Под слоганот „Најдоброто станува подобро“, „Литература.мк“ го најави спојувањето со „КупиКнига.мк“ во една е-книжарница. И двете е-книжарници, кои досега беа најпосетуваните интернет-страници за купување книги кај нас, продолжуваат да работат на заедничката веб-адреса www.literatura.mk, со што „Литература.мк“ станува и најголемата македонска е-книжарница.
„Купувањето книги преку интернет последниве години доживеа огромна експанзија. Затоа донесовме одлука што гарантира дека ќе продолжиме да го имаме најзабележливото присуство како во нашите физички книжарници, така и на интернет. Со припојувањето на ’КупиКнига.мк‘ кон ’Литература.мк‘, стануваме прва и најголема страница за купување книги, со најголем и најдобар избор, најдобро корисничко искуство и најпрофесионална грижа за сите читатели во нашата држава“, истакна Александра Лукиќ, маркетинг-директор на „Литература.мк“.
Во областа на онлајн-продажбата на книги, „КупиКнига.мк“ успешно функционираше повеќе од десет години. Спојувањето кон „Литература.мк“ е со цел да се пресретнат потребите на поголем број корисници, овозможувајќи им, пред сѐ, на брз и едноставен начин да дојдат до книгата што ја сакаат.
„Спојувањето на двете најголеми македонски е-книжарници е исклучително важен момент за сите љубители на читањето – го зголемува потенцијалот за уште подобри продажни акции, како и за неприкосновен професионализам во онлајн-малопродажбата и дистрибуцијата на книги до купувачите“, додаде Андреа Ичокаева-Бундалевска, раководител на е-продавницата „literatura.mk“.
Книжарниците „Литература.мк“ се веќе препознатливи сврталишта за сите љубители на книгите. Продажните места се уредени според современите светски стандарди и се лоцирани на најфреквентните места во Скопје, Битола и во Струмица. На полиците на книжарниците застапени се книги од најголемите издавачки куќи, домашни и странски, како и едукативни изданија, дизајнирани артикли и производи од гифт-програмата, од повеќе домашни и странски брендови и компании. Книжарниците се конципирани и како места за одржување на разни културни настани, промоции на книги, концерти, бизнис-презентации и снимања.
На е-продавницата „Литература.мк“ застапени се над 15.000 производи од 70 издавачки куќи, како и од 80 гифт-брендови, како подароци, дизајнерски додатоци за домот и канцеларијата, играчки, едукативни, арт и колекционерски производи и училишна опрема.