Ново

„Арс Ламина“ ја објави првата есеистичка книга на Никола Маџиров на македонски јазик – „Дом во тишина“

19.12.2024.
„Арс Ламина“ ја објави првата есеистичка книга на Никола Маџиров на македонски јазик – „Дом во тишина“
„Арс Ламина“ ја објави првата есеистичка книга на Никола Маџиров на македонски јазик – „Дом во тишина“

По сликовницата „Рокчето“ и поетската збирка „Шестарот на времето“, издавачката куќа „Арс Ламина“ ја објави првата есеистичка книга на Никола Маџиров на македонски јазик – „Дом во тишина“. Новата публикација, што е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, на едно место ги собира сите есеи објавувани најчесто во превод, на други јазици, но не и на оригиналниот, на јазикот на којшто се напишани. „Дом во тишина“ е своевидно враќање дома на Маџиров, во својот јазик.

Изданието содржи триесетина есеи распоредени во три тематизирани циклуси именувани само со супстантивизирани придавки: Бездомни, Севремени и Епистоларни. Тоа што ја нема именката есеј во именувањето на циклусите е само уште една потврда за високо поетизираниот стил на Маџиров кога пишува и други нешта, не само поезија. Бездомни, Севремени и Епистоларни во конкретниот случај се однесуваат на есеи, но можат имплицитно да се однесуваат и на песни, животи, идеи, чувства, мисли итн...

„Дом во тишина“ содржи и поговор од Владимир Јанковски во кој на мошне прецизен, широк и високо компетентен начин се коментира неговото есеистичко писмо.
„Речиси сè во врска со Никола Маџиров е поезија. Така тој се однесува и кон пишувањето есеи. За него пишувањето есеи е само една нова форма на пишување поезија“, вели Јанковски и оди понатаму, дефинирајќи ги есеите на Маџиров дури и како песни во есеиесеизирана поезија. Поетиката на Маџиров е база, темел и на неговите есеи. Дали пишува за јазикот, за поезијата или за конкретен автор, поет... Маџиров никогаш не се одлепува од стихот како метафора за неговиот творечки хабитус. Темите  за кои ги има напишано своите најубави песни, Маџиров не ги напушта ни тогаш кога ќе ја напушти песната. Ги носи со себе и во друг жанр, овој пат (во „Дом во тишина“) ги носи во есеистиката. Домот, детството, пишувањето, смртта, тишината... се стожерите околу кои се врти и забрзува ова исклучително творештво создадено на македонски јазик.

Во Епистоларните (есеи), Маџиров споделува поетика со германскиот поет Јан Вагнер и со швајцарската авторка Моник Швитер, во духот на поранешните преписки од минатите времиња со класични писма. Овој циклус во книгата е отпечатен со старовремски фонт во манир на некогашните машини за чукање. 

„Дом во тишина“ е многу значајна книга за современата македонска книжевност. Таа, како впрочем и претходната книга на Маџиров во „Арс Ламина“ – „Шестарот на времето“, го собира на едно место распрсканото од Маџиров. „Шестарот на времето“ ги собра сите негови песни, а во „Дом во тишина“ се најдоа сите негови есеи претходно публикувани во светот, на други јазици, но и сосем нови.

Никола Маџиров (1973) е еден од најпознатите и најпреведувани поети од Македонија. Досега има објавено дузина книги на македонски јазик, вклучувајќи ги и изборите поезија, а уште толку има објавено во земјите во странство. Добитник е на поетската награда „Хуберт Бурда“, светската награда за книжевност „ДЈС“ во Кина (2011), европската поетска награда „Левир литерер“ (2015) во Франција, наградата за придонес во современата европска поезија на колеџот „Кингс“ во Кембриџ (2016), главната поетска награда на меѓународниот поетски фестивал „Орфеј“ во Пловдив, Бугарија (2019), меѓународната поетска награда „Литричр енд арт нетворк“ во Пекинг, Кина (2021), националната награда за поезија „Браќа Миладиновци“ на „Струшките вечери на поезијата“ и уште две поетски награди со национален предзнак: „Студентски збор“ и „Ацо Караманов“.

Покрај „Дом во тишина“, годинава беа објавени и промовирани неговата прва книга за деца „Рокчето“, со илустрации на Анета Илиевска (импринт „Либи“) и „Шестарот на времето“ („Арс Либрис“), со неговото целокупно поетско творештво. Сликовницата „Рокчето“ беше презентирана на  две промоции, во Скопје и во родната Струмица на Маџиров. Големата поетска книга „Шестарот на времето“, пак, беше промовиран со мултимедијален настан, со проекција на видеа, поетско читање и музички настап со повеќе од 20 учесници, во рамките на првото издание на фестивалот за литература и општа култура – „Видик“.

Книгата „Дом во тишина“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, веќе е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

05.
Apr.
Ново
Долгоочекуваната биографија за еден од најголемите музичари на овие простори, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина –...
04.
Apr.
Ново
На 3 април, со почеток во 20 часот, љубителите на театарот имаа несекојдневна можност да ја проследат апсурдната драма „Лекција“ од Ежен Јонеско,...
03.
Apr.
Ново
Промовиран најновиот роман на писателката Оливера Ќорвезироска, „Три Марии“ вчеравечер (2 април) во „Литература.мк“ во „Да...
02.
Apr.
Ново
На Светскиот ден на литературата за деца издавачката куќа „Арс Ламина“ го распишува традиционалниот литературен и ликовен конкурс „Читањето...
31.
Mar.
Ново
Четвртиот роман на Моџо Килингтон – „СФ-СН“, излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публи...
30.
Mar.
Ново
Долгоочекуваната книга посветена на Ѓорѓе Балашевиќ, „Панонскиот адмирал“ од Иван Ивачковиќ, излезе од печат во издание на „Арс Либрис&ldqu...
29.
Mar.
Ново
Инстант-бестселерот број 1 на „Њујорк тајмс“ - „Изградете живот каков што сакате“ од Артур Ч. Брукс и познатата ТВ-водителка Опра Вин...
26.
Mar.
Ново
Новиот роман-басма на писателката Оливера Ќорвезироска, „Три Марии“, излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ла...
26.
Mar.
Ново
Светскиот бестселер „Најсреќниот човек на светот“ од Еди Јаку – човекот што го преживеа Аушвиц, излезе од печат на македонски јазик во изда...
25.
Mar.
Ново
Првиот конкурс за наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади, е отворен и ќе трае до 11 јуни 2025 година.
array(0) {
}
Memory Consumption is: 5.82 MB