и надеж. Секое дете треба да живее безгрижно, со пристап до соодветна литература и едукативни изданија. Имајќи ја предвид важноста секое дете да расте опкружено со книги, издавачката куќа „Арс Ламина“ се вклучи во добротворната акција „Проект куќа“, која е во организација на Здружението за хумано-општествен развој „Проект среќа“.
„Арс Ламина“ донира над 150 книги во акцијата „Младинска куќа“, чијашто цел е збогатување на домашните библиотеки во рамките на „Проект куќа“. Дел од донираните книги се наменети за дополнување на книжевните катчиња на три семејства од Скопје и Велес кои живееја во тешки услови. Друг дел од изданијата, пак, ќе бидат наменети за добротворната аукција на книги (Book Fundraise), преку која ќе се соберат повеќе средства за „Проект куќа“.
Станува збор за соодветно селектирани наслови од детската литература, интерактивни изданија, сликовници, боенки лектири од едицијата „Лесно читливи лектири“, како и романи за деца и за младинци од домашни и познати светски автори. Меѓу книгите за најмладите се: „Облачињата кои не сакаа да плачат“, серијалот за Хари Потер, „Тото мачката нинџа“, „Кралот Светкошорц“, „Петар Пан“, „Волшебникот од Оз“, „Малиот Стјуарт“, „Приказната за доктор Дулитл“ и многу други.
Застапени се и романи, биографии и бестселери за повозрасните членови на семејствата. Меѓу избраните наслови се најпознатите романи од Стивен Кинг и Филип Пулман, инспиративните биографии на Никола Тесла, Новак Ѓоковиќ, Роналдо, Меси, Алекс Фергусон, Стив Џобс, Марк Закерберг и други.
Ова не е прва донација на „Арс Ламина“ во партнерство со „Проект среќа“. Изминативе години реализирани се повеќе хуманитарни акции („Среќна школска година“ и „Биди и ти нечиј Дедо Мраз“) со донација на книги и едукативни изданија за деца од социјален ризик, како и за Детската клиника.
Во рамките на телевизискиот хуманитарен проект „Проект куќа“, здружението „Проект среќа“, под мотото „Топол дом за сите“, организира реновирање или изградба на нов дом за семејства со деца, кои живеат во исклучително нехумани и тешки услови.