Ново

Пет книги во издание на „Арс Ламина“ влегоа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година

24.02.2025.
Пет книги во издание на „Арс Ламина“ влегоа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година
Пет книги во издание на „Арс Ламина“ влегоа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година

Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2024 година што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, во состав Лидија Димковска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј Ал-Асади и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), ја направи првата селекција, избирајќи 20 од 43-те пристигнати наслови на годинашниот конкурс.

Пет книги во издание на „Арс Ламина“ влегоа во првата селекција за наградата Роман на годината за 2024 година

Станува збор за романите:


„Риба во(н) мрежа“, Јована Матевска Атанасова

„Риба во(н) мрежа“ од авторката Јована Матевска-Атанасова е победник на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2023 година. Станува збор за тинејџерски роман што третира една современа тема што ги засега најмногу помладите генерации − прекумерната зависност од технологија и предизвикот да се живее без „помошта“ од паметните телефони. Раскажувачкиот стил е непретенциозен, забавен, со внимателно дозиран хумор во приказната. Авторката, освен со јазикот, си поигрува и со формата, вметнувајќи графички содржини што треба да симулираат мобилни апликации, икони од интерфејс на мобилни уреди, рачно напишан телефонски именик, цртежи-патокази итн., кои и визуелно го разигруваат текстот и го оживуваат во рацете на читателите. Одредницата „роман за млади“ треба да се сфати само условно, како и дидактичкиот увод дека Ника, главниот лик, се обидува „да го разбие митот дали може да се преживее еден ден без мобилен, за доброто на тинејџерите“. Зад оваа своевидна лажна трага се крие посложена и послоевита приказна, во која освен спротивставувањето на реалниот и виртуелниот свет, пред читателот се открива внатрешниот, емотивен свет на една млада девојка која се соочува со многу предизвици.

Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина - публикации“.


„Ехото на акробатите“, Владимир Јанковски

Романот „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски е добитник на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2024 година. Книгата повеќе е граматика на љубовта отколку што е љубовна приказна. Не напуштајќи ја својата препознатлива раскажувачка поетика базирана на љубовта со сите нејзини убави лица и грди опачини, Јанковски овој пат подлабоко загребува и во општеството и во семејните односи. „Ехото на акробатите“ е скршена семејна фотографија со татко во центарот и деца расфрлани по периферијата, наративна сложувалка со 100 глави и недоброј значенски опашки. Со мајсторски минимализам и кристално избрусен стил, Јанковски филмски ја измонтирал приказната за тагата и празнината, за успехот и неуспехот, за подемот и падот на едно семејство... со досетливи, длабоки и незаборавни кадри и резови.

Книгата  е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина - публикации“.


„Страшни приказни“, Сузана Камберова

„Страшни приказни“ е прв роман на Сузана Камберова објавен на македонски јазик, кој беше во најтесен избор за наградата „Пегаз“ за 2023 година.

Потпрен на едно од типичните начела на готските романи – чудниот, мистичен амбиент, романот „Страшни приказни“ комбинирајќи ги хоророт и романсата нѐ води низ испреплетените животи на неколкуте добро изградени ликови, заробени во една зима, 1965 година, некаде на швајцарските Алпи. Завеани и отсечени од светот, тие си ги раскажуваат најстрашните нешта што им се случиле во животот, создавајќи цел еден паралелен, напнат и возбудлив свет во кој самите првин се само раскажувачи или слушатели, а потоа и учесници...

„Страшни приказни“ е еден необичен жанровски роман, готски роман, кој го претвора хоророт во префинета естетика. Романот е посебен и различен, со многу мистичност, со тајност и завидна раскажувачка вештина.

Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина - публикации“.


„Неочекувано“, Ана Мовска

„Неочекувано“ е дебитантски роман на авторката Ана Мовска. Ракописот влезе во најтесниот избор за наградата „Пегаз“, за најдобар необјавен роман за 2023 година (во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“).

