Ново

„Философија на моќта III“ од Калистрат Санџакоски е нов стручен наслов во издание на „Арс Ламина“

16.11.2023.
„Философија на моќта III“ од Калистрат Санџакоски е нов стручен наслов во издание на „Арс Ламина“
„Философија на моќта III“ од Калистрат Санџакоски е нов стручен наслов во издание на „Арс Ламина“

Светскиот ден на философијата, 16 ноември, го одбележуваме со изданието „Философија на моќта III“ (2023), стручен труд на философот Калистрат Санџакоски. Во својата трета книга посветена на проучувањето на моќта „што се раѓа од духот на несвесното и потсвесното“, како што забележува професорот Ристо Солунчев во освртот кон неговата втора книга од серијалот за моќта, Санџакоски ја проучува морфостетската дијалектика преку раскажувачкиот мотив за отруениот Херакле и причината за неговото махинално насилно однесување, за што ќе напише:

„Морфостетската дијалектика, новиот бренд на трансцендентализмот, вешто го класифицира, суптилно го специфицира и строго го систематизира битието во светот. Прво и основно што треба да се знае за морфостетската дијалектика е следново. Што се подразбира под трансценденталност, а што под дијалектика? Ќе ја заобиколиме морфостезата, интуитивното ловење и употребување на облиците од светот и во психата. Таа е посебен предмет на нашето онтолошко измолување. Поделбата на ’свет и психа‘ го поставува темелот на трансценденталната дијалектичка структура. Егзистентноста и психичката внатрешност се апсолутни корелати, но насоката на развојот и самиот развој го втемелуваат светот и егзистентноста, заради изгледот што ги отвора вратите до многузначните својства на појавите...“

Во овој труд Санџакоски го критикува Кант. Потеклото на критиката содржана во „Морфостетска дијалектика“ не е очигледна на прв поглед. Санџакоски го смета Кант за прв антиципатор (и следствено условен застапник) на машинското мислење во услови на човечката природа. За Кант, стварноста има строги поредоци што ги преобразува трансценденталниот ум за да создаде безусловни апстрактни структури, односно системи, инваријантни корелати на поредоците од стварноста. Кант го признава апсолутното својство на формата, заедно со чувствата и сликата на егзистенцијата воопшто, решително тврди дека без нив умот не може да создава трансцендентални производи. Но, за него, сите три фундаментални извори на креативноста се формален и закоравен мост што му дава доволна основа на умот да ги поврзе апстрактните принципи на системско постоење со начините на кои постојат поредоците.

Според Санџакоски, формата е жива материја со чија помош умот извлекува пригодни елементи од структурата на објектите и собитијата, независно дали умот ги проектира во вообразбата или постојат спроти него во стварноста. Изобличувањето на структурата на објектите за да се добие нешто друго и постапната морфостетска редукција на целиот предмет на интерес собран во фокусот се елементи на конкретното искуство што го учат умот како да создава апстрактни принципи. Умот не скока од формата на поредокот во содржината на системот за да ја создаде и да ја регулира. Тој не воспоставува априорни дуалистички врски. Умот не се обучува и не оперира нихилистички како машинското мислење, туку учи да го апстрахира конкретното преку креативно изобличување и пресоставување на изобличеното. За да ги надминеме спорните принципи на машинско мислење, во душата мора да постои гешталт-природа што ги овозможува овие ракувања со формата како таква и материјалниот елемент непосредно го преобликува во апстрактен ентитет. Санџакоски ја истражува гешталт-природата и го развива идејниот комплекс на Јохан Фридрих Херберт. Така, тој го продолжува спорот што Херберт го води со Кант, овој пат не на почвата на педагогијата, туку по прашањето на мислењето и неговото потекло.

