Седум книги во издание на „Арс Ламина“ влегоа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година. Станува збор за романите: „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски, „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска-Атанасова, „Страшни приказни“ од Сузана Камберова, „Што се случи со Исидора?“ од Јана Мишо, „Девојката што ја наслика смртта“ од Андреа Мирческа, „Неочекувано“ од Ана Мовска и „И јас сум Сирма“ од Зоран Спасов Ѕоф.
Жири-комисијата за доделување на наградата Роман на годината за 2024 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, информира дека на годинашниот конкурс, кој траеше од 15 декември 2024 до 15 јануари 2025, пристигнаа 43 романи.
Жири-комисијата, во состав Лидија Димковска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј Ал-Асади и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), констатираше дека и годинашната конкуренција е составена од различни жанрови и дека процесот за избор на најдобро дело воопшто нема да биде лесен.
Комисијата и годинава ќе направи неколку селекции на пристигнатите романи, а селектираните романи ќе бидат објавени јавно. Жири-комисијата е должна да го соопшти името на добитникот до 15 март.
Во продолжение ви ги претставуваме книгите номинирани за оваа престижна награда.
„Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски
Романот „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски е добитник на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2024 година. Книгата повеќе е граматика на љубовта отколку што е љубовна приказна. Не напуштајќи ја својата препознатлива раскажувачка поетика базирана на љубовта со сите нејзини убави лица и грди опачини, Јанковски овој пат подлабоко загребува и во општеството и во семејните односи. „Ехото на акробатите“ е скршена семејна фотографија со татко во центарот и деца расфрлани по периферијата, наративна сложувалка со 100 глави и недоброј значенски опашки. Со мајсторски минимализам и кристално избрусен стил, Јанковски филмски ја измонтирал приказната за тагата и празнината, за успехот и неуспехот, за подемот и падот на едно семејство... со досетливи, длабоки и незаборавни кадри и резови.
Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина - публикации“.
„Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска-Атанасова
„Риба во(н) мрежа“ од авторката Јована Матевска-Атанасова е победник на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2023 година. Станува збор за тинејџерски роман што третира една современа тема што ги засега најмногу помладите генерации − прекумерната зависност од технологија и предизвикот да се живее без „помошта“ од паметните телефони. Раскажувачкиот стил е непретенциозен, забавен, со внимателно дозиран хумор во приказната. Авторката, освен со јазикот, си поигрува и со формата, вметнувајќи графички содржини што треба да симулираат мобилни апликации, икони од интерфејс на мобилни уреди, рачно напишан телефонски именик, цртежи-патокази итн., кои и визуелно го разигруваат текстот и го оживуваат во рацете на читателите. Одредницата „роман за млади“ треба да се сфати само условно, како и дидактичкиот увод дека Ника, главниот лик, се обидува „да го разбие митот дали може да се преживее еден ден без мобилен, за доброто на тинејџерите“. Зад оваа своевидна лажна трага се крие посложена и послоевита приказна, во која освен спротивставувањето на реалниот и виртуелниот свет, пред читателот се открива внатрешниот, емотивен свет на една млада девојка која се соочува со многу предизвици.
Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина - публикации“.
„Страшни приказни“ од Сузана Камберова
„Страшни приказни“ е прв роман на Сузана Камберова објавен на македонски јазик, кој беше во најтесен избор за наградата „Пегаз“ за 2023 година.
Потпрен на едно од типичните начела на готските романи – чудниот, мистичен амбиент, романот „Страшни приказни“ комбинирајќи ги хоророт и романсата нѐ води низ испреплетените животи на неколкуте добро изградени ликови, заробени во една зима, 1965 година, некаде на швајцарските Алпи. Завеани и отсечени од светот, тие си ги раскажуваат најстрашните нешта што им се случиле во животот, создавајќи цел еден паралелен, напнат и возбудлив свет во кој самите првин се само раскажувачи или слушатели, а потоа и учесници...
„Страшни приказни“ е еден необичен жанровски роман, готски роман, кој го претвора хоророт во префинета естетика. Романот е посебен и различен, со многу мистичност, со тајност и завидна раскажувачка вештина.
Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина - публикации“.