Во романот е непретенциозно вплетен научен дискурс за двојната природа на сино-зелените алги кои ги има и на Марс, но и во Дојранското Езеро. Во различни хемиски процеси тие имаат различно дејство. Можат да бидат лековити, но и смртоносни. А, пак, таму каде што ги има, има основа да се развие живот...

Оваа кратка проза зборува и за заедништвото и за здружувањето заради постигнување повисока цел, а срамежливо ја споменува и возбудата од првиот писателски обид.  

„Кога настанал зборот неочекувано? Апстрактните поими сигурно датираат од поскоро време. Англискиот збор ’неочекувано‘ настанал во 1580 година. Значи, претходно дури и не можеле да ја искажат изненаденоста од неочекуваните нешта. Само се случувале и само ги прифаќале. И до 16 век, никој не смислил збор како да им го објасни тоа на другите. Неочекуваноста претставува мало чудо, од оние необичните настани што ги опишал Литлвуд. Неочекуваноста е моментот во кој сите се раздвижуваме, го поставуваме прашањето за целта на животот и потребата да се промениме.“

Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина - публикации“.


„И јас сум Сирма“, Зоран Спасов Ѕоф

„И јас сум Сирма“ е книжевен експеримент, историска фикција со примеси на драма, политички трилер и сатира. Авторот Зоран Спасов Ѕоф зема парчиња од нашата историја, од различни временски контексти и ги поврзува со една заедничка нишка – ликот на Сирма Војвода. Навидум неповрзани меѓу себе, приказните во романот се слеваат во еден вид наративен кластер кон центарот на романот - Сирма. Користејќи се со социјални типови, преместување на перспективата, инверзија и иронија, Ѕоф ги карикира колективните митови, си поигрува и се пресметува со стереотипите и со сето она што е типично за ова општествено-политичко и историско милје. Романот е импресивна вивисекција на македонскиот дух прикажана преку внатрешна и надворешна фокализација на главната хероина Сирма, која авторот ја издига на ниво на митолошка парадигма - синоним за сила, истрајност, храброст, бескомпромисност, но пред сè синоним за Македонија.

Книгата е во издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина - публикации“.


Комисијата има обврска да го соопштат наградениот роман најдоцна до 15 март.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

13.
Mar.
Најнови изданија
Новиот интернационален бестселер „Полноќна гозба“ од британската авторка Луси Фоли излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од...
09.
Mar.
Вести
Седмиот конкурс за наградата „Пегаз“, организирана од издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и про...
04.
Mar.
Ново
За сите кои сакаат да се хранат здраво или постат, излезе од печат уникатниот посен готвач „Ајде да јадеме“ од нутриционистот Антонио Велковски.
24.
Feb.
Ново
Издавачката куќа „Арс Ламина“, преку својот импринт „Либи“, ѝ го носи на македонската читателска публика класикот за деца „Мили...
21.
Feb.
Ново
Остануваат само неколку дена до крајот на продажната акција „Денови на литературата“, која трае до 23 февруари во сите книжарници на „Литер...
07.
Feb.
Ново
Новото енциклопедиско издание „Се викам храброст“ со 50 инспиративни приказни од животот на македонските хероини, излезе од печат во издание на &...
24.
Jan.
Ново
Дебитантскиот роман „Неочекувано“ на авторката Ана Мовска деновиве излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Лами...
21.
Jan.
Ново
Најголемата онлајн-книжарница, www.literatura.mk, е номинирана во шест категории на изборот за најдобрите во македонската е-трговија, Ecommerce Awards за 202...
20.
Jan.
Ново
Седум книги во издание на „Арс Ламина“ влегоа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година.
15.
Jan.
Ново
D1 Milano е бренд кој совршено ја комбинира елеганцијата и модерниот дизајн, создавајќи часовници кои се повеќе од обичен аксесоар. Со разновидни модели кои ...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.78 MB