Како пример за лошото влијание на класичната дијалектика, Кант во „Критика на чистиот разум“ махинално ги наведе оптичките нарушувања. Со тоа, Кант алудира дека оптичките нарушувања однапред го разрушуваат поредокот на стварноста и со тоа ги блокираат апстрактните операции на умот. Умот нема соодветен и однапред регулиран образец, затоа не може да ги произведе апстрактните системи. Санџакоски го уловува овој атомски сегмент од неговата критика и неговиот став го изложува на проверка. Да го покаже спротивното му помагаат неколку примери од современата гешталт-психопатологија, феноменолошката психијатрија, како и неколку истражувања од областа на халуцинаторните и вообразбени динамики, појави и пројави тесно поврзани со психологијата на Херберт.

Философската теорија на Санџакоски ги освежува актуелните спорови поврзани со капацитетите на човечката природа и вештините на „вештачката интелигенција“. Санџакоски го транскрибира и го пресместува ваквиот суперсовремен предмет на интерес во полето на чистата антропологија.

Калистрат Санџакоски е роден во 1990 година во Струга, во семејство на истакнати црковни интелектуалци и духовници и растењето во таа духовна и интелектуална средина го предодредува неговиот понатамошен развој. Уште во гимназиските денови, тој се определува за општествено-хуманистичките науки. Во 2009 година завршува гимназија во родниот град. Во 2012 година дипломира на престижната Духовна академија во Санкт Петербург. Во 2018 година успешно ја брани својата магистерска теза на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ со наслов: „Два спротивставени аспекти на моќта – Нихилистичкиот и исихастичкиот“. Неодамна се запишува на Школата за докторски студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања. Тој е автор на голем број текстови и научни трудови објавени во престижни домашни и странски списанија.

Книгата „Философија на моќта III“ е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и може да се нарача онлајн на интернет-страницата https://www.literatura.mk/filozofija-i-svetogled/39149-filosofija-na-mokta-iii

Поврзани производи

Sačuvano u omiljne
Motivišuće
Kreativno
Prilagođeno uzrastu
420 МКД
6,80 EUR

Остави коментар

Во моментов нема коментари

Слични статии

19.
Dec.
Ново
По сликовницата „Рокчето“ и поетската збирка „Шестарот на времето“, издавачката куќа „Арс Ламина“ ја објави првата есеист...
17.
Dec.
Ново
Секој писател постојано бара инспирација. Алекс Мајклидис, авторот на интернационалниот бестселер „Немата пациентка“, се потпрел на три познати и...
29.
Nov.
Ново
„Арс Ламина“ со задоволство ја претставува новата едиција Shelf Help – со куси и практични водичи за самопомош, кои ќе ви помогнат да го по...
29.
Nov.
Ново
Понекогаш малите уши на децата не ги собираат големите зборови на возрасните. Всушност, тие не ги разбираат. Со цел да им помогне на децата да ги разберат, а...
22.
Nov.
Акции
Во рамките на големиот шопинг-настан Black Friday (Блек фрајдеј), од денеска (22 ноември), па сѐ до 1 декември, во „Литература.мк“ ќе има сериозн...
21.
Nov.
Ново
„Градоначалник“ е првата книга од новата едиција за деца „Големи зборови за мали уши“, издание на „Либи“, дел од „А...
19.
Nov.
Ново
Подгответе се за нови книжевни патувања со „Арс Ламина“! Откријте кои интернационални книжевни хитови наскоро ќе излезат од печат на македон...
15.
Nov.
Ново
„И јас сум Сирма“ не е роман, туку нешто меѓу сага и еп. Тоа е приказна што ќе ве натера да плачете, да мразите и да се смеете... книга што никог...
14.
Nov.
Ново
Во публикацијата се  обработува еден од најгорливите проблеми поврзани со изговорот на македонскиот јазик - колоквијалниот изговор во Скопје и неговото ...
12.
Nov.
Ново
Книжевниот класик во македонската литература „Книга на небото“, од еден од најзначајните наши постмодернистички писатели Крсте Чачански, излезе о...
array(0) {
}
Memory Consumption is: 8.59 MB