„Што се случи со Исидора?“ од Јана Мишо
Приказната во „Што се случи со Исидора?“ почнува по смртта на екстравагантната авторка Ноемија Нера. Нејзините отуѓени ќерки се враќаат во готската опатија каде што пораснале, заради отворање на тестаментот. Шокирани од содржината на документот, на Долорес и на Исидора не им преостанува ништо друго, освен да се погрижат за наследството, но престојот во морничавата опатија, опкружена со шума и гробишта, за Исидора се претвора во кошмар. Почнува да гледа лица кои не треба да се таму и луѓе кои никој друг не се сеќава дека ги видел. Откако ќе забележи девојка која би требало да е мртва веќе шеснаесет години, Исидора почнува да пропаѓа во лавиринт од лудило и очај. Од секој мрачен ходник демнат спомени на негрижа, духови од декадентни забави и соништа со давење...
Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина - публикации“.
„Девојката што ја наслика смртта“ од Андреа Мирческа
„Девојката што ја наслика смртта“ е дебитантска книга на Андреа Мирчевска. Станува збор за психолошки трилер со примеси на мистерија и драма што по сите книжевни параметри е на ниво на актуелна светска продукција во овој жанр. Деветнаесетгодишната Јулија го напушта родниот Охрид и заминува на студии на Академијата за уметности во Загреб. Цимерката Филипа ја пријавува да учествува на изложба на нови, млади сликари, каде што го запознава студентот на архитектура Адам. На површина испливуваат мрачни тајни од комплексното минато на Јулија што силно ја разнишуваат нејзината романса со Адам. Предавства, сексуално малтретирање, убиства, нарушено ментално здравје... се само дел од низата предизвици со кои се соочуваат таа и другите ликови во овој роман. Ќе успее ли Јулија да ги собере и одново да ги состави скршените делови од себе и од своите блиски и да се избори за љубовта на својот живот?
Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина - публикации“.
„Неочекувано“ од Ана Мовска
„Неочекувано“ е дебитантски роман на авторката Ана Мовска. Ракописот влезе во најтесниот избор за наградата „Пегаз“, за најдобар необјавен роман за 2023 година (во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“).
Во романот е непретенциозно вплетен научен дискурс за двојната природа на сино-зелените алги кои ги има и на Марс, но и во Дојранското Езеро. Во различни хемиски процеси тие имаат различно дејство. Можат да бидат лековити, но и смртоносни. А, пак, таму каде што ги има, има основа да се развие живот...
Оваа кратка проза зборува и за заедништвото и за здружувањето заради постигнување повисока цел, а срамежливо ја споменува и возбудата од првиот писателски обид.
„Кога настанал зборот неочекувано? Апстрактните поими сигурно датираат од поскоро време. Англискиот збор ’неочекувано‘ настанал во 1580 година. Значи, претходно дури и не можеле да ја искажат изненаденоста од неочекуваните нешта. Само се случувале и само ги прифаќале. И до 16 век, никој не смислил збор како да им го објасни тоа на другите. Неочекуваноста претставува мало чудо, од оние необичните настани што ги опишал Литлвуд. Неочекуваноста е моментот во кој сите се раздвижуваме, го поставуваме прашањето за целта на животот и потребата да се промениме.“
Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина - публикации“.
„И јас сум Сирма“ од Зоран Спасов Ѕоф
„И јас сум Сирма“ е книжевен експеримент, историска фикција со примеси на драма, политички трилер и сатира. Авторот Зоран Спасов Ѕоф зема парчиња од нашата историја, од различни временски контексти и ги поврзува со една заедничка нишка – ликот на Сирма Војвода. Навидум неповрзани меѓу себе, приказните во романот се слеваат во еден вид наративен кластер кон центарот на романот - Сирма. Користејќи се со социјални типови, преместување на перспективата, инверзија и иронија, Ѕоф ги карикира колективните митови, си поигрува и се пресметува со стереотипите и со сето она што е типично за ова општествено-политичко и историско милје. Романот е импресивна вивисекција на македонскиот дух прикажана преку внатрешна и надворешна фокализација на главната хероина Сирма, која авторот ја издига на ниво на митолошка парадигма - синоним за сила, истрајност, храброст, бескомпромисност, но пред сè синоним за Македонија.
Книгата е во издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина - публикации